|
||||
Забележав дека не му беше сеедно што се заборава црквата |
Забележав дека не му беше сеедно што се заборава црквата. Како што не му беше сеедно што се запустува селото. Иако тој ден беа дојдени разотидените селани, дедо Јанко најубаво знаеше што останало од селото. Сепак, тој ден беше како измислен ден за седенка и муабети со старите во селото. Вистински ден за навраќање кон спомените. Имаше дарба за раскажување и се гордеев со него. Имаше човечност во него и тоа уште повеќе ме пленеше. Беше принципиелен и искрен и знаеше на убав начин да упати совет и забелешка. Како што го правеше тоа со првенците за селото, затоа што душата го болеше за селото. Толку добро знаеше како да постапи спрема луѓето што на забелешките не можеа да му се подналутат ниту учителот Димко, ниту татко ми – банкарот Сергеј, ниту шумарот Стојан... оддадени на Партијата, а не презеле ништо за селото. Го почитуваше татко ми што беше првоборец и трипати ранет во војната, но не му се допаѓаше неговото однесување на заробеник на партискиот систем кој, како што рече, не води сметка за денешницата на селаните, а ги заборава и македонските јунаци пред партизаните. Му пречеше што во идеалите на комунистите нема многу место за идеалите на војводите и комитите. Овде треба повеќе да ја чувствувам македонштината, ама не е така. Во Австралија, во таа туѓа земја, повеќе се сеќаваме на војводите и комитите – велеше. – Ич не ја разбирам овдешнава политика. Никој не му противречеше. Зашто дедо Јанко ја кажуваше вистината. С# што кажуваше беше вистина. Денот стивна, ама дедо Јанко не стивна. Продожи да раскажува вечерта околу огништето, крај коешто го минал детството. Секој имаше свое место и свое столче. И во времето на дедо Јанко така го минувале времето крај огништето, па с# уште останала таа навика, секој да има свој триножник. Само што порано, како што рече дедо Јанко, имало многу повеќе столчиња, затоа што куќата била полна со луѓе. Кога се селевме, за спомен во град си го понесувавме своето триножниче. Така, таа вечер се договоривме со дедо Јанко јас да расклопам едно такво столче, за да си го понесе во Австралија. И уште вечерта го спакува во својот голем куфер. Сите семејни планови порано се носеле крај огништето, а таа вечер со дедо Јанко напрвивме план за прошетка низ Македонија. Кога требаше да тргнеме, дедо Јанко стана рано, по самото разденување. Првиот ден го минавме во пешачење по поречките беспатја, а потоа по правливиот пат до Брод. Ги посетивме Прилеп, Битола, Охрид, Дебар, Маврово, но најважна ни беше посетата на Крушево. – Сакам на некој камен во коријата каде што загина брат ми да му запалам свеќа – ми рече. За време на целото патување фотографираше, а во Крушево и на Мечкин Камен – најмногу. Ги сликаше и падините, и кориите, и грмушките... – Тој ден кога дојде абер за загинувањето на Васила, јас бев во бавчата. Еден младич на коњ дојде во нашиот двор, ја извика мајка ми, без да слезе од коњот & кажа нешто и веднаш замина. Мајка ми писна, по некоја минута дојде кај мене, плаче и ми вели: Брат ти Васил загинал, брат ти Васил загинал… Останав на местото стаписан, без да кажам збор. Цело попладне останав да седам меѓу цвеќињата во бавчата, збунет и натажен. Кога влегов дома собрав сила да ја прашам мајка ми: А, татко ми? Таа дознала и за неговото ранување. Приквечер дојдоа браќа ми Аврам и Мојсо. Ноќта ни беше бесона и само плачевме. Некаде в зори сум заспал и сум сонувал како си играм со Васила по ливадите. С# уште го паметам сонот, како сме играле… Ми раскажува и ме гледа во очи. Го водеа емоциите, некаде меѓу сенката и светлината. Впрочем, како за време на целиот негов престој во Македонија. По неколку броени денови, дедо Јанко тргна на пат за Австралија. Ја напушти Македонија засекогаш. Но не и во мислите.
|