Среда, 04 Октомври 2017    PDF Печати Е-пошта
50 години од возобновувањето на Охридската архиепископија во името на Македонската православна црква

mpc-grb

Оваа година ќе биде запишата со златни букви во историскиот развој на Македонската православна црква – Охридска архиепископија. Имено, во 2017 година се навршија 50-години од возобновувањето на Охридската архиепископија во името на Македонската православна црква. Во таа чест на 30 септември се одржа свечена духовна академија во катедралната црква “Света Софија “ во Охрид.

Меѓутоа, во последните неколку децении, Македонската православна црква – Охридска архиепископија (МПЦ-ОА) била, е и веројатно, ќе биде цел на дискусии, полемики, расправии, па и напади на црковни­те институции на соседните земји и пошироко, коишто настојуваат да го спречат и оддол­жат нејзиното влегување во семејството на рамноправните црковни организации во пра­вославието. Притоа, се чинат обиди да се оспорат и историските канонски темели на целокупниот живот на Македонската православна црква – Охридска архиепископија.

Во притисоците, изолаци­ја­та и негирањето на МПЦ-ОА и на нејзиното легитимно постоење, е ангажиран голем дел од пропагандната и медиуимска машинерија, која има за цел да ги искривува и премолчу­ва историските факти од минатото и од сегашноста, а тоа се прави со намера да се до­ве­дат во прашање основните обележја на православниот македонски народ, неговиот црко­вен организам и неговата вистина, како народ кој постои со векови, го чува право­славието да има самостојна, суверена и независна држава – Репуб­лика Македонија.

Исто така, одредени кругови и поединци на православните цркви на соседните зем­ји, како да го заборавиле и сопствениот пат на стекнување на самостојност и право на своја православна народна црква.  Се премолчува осумвековното постоење на Ох­рид­ската архиепископија чие основно јадро, од нејзиното формирање до нејзиното не­законско укинување, ги претставувало христијаните од сите делови на Македонија.

Се премолчуваат вековните движења на Македонците во XIX и XX век за обновување на Ох­ридската архиепископија, со што се оспорува континуитетот на оваа институција во ли­цето на Македонската православна црква како легитимен претставник на сите пра­во­славни верници во Република Македонија и на целиот македонски народ во светот.

Факт е дека денес, и по меѓународното признавање на Република Македонија и нејзиното зачленување во Организацијата на Обединетите нации, и натаму се негира автокефалноста на Македонската православна црква. Тоа може да се смета како атак на христијанското битие на маке­дон­скиот народ. Затоа, потребно е да се истакнат, заедно со историската вистина на ма­кедонскиот народ, канонските и историските темели на Македонската православна црк­ва, нејзиниот континуитет како дел од светската културна ризница.

Во историскиот развој на Македонија е забележано дека во времето на Втората светска војна, македонскиот народ активно учествувал во неа со цел да се ослободи од фашистичкиот окупатор и да се здобие со национална слобода, државност и црковно осамостојување. Првиот официјален акт во врска со регулирањето на македонското црковно прашање бил донесен на 15 септември 1943 година, од страна на тукушто формираното Верско поверенство при Главниот штаб на македонската војска.

Веднаш по формирањето на Верското поверенство, на ослободената територија, во селото Издеглавје - Охридско, бил одржан Првиот свештенички собор, на кој едногласно биле донесени решенија од првостепено значење за натамошната иднина за црковното управување во Македонија. Тогаш македонското свештенство одбило да ја признае јурисдикцијата на која и да е туѓинска црква, барајќи во слободна Македонија да се обнови Охридската архиепископија и црковниот живот на слободниот македонски народ да биде раководен од Македонската православна црква. Подоцна и во селото Горно Врановци, уште за време на војната, бил формиран Иницијативен одбор за постојано организирање на Македонската православна црква. По завршувањето на војната, тој Иницијативен одбор го презел црковното раководење и ги спроведувал подготовките за одржување на Првиот македонски црковно-народен собор.  

Првиот македонски црковно-народен собор се одржал во Скопје на 4 и 5 март 1945 година. На овој Собор земале учество повеќе од 300 делегати - свештеници и мирјани. Како главна цел на соборот била да се обнови Охридската архиепископија како Македонска самостојна православна црква, која нема да биде потчинета на која и да било помесна православна црква; со своја народна хиерархија и народно свештенство. Потоа, Иницијативниот одбор за организирање на Македонската православна црква на 23 јули 1958 година, заедно со целокупното свештенство донело одлука за свикување на Вториот македонски црковно-народен собор. Соборот бил одржан во Охрид, во црквата „Света Софија“. Таму, повторно била донесена одлука за обновување на Охридската архиепископија. Веднаш потоа бил избран македонски митрополит, поглавар на Македонската православна црква, кој ја добил титулата, „охридски архиепископ“. Тоа бил митрополитот Доситеј.

На Третиот црковно-народен собор, одржан на 18 јули 1967 годинa, била прогласена автокефалноста на Македонската православна црква, настан, кој, секако, треба да се прифати како момент за возобновување на Македонската православна црква, два века по нејзиното незаконско укинување. Токму од таа причина годинава, кога се навршија 50-години од возобновувањето на Охридската архиепископија во името на Македонската православна црква се одржаа големи прослави.

sv-kliment
Свети Климент Охридски

sv-naum
Свети Наум Охридски

Одлуката за самостојност на Македонската православна црква била потврдена преку отслужувањето на заедничка архијерејска литургија со српскиот патријарх Герман, на 19 јули 1959 година, во црквата „Света Мина“ во Скопје, и, истовремено, е извршена и хиротонија на преспанско-битолскиот владика Климент. Со тоа, Светиот архијерејски синод на Српската православна црква дала самостојност на Македонската православна црква, со тоа што таа и понатаму останува во канонско единство со Српската православна црква преку нејзиниот патријарх.

По неколку дена во црквата „Свети Никола“ во Штип е хиротонисан г. Наум за владика на Злетовско-струмичката епархија. Конституиран е Синодот на Македонската православна црква според нејзиниот Устав, како и другите административни органи и тела во Архиепископијата и во епархиите.

Во мај 1962 година во придружба од патријархот Герман, со неколку епископи  на Српската православна црква, во посета на Македонската православна црква дошол московскиот патријарх Алексеј, придружуван од митрополитот Никодим, епископот Пимен и повеќе великодостоинственици на Руската православна црква. На празникот Свети Кирил и Методиј во црквата „Света Богородица Каменска“ во Охрид била одржана и архијерејска литургија, на којашто зеле учество московскиот патријарх Алексеј, српскиот патријарх Герман и архиепископот охридски и митрополит македонски Доситеј.  Ова било прво сослужување на поглаварот на Македонската православна црква со поглавари на други автокефални цркви.

Во 1966 година, односите со Српската православна црква повторно се влошуваат. По новонастанатите недоразбирања и судири, Светиот синод на Македонската православна црква на 17 јули 1967  година, во Охрид, го свика Третиот црковно-народен собор и на свечената седница во охридската црква „Свети Климент“ ја прогласил Македонската православна црква за автокефална. Чинот на прогласувањето на автокефалноста на Македонската православна црква било извршено на светата архијерејска литургија, отслужена во црквата “Света Богородица-Перивлепта“ тогаш позната и како „Свети Климент“) на 19 јули 1967 година, од Светиот архијерејски синод на Македонската православна црква, точно по 200 години  од нејзиното укинување од страна на Отоманската Империја. 

plaosnik
„Свети Климент“ во Охрид

Последниот Устав на Македонската православна црква бил донесен во 1974 година, според кој Македонската православна црква своите работи ќе ги управува и ќе ги води независно, во согласност со догматското и канонското единство со другите православни цркви. Македонската православна црква има свој грб, свое знаме, а службен јазик е македонскиот. Црковно – епархиски тела и административни органи на Македонската православна црква се: 1. Архиепископот, 2. Светиот архијерејски синод, 3. Архијерејскиот црковен суд, 4. Епархиите, седум во Република Македонија и четири во прекуокеанските земји (Американско – канадска, Австралиска-новозеландска, Европска и Сиднејско-Австралиска епархија), кои се управувани од надлежни владици со помош на архијерејски заменици во градовите на овие епархии. Основни единици на територијалната поделба се парохиите, управувани од свештениците.

Светиот архијерејски синод е одговорен за религиозните и за воспитните активности, за издавање на религиозна литература, како и за воспоставување на свештенството и на монаштвото.

Македонската православна црква игра значајна улога во собирањето на Македонците во земјата и надвор од неа. Македонскиот народ во неговата долговековна борба за своја сопствена држава, за национална и за културна слобода и независност, во исто време, се бореше и за независност на својата православна црква. Затоа, историјата на македонскиот народ во последниве илјада години секогаш била тесно врзана со Македонската православна црква, со Охридската архиепископија. Немајќи своја сопствена држава, Македонците добиле, во некоја смисла, национална независност за долг временски период, преку Охридската архиепископија. Црквата била таа која организирала голем дел од културната, од уметничката дејност на македонскиот народ, пред сè преку градење на цркви и манастири.

Инаку, Македонската православна црква во Република Македонија е сопственик на околу 2.000 цркви, манастири, параклиси и други верски објекти, кои припаѓаат на седум епархии во Република Македонија, потоа, под нејзина јурисдикција се околу осумдесет македонски православни цркви, манастири и црковни општини во дијаспората, кои припаѓаат на четирите епархии. Потоа МПЦ-ОА има над петстотини свештенослужители и монаштво, дванаесет великодостојници (владици), на чело со поглаварот на Македонската православна црква - Охридска архиепископија, г.г. Стефан во Република Македонија и светот. МПЦ има отворено Богословско средно училиште и Факултетот за богословија „Свети Климент Охридски“ кој е во состав на државниот универзитет „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје.

На 12 ноември 2009 година, Македонската православна црква во своето име ја додаде додавката Охридска архиепископија како директна наследничка на старата Охридска архиепископија. Покрај додавање на додавка, Македонската православна црква  – Охридска архиепископија изврши и промени во грбот и знамето, односно наместо приказот на црквата „Света Богородица–Перивлепта“, сега е приказот на црквата „Света Софија“ од Охрид, како седиште на архиепископите на Охридската архиепископија.

katin
Пишува: СЛАВЕ КАТИН

 

На прво место

News image

Мане Јаковлески: Мојот пат по стапките на месијата 2011 година (8)

Петта станица-десно кон улицата Францис, од каде патот нагло, остро се издига кон Голгота (Калварија...

Историја

News image

Границите на Македонија се таму, до каде што допира римскиот меч

Македонија станува римска провинција во 146 година п.н.е., откако римскиот војсководец Квинт Цецилие...

Иселеници

Култура и туризам

News image

ВО АНКАРА– ГРАДОТ НА АТАТУРК И ПРЕСТОЛНИНАНА ТУРЦИЈА(10)

ДЕЛ ОД ПОСЕТИТЕ НА ГРАДОВИ ВО СВЕТОТ ВО ПУБЛИКАЦИЈАТА „СВЕТОТ НА ДЛАНКА“ НА СЛАВЕ КАТИН 

Your are currently browsing this site with Internet Explorer 6 (IE6).

Your current web browser must be updated to version 7 of Internet Explorer (IE7) to take advantage of all of template's capabilities.

Why should I upgrade to Internet Explorer 7? Microsoft has redesigned Internet Explorer from the ground up, with better security, new capabilities, and a whole new interface. Many changes resulted from the feedback of millions of users who tested prerelease versions of the new browser. The most compelling reason to upgrade is the improved security. The Internet of today is not the Internet of five years ago. There are dangers that simply didn't exist back in 2001, when Internet Explorer 6 was released to the world. Internet Explorer 7 makes surfing the web fundamentally safer by offering greater protection against viruses, spyware, and other online risks.

Get free downloads for Internet Explorer 7, including recommended updates as they become available. To download Internet Explorer 7 in the language of your choice, please visit the Internet Explorer 7 worldwide page.