|
||||
Есента деведесетичетвртата се подготвував да тргнам во градот каде што се одржува голем саем на книгата |
Есента деведесетичетвртата се подготвував да тргнам во градот каде што се одржува голем саем на книгата. Пред тргнување добив повик. Повик со ѕвонење. Откако ја кренав слушалката, наместо звук, чувствував вибрации... Повик од синооката. После две децении. После една вечност. И наместо за Франкфурт на Мајна, јас заминав за Офенбах крај Франкфурт. Таму ме водеше патот до синооката. На уште една средба со спомените од минатото. Со своите две деца стигнала пред неколку месеци и беше сместена во еден дом наменет за бегалци. Цело време на невремето се молев ангели да ја чуваат синооката, оти знаев каде отиде да живее. Веднаш заминав за Офенбах за да видам дали од невремето е засенето синилото кај девојката во кое некогаш и тонев и лебдев. Отидов до домот како да сум бил илјадапати дотогаш, а одев првпат. Веројатно повторно ме водеше магијата на синилото. Кога влегов во дворот на домот, што повеќе беше паркче отколку двор, слушнав како во воздухот заѕуни моето име. Првпат се запознавме во паркче, а по една вечност повторно се сретнавме во паркче со есенски бои на дрвјата и во нашите души. Само солзите по малку го брануваа синилото, но тоа беа бранувањата што н# зафатиле уште во младоста. Едно време ми ги кажуваше плановите за својата иднина, а сега ми ја кажа накусо својата долга приказна за минатото. Телефонот веднаш го нашла во именикот. Но понекогаш е потребно многу време за да најдеш некој фенинг за телефон, ми вели. Живот! Дотогаш живеела во Винковци. Сигурна е само дека е жива, а не знае каде може да живее. Таткото на нејзините деца го напуштил семејството и заминал на другата страна. Да пука. А против кого? Се плашев и од едната и од другата страна и фатив трета страна, ми вели. Живот!.. Ако воопшто е живот. |