Среда, 18 Октомври 2017    PDF Печати Е-пошта
Како се изнесуваше македонското културно наследство за време на Првата светска војна (1)

bg 1916 karta

Научната експедиција во Македонија и Поморавија за време Првата светска војна е проект на началникот на Генералштабот на Бугарската армија генерал Константин Жостов. Експедицијата е истражувачка мисија во македонските и поморските региони, окупирани од бугарската војска.

Во 1993 година во Софија е објавена книга која содржи извештаи на бугарски научници претежно од Софискиот универзитет, кои за време на Првата светска војна организирани од бугарската армија вршат научноразузнавачка активност во окупираните области на Македонија и Поморавјето. Целта на оваа т.н. научна експедицијата во 1916 година била да се докаже бугарскиот карактер на "новите земји" и да се испише нова етнографска и политичката граница на Бугарија на некакви на научни основи. Проф- д-р Петар Петров кој го составил зборникот, материјалите за научната експедиција ги собрал во Централниот воен архив.

Од објавените извештаи може да се види како сандаци со документи, книги и архиви, потоа стари предмети, облека и археолошки наоди се носат во бугарските музеи. Овде ќе го објавиме извештајот на бугарскиот писател и етнограф на Првата бугарска армија Стефан Лазаров Костов, кој за време на Првата светска војна вршел етнографски истражувања во Вардарска Македонија.

Имено, на барање на началникот на штабот на армијата генерал мајор Жостов од 13 јуни 1916 година, испратено од Ќустендил до командантот на Првата бугарска армија генерал лајтенант Бојаџиев да се достави извештај за етнографските истражувања на Костов, на 25 јули 1916 година од Битола бил испратен одговор заедно со извештајот на Костов во кој се вели:

„Целосно и систематско презентирање на собраните етнографски материјали и набљудувања ќе можам да Ви ги преставам кога ќе завршам со својата обиколка низ новите земји и ќе ги проучам материјалите.

Мојата прва работа, штом пристигнав при доверениот штаб во градот Ниш во месец ноември минатата година, беше да ги побарам материјалите на белградските музеи. Овие материјали по објавувањето на Австро-српската војна биле пренесени во Ниш, меѓутоа по офанзивата на нашата армија во српска територија биле однесени. Од противречните искази не можеше да се утврди каде биле однесени. Едвај во Скопје во месец декември ја открив нивната трага. Дел од овие материјали биле прво пренесени во Скопје, а потоа по нашата мобилизација - во градот Митровица. Од таму биле пренесени и складирани материјалите прво во Ниш. Така тие беа пронајдени и земени од Австријците.

Во Скопско и Тетовско посетив неколку села, сепак не можев да најдам ништо ново за колекцијата на Народниот етнографски музеј.

По нашето пристигнување во Битола на 22.XII. минатата година почнав обиколка низ битолските села. Во нив и кај битолските антиквари најдов многу материјали за музејот, кои ја пополнија колекцијата што бев ја собрал порано низ тие места во време на Балканската војна во јануари 1913 година.

Од 2.I.1916 година стар стил до 17.VII. нов стил ги обиколив селата низ реонот на армијата во: Битолско, Прилепско, Демирхисарско, Порече, Кичевско, Гостиварско, Охридско,  Ресенско и патем поминав уште многу други бугарски (македонски – н.з), турски и влашки села.
 
Во месец февруари мораше да ја прекинам обиколката за некое време - едно дека немаше веќе никаква храна за коњите со кои патував, и друго - мораше да го оправдам потрошениот кредит и да ги предадам купените материјали во музејот.

На 10 март пак тргнав во обиколка. Истражувањата ми беа речиси исклучиво на културата на населението - населба, зграда, покуќнина, орудија, храна, облека, текстилни и метални украси,  за што правев и соодветни фотографски слики. Збирот на овие набљудувања открива совршено едноставен живот на сиромашно поробени земјоделско население, во чиј дом едвај што почнала да продира европската култура преку најпотребни предмети за чисто физички живот; неписмено население без никакви културни потреби, чија секојдневна тешка работа е исклучително само за храна. Голем процент од машкото население од ред години емигрира во Бугарија, Романија, Србија, Америка и др., како пекари, трговци, наемници и сл., и многу од овие печалбари секоја година редовно се враќаат во татковината. Но нивното влијание за културното дигање на останатото население е сосема слабо.

Често во планински села среде примитивните едноогнишни куќи со сламени покриви се крева бела двокатна куќа покриена со керамиди, на некој малку побогат печалбар. Но какво е уредувањето во првата, такво е и во втората: домашниот живот во двете куќи по ништо не се разликува еден од друг. Огништето во двете куќи е во центарот без камин (оџак), а не до ѕидот со оџак и кога огнот гори, непривикнат човек не може да стои во задимената соба. Разликата е таа дека во првата куќа луѓето и добитокот се заедно, а во втората, добитокот е под одајата во пондилата (подрумот). Причината за ова е, од една страна, традицијата: "така се нашло од старо време", од која Македонецот не така лесно може да се откаже; од друга - неговата желба со ништо да не даде да се разбере дека тој има нешто повеќе од другите затоа веднаш може да биде ограбен од Турците. Традицијата и стравот се најсилни од факторите кои го имаат условен животот на Македонецот во текот на многу години. Се разбира, по ослободувањето стравот ќе исчезне и населението наскоро ќе се убеди дека традицијата не е секогаш корисна и ќе овозможи голем прием на новата култура - нешто што е забележано и во слободна Бугарија.

Спротивно на сиромашната домашна средина, македонската носија, особено женската е вонредно живописна.

Главна форма на облека е: за жени - широка конопена везана кошула, бел волнен клашеник без ракави, украсен со разнобојни, претежно црвени нашивки, црн волнен плетен појас, долг некаде до 50 см, волнено шарена престилка, црно или црвено џубе без ракави, волнени шарени чорапи и марама - некаде везана, а некаде едноставна шамија; за мажи - едноставна бела конопена кошула, некаде малку везана, волнени бечви или шалвари, антерија, џамадан без ракави долама, волнен појас, кратка гуна со ракави до лактите и качулка, некаде и курдија до колена. Оваа основна форма на чисто земјоделска облека многу варира било по кројот, било по бојата и накитот.

Облека се прави од бел домашен волнен шајак, а во последно време некаде од црна, за да не се пере често облеката. Засега не купив никакви костуми - едно е дека во музејот има доста од овој крај, и друго, дека нивните цени се доста високи при денешната скапотија. Притоа облека, како и предметите на материјалната култура не се загрозени од брзо исчезнување, така што тие можат да се достават во нормални времиња. Друго е прашањето со народниот вез што по забрана на Македонскиот револуционерен комитет во 1903 година на многу места жените веќе сосема не везат, но и тоа што се везе сега или пак e останатo како спомен од бабите и прабабите, најде на ревносни љубители во лицето на Германците кои не штедат пари за да ги откупат. Затоа морав да брзам за да ги соберам и да ги зачувам од исчезнување колку што е можно повеќе и постари прекривачи и можам да кажам дека и покрај големата конкуренција јас успеав да соберам маса материјали од обиколените краеви.

Сега етнографскиот музеј веќе поседува доволна колекција, добро дефинирана, за научно истражување на историскиот развој и географската распространетост на ова народна уметност во нашите јужни нови области. Секоја од овие области има вез со карактеристични за него орнаменти и боја: кои очигледно не упатуваат кон почетокот на византиското и источната везбена уметност, и, од друга страна, тоа фрла светлина и врз историскиот развој воопшто на македонското народно облека.

На прво место меѓу собраните материјали треба да се споменат таканаречените сокаи (Битолско, Прилепско, Охридско и Струшките) или решмет (Пореч и Кичевско), со кои пред 50 и повеќе години младите невести си покривале главата и лицето. Тие се конопени ткаенини, долги до 1 м и широки до 25 см, цели извезани, бод до бод, со разнобојна волна или свила. Бојата претежно црвена и орнаментот геометриски. Горните два агли се свиткани како качулка и ја покриваат главата; останатото виси на грбот и е украсено со долги црвени реси, сребрени монети и мониста. Качулката се прикачува со подбрадник, опшиен исто со сребрени монети. Качулка се покрива со друга издолжена, везени со срма и свила и украсена со црвени реси, монети и жабја ткаенина - убрус, така да едниот крај виси на плеќите, а другиот сосема го затвора лицето на невестата. Така забулена, ја одведуваат невестата во црква, ја венчаваат и дури во куќата кумот го одвртува предниот крај на повојот над главата и го открива нејзиното лице. Везот на овие два накита е крајно архаичен. Тие се веќе исчезнати и едвај можат да се најдат некои цели примероци во пустелија на планинските села, и тоа само волнени. Низ целата обиколка јас собрав доволно волнени, а свила, кои се многу фини, едвај пет сокаи.

Убрусите се уште поретки и најдов само три свилени и три волнени во Кичевско и Порече. Некогаш Евреите антиквари за ништо и за никаква цена ги собирале и ги извезувале преку Солун за Европа и Цариград, особено кога Врховниот македонски револуционерен комитет ги забранил сите слични накити во цела Македонија. Оттогаш почна падот на македонскиот вез. Нема збор за споредба помеѓу стариот и денешниот вез. Во Струшките и денес се наоѓаат сокаи, само во понова форма - иста должина, а ширина до 15 см, везани претежно со црвена свила и црна волна, долу украсени со долги црни реси. Стариот убрус денес во Битолско и Струшко е заменет со нов, кој го носат сите жени. Долга бела ткаенина со пришиени на двата краја ткаени црвени квадратни парчиња и црвени реси во Битолско; квадратна бела ткаенина, едниот крај извезен главно со црна свила, а од неодамна и ткаен со претежно црвени орнаменти - во Струпко. Како последниот, тој се носел до неодамна во Охридско, но неговиот вез е поширок и беше извезен главно со црвена свила. Од сите овие убруси, зедов неколку примероци за музејот. 

На второ место треба да се спомене т.н. ракавчиња од Битолско – нашивки везани исклучително со бела и црвена свила за декорирање ракавите на клашниците. Тие веќе ги нема; од нив можев да соберам десетина парови од некои битолски села. Орнаменти се одлично стилизирани растителни мотиви.

Особено впечаток прави и денес уште женската кошула со прекрасните везани ракави, полите и пазувите. Таквите кошули и везени делови од кошули собрав во големо количество. Треба да забележам дека местото од каде потекнуваат сите собрани везови е точно утврдено, а исто така по можност и датумот на секој вез, името и возраста на жената, која везела.

Тие истражувања не беа насочени само на бугарското (македонското) население, туку и врз соседните и инородни племиња - Албанци и Власи, за да си објаснам некои меѓусебни влијанија и односи. За истражување од областа на духовната култура и јазикот - народни песни, приказни, верувања, обичаи и др., за кои е потребно подолго седење на едно место, немав време и оставив за подоцна. Јас, исто така, не направив забелешки за физичкиот тип на населението, бидејќи тоа не е во моја надлежност.


Овде можам само да кажам дека новите области претставуваат богат и интересен материјал за специјалист антрополог.

Од многуте запоставени материјали, зедов за музејот еден килим во Скопје и десет килимчиња  во Битола; другите што ги видов не се од интерес за музејот. Исто така, собрав српски офицерски и војнички униформи (цели и делови) и сабји за идниот воен музеј.

 
Во моите патувања најдов многу урнатини од антички населби и згради, како и многу стари цркви и манастири, интересни со својата архитектура и фрескосликарство. Неопходно е пшто поскоро да се посетат овие старини од археолози.“

Од овој извештај може да се види како бугарските научници во организација на разузнувачката служба на Бугарската армија всушност го изнесуваа македонското културно наследство од Македонија за потоа истото да биде преставувано како бугарско.

Сепак, Костов кој е ученик на Ватрослав Јагич, во својот извештај го спомнува постоењето на Македонецот. Опишувајќи ја состојбата во Македонија и погледите на македонското население кон сопственото културно наследство во тој период, Костов се обидува да ја оправда активност на бугарската армија во новоосвоените земји. Сепак оваа активност за време на Првата светска војна, која за жал е злоупотребена за докажување на бугарскиот карактер на земјата, овозможи да се сочуваат од уништување бројни историски документи и артефакти од Македонија. 

Продолжува

(извор: http://macedonia.kroraina.com/bg_1916/index.htm)

 

На прво место

News image

Мане Јаковлески: Мојот пат по стапките на месијата 2011 година (8)

Петта станица-десно кон улицата Францис, од каде патот нагло, остро се издига кон Голгота (Калварија...

Историја

News image

Границите на Македонија се таму, до каде што допира римскиот меч

Македонија станува римска провинција во 146 година п.н.е., откако римскиот војсководец Квинт Цецилие...

Иселеници

Култура и туризам

News image

ВО АНКАРА– ГРАДОТ НА АТАТУРК И ПРЕСТОЛНИНАНА ТУРЦИЈА(10)

ДЕЛ ОД ПОСЕТИТЕ НА ГРАДОВИ ВО СВЕТОТ ВО ПУБЛИКАЦИЈАТА „СВЕТОТ НА ДЛАНКА“ НА СЛАВЕ КАТИН 

Your are currently browsing this site with Internet Explorer 6 (IE6).

Your current web browser must be updated to version 7 of Internet Explorer (IE7) to take advantage of all of template's capabilities.

Why should I upgrade to Internet Explorer 7? Microsoft has redesigned Internet Explorer from the ground up, with better security, new capabilities, and a whole new interface. Many changes resulted from the feedback of millions of users who tested prerelease versions of the new browser. The most compelling reason to upgrade is the improved security. The Internet of today is not the Internet of five years ago. There are dangers that simply didn't exist back in 2001, when Internet Explorer 6 was released to the world. Internet Explorer 7 makes surfing the web fundamentally safer by offering greater protection against viruses, spyware, and other online risks.

Get free downloads for Internet Explorer 7, including recommended updates as they become available. To download Internet Explorer 7 in the language of your choice, please visit the Internet Explorer 7 worldwide page.