|
||||
А мојот...? Мојот живот? |
А мојот...? Мојот живот? По нејзиното враќање празнината од синилото ја пополнував со силната верба во себе и во возвишеноста што ги имаше Тереза. Една Тереза со сина крв. Без синило во очите, ама со верба во синилото. Верувањето & беше најсилната потпора во душата и затоа се веривме дури во Ерусалим. Кога родителите се обидоа да & ја контролираат рамнотежата во верувањето, Тереза почна да ми пишува писма – ама од Америка. Потоа дојде мојата животна потпора со исто име како и синооката. Знаев дека ми беше предодредено да живеам со името што се поврзува со синилото. Како што знаев дека повторно ќе го почувствувам синилото на синооката, само што овојпат јас не го следев патот на синилото, туку тоа ме пресретна. Како што човекот што ме упати на книгата на животот – по неколку недели од доаѓањето на син му со семејството, тој се појави на мојата врата во Келн за да се увери во лекцијата што можеме да ја добиеме од животот. Каков и да е, дури и кога не сме сигурни дали воопшто тоа понекогаш е живот. Откако ја виде и тој се сети дека синооката е таа која ме посетуваше во загребската касарна. Сите тројца заедно го посетивме локалниот саем на книгата. Во потрага по книгата на животот. Уште во второто писмо по смртта на дедо ми од приказните, на Костадина му пишав за моето ветување и за мојата намера. Му реков дека сакам токму во двеилјадитата година да одам во Австралија. Тогаш ќе наполнам педесет години, а ќе има изминато точно сто и педесет од раѓањето на прадедо ни Костадина. Сакав да ја следам симболиката на годините и на преминот на вековите, оти влегувавме во третиот век на печалбарската сага на нашето семејство, на нас тројцата: прадедо ми Костадин, дедо ми Јанко и јас – три генерации, три века, три судбини..., на три континенти...
|