|
||||
Една година пред двеилјадитата тргнав да го посетам градот каде што печалбарската традиција ја почнал прадедо ми Костадин |
Една година пред двеилјадитата тргнав да го посетам градот каде што печалбарската традиција ја почнал прадедо ми Костадин. Во Детроит, во тоа време, минал близу тринаесет години. Јас три децении во мојата втора земја. Повеќе отколку во родената. А како да изминал миг. Очигледно е дека времето е само миг, а ние сме само во одреден миг од времето и – толку. Ниту се многу ниту се малку годините, ниту неговите, ниту моите. Зависи само како ќе ги сместам во сеќавањата. А тие, мислев, ќе беа нецелосни, ако не отидев на местото на почетокот на приказната за семејните талкања по светот. Патувањето на Костадина било вечност, за мене само миг. Такво е времето... Тој со параброд, јас со авион. Ама мислата, сепак, ми патуваше во вечноста. Во бескрајното синило. Горе синило, долу синило. Бескрајно. Горе вселенското, долу океанското. Бесконечно. Како океанот на моите емоции. Мислев дека бескрајно патувам по бескрајот. – Патуваме по патот на Сонцето. Ми се допаѓа ова патување, – по долго време ме оттргна гласот на дамата до мене. И таа со сини очи... – Кога наполнив четириесет години, – ми вели – славев две нови години. Прво во Манхајм, а потоа со авион стигнав и во Њујорк. Нејзиното љубопитство пред крајот на летот ме наведе да & кажам каде одам и зошто одам. – Вие сте некој исклучок. Ние Германците не сме такви емотивци... „Ние Германците?!“ – ме штрекна. Се случувало ли нешто со мене во овие три децении, почнав да се прашувам. И прадедо ми Костадин и дедо ми Јанко би се превртеле во гробот. „Њујорк, Њујорк“, си прошепотив за себе, кога уште од воздухот го забележав градот. Ја доживував прво убавината на овој град од новиот континент, но мислата ми беше на Детроит. Детроит беше вистинската моја намера. Тој беше градот што сакав да го видам. Но не го видов каков што сакав да го видам. За мене не беше само град. Беше и нешто како историја, како семејно прибежиште, семејна судбина, нешто како место за барање спомени, кое можам да го замислувам пред сто години... Јас гледав облакореди, прадедо ми гледал рудници и бараки. Голема спротивност. Немаше глетка што можеше да ме врзе со прадедо ми, но имаше бран емоции што можеа да ме врзат со него и со семејните судбини. Првата ноќ не успеав да се врзам со сонот. Цела ноќ останав буден на деветтиот кат во хотелот. Како никогаш дотогаш ме обзеде чувството на самотија. Брановите се престорија во водопади од емоции. Каква ли била самотијата на Костадина? Наредниот ден бев на Нијагара. Тамошните водопади ми се сторија помали од моите во бессоната ноќ. Бев преполн со емоции, но и со празнина тешка три века! |