|
||||
На преминот на третиот век на семејните талкања по светот |
На преминот на третиот век на семејните талкања по светот, решив да заминам на австралискиот континент. Патував со мојот пријател Норберт, со кој заедно крај Рајна гледавме како истекува тагата од душите на бегалците, отпатувавме заедно за Сиднеј. Тој патуваше поради службени, а јас поради семејни мотиви. Тој известуваше за олимписките игри, јас за да забележам нешто за семејната сага... Тој многу сакаше да пишува за човечките судбини, а јас многу сакав да узнам уште нешто за семејната приказна... Сите летаа за спортските игри, мојата мисла го прелетуваше минатото... Патував низ времето... И спроти Сонцето... Кога слетавме ја загубивме ориентацијата на денот и ноќта. Нашите часовници точно го мереа времето, ама за друг дел од светот... Ама, сепак, имав чувство дека стигнувам во мојата земја, оти мојот народ го има насекаде и затоа сите патишта водат до мојата земја, како што заклучивме со Норберт. И со желбите и со копнежите, и на јаве и на сон, сите патишта ме водат до мојата земја. На шалтерот за средба поитав со солзи радосници... Со Костадина се препознавме како да сме се познавале отсекогаш, а првпат се сретнавме. Ме пречека со своето семејство, а тоа, пак, со мајчиниот збор кој уште повеќе ми создаваше топлина на душата и светлина во очите... Кога почнаа олимписките игри јас почнав со запознавањето на австралискиот дел од семејната приказна... Беше запишана во албумите, беше внесена во топлината на домот на Костадина, ја слушав од устата на Костадина, во бескрајните разговори, беше насекаде околу мене... Првиот ден недела отидовме на гробот на дедо Јанко. Повеќе од еден час му посветувавме спомени. Повеќе отколку што мислевме дека има и дека можеме, и сето време во Сиднеј му посветувавме спомени... Имавме многу спомени за него и затоа мислам дека тој беше дедото од моите приказни од детството и младоста. Му посветувавме спомени и кај една нашинска фамилија на која & бевме на гости на Првиче... На Првиче... како во некогашните времиња во Порече... Три недели со Костадина ја прераскажувавме нашата семејна приказна. За да ја чујам јас, за да ја чуе тој. Три недели живеевме во спомените и за спомените... Само еднаш отидов да го посетам Норберт, колку да видам како живее со спортските приказни и за да се договориме за враќање. Трите недели минаа како три мига... Разделбата со Костадина и со неговото семејство ми падна тешко, ама сепак во себе чувствував голема леснина за аманетот што му го исполнив на дедо ми кој беше сместен во моите приказни. На враќање не можев да го мерам времето, ја мерев само тежината на спомените. |