|
||||
Двеилјадитата година ја дочекав во Крушево |
Двеилјадитата година ја дочекав во Крушево. Така имав испланирано десет години порано, како што ги имав испланирано патувањата во Детроит и во Сиднеј. Моите претци заминале кон Крушево да го заложат животот за повозвишени цели, а јас во нивна чест да го пречекам новиот век и новиот милениум. Последното лето од векот што изминуваше, во черените на старите куќи во Ботуше трагав по стари работи кои можеа да ме врзат со некои спомени од минатото или да ми го надополнат сознанието за семејната лоза. Ја доживеав радоста од потрагата кога наидов на предмети од Костадина. Кубура, кама, стари ливчиња со имиња на луѓе и со други записи, еден стар молитвеник и неколку некогашни долари што ги донесол од печалба и ги криел за недајбоже. А, веројатно, ги скрил за да ги најдам јас. За да можам да ги суредам таму каде што треба. И не се двоумев што ќе правам со нив. Ги понесов за Крушево. Кога му ги предадов на директорот на музејот со име на претседателот на републиката за која се борел Костадин, мојата радост од потрагата по нив премина во задоволство од предавањето на старите предмети, а задоволството го делевме заедно со домаќинот. Тоа го наведе со часови да разговараме и да разгледуваме по музејските витрини и депоа. А потоа не доведе до случајот што ми донесе и радост и задоволство – во старите хартии наидов на името на Костадина. Беше запишано во документите за илинденците, а покрај документот со името, во крушевскиот музеј останаа неговата кубура, камата, неколку стари ливчиња, неколкуте стари долари што не стигнал да ги потроши... Некогаш тој дал долари за да се купи оружје за востаниците, а јас ги предадов во музејот на востаниците. Оставив и една копија од чудната книга, како што некогаш ја викале фотографијата... Од онаа истата што си ја испратил Костадин од Америка... и што стигнала со задоцнување. По еден век стигна и во Крушево. Таму заврши патот на чудната книга за раните спомени на семејната сага, но нашата сага стигна и до третиот век... |