|
||||
Како се изнесуваше македонското културно наследство за време на Првата светска војна – архиви, документи и др. од Прилеп и Скопје (5) |
Етнографот на Втората бугарска армија Антон Поп Стоилов по влегувањето на Бугарија во Првата светска посетил повеќе градови во Македонија од каде ги прибира архивите во сандаци и ги припремил за пренесување во Софија. Покрај Крива Паланка, Скопје и Велес, во текот на ноември 1915 година, тој го посетил и Прилеп од каде ќе земе вредни историски споменици за минатото во Македонија. Во својот извештај бр. 10, од 14 ноември 1915 година, кој етнографот Стоилов го доставува до Началникот на Штабот на Втората бугарска армија зо посетата на Прилеп, тој ќе забележи: „Од 4 до 12 - ти престојував во Прилеп по службена работа. За тоа време ги разгледував библиотеките и архивите на српската машка прогимназија, на српските основни училишта, на кметството и на канцеларијата на училишниот инспектор. Мојата службено патување се крунисани со целосен успех за науката во Прилеп, бидејќи при мојата посета на манастирот "Св. Богородица" на врвот "Златоврв", именуван како "Трескавец", а кој е одалечен од Прилеп 15 километри, најдов 9 (девет) ракописи со (старославјанска – н.з.) и српска редакција од 15 до 17 век со некои приписки за нашето минато. Нив ги најдов зафрлени низ разни агли на манастирските простории и истовремено констатирав повреда на некои споменици од "новата српска култура". Најбитно е дека во црковните и училишните тавани, како и во приватните куќи на граѓаните Кочо Небреклиев, Тасо Хр. Думбалов, Ицко X. Попов и Аце Хр. Јанев најдов многу вредни ракописи за историјата на нашиот јазик од 14 до 16 век ... како и два пергаментни листа на грчки (старогрчки) јазик. Ракописите се евангелија, месецослови, филозофски размислувања - сите на број 8 кои ги прибрав и донесов тука. Книгите, ракописите, преписките и етнографските предмети ги собрав и ги донесов во штабот на II армија, каде ги адресирав до Народната библиотека и Народниот етнографски музеј во Софија. Значи, во Штабот на 2-рата армија во градот Велес се складирани 16 (шеснаесет) сандаци со книги, ракописи, старопечатни книги и преписки. Во Прилеп, како и на други места, постојат етнографски материјали како што се везови, костими, стари сечила и рачни алатки што може да се преземат под извесни услови, но бидејќи не располагам со средства, јас не ги купувам. Ако има можност почитуваниот штаб на Втората армија, би сакал да направам репрезентација пред Министерството за национално просветителство за да ми даде сума за оваа намена од 500 лева однапред.“ (ЦВА, ф. 40, оп. II, а.е. 935, л. 38) Неколку дена потоа, етнографот Стоилов ќе испрати извештај број 19, од 20 декември 1915 година, Скопје, во кој меѓудругото ќе го извести началникот на Штабот на Втората бугарска армија дека пронашол други споменици, меѓу кои и „ракописот од Софрониј Врачански (белешка со дата од 1808)“ од каде што зел белешки и ги проучувал бидејќи тоа било важно за науката. (ЦВА, ф. 40, оп. II, а.е. 935, л. 51) Многу повеќе за ракописот од Софрониј Врачански од 1808 година, етнограф на штабот на Втората бугарска армија Стоилов ќе напише во својот извештај бр. 28, од 20 јануари 1916 година, кој го испраќа до Штабот на Втората армија во Струмица. Во него Стоилов меѓудругото ќе напише: „Пренесов камен натпис со славјански букви од XIV век, најден во темелите при изградбата на .... црква "Св. Димитар" пред 10 години и темелно сокриен во земјата од страна на (егзархистите – н.з) во Скопје за да не биде земен од страна на Србите. Последниот споменик е ракописна служба од Софрониј Врачански, предадена лично од него на Черепишкиот манастир (во Стара Планина) во 1808 година, а оттаму во 1852 година владиката Доротеј Врачански го однесе во град Скопје во почетокот на црковно прашање, кога бил испратен за ... архиепископ во овој град, откриен во (Егзархиската –н.з) епархија за време на мојот последен престој. И двајцата споменици се вредни за нашето минато. П.П. Во Скопје најдов и донесов во Софија .... споменик од 1840 година и најстарите протоколи на (егзархиската – н.з.) црква-училишна општина. Вторите содржат важни информации за школувањето во Скопје.“ (ЦВА, Ф. 40, оп. II, ае 935, редови 52-53) Извештаите на етнографот на Втората бугарска армија Антон Поп Стоилов, се сведоштво, како за време на Првата светска војна се изнесуваше македонското културно наследство од Крива Паланка, Скопје, Велес, Прилеп, Ресен, Охрид, како и други македонски градови за што ќе видиме во следните извештаи. (продолжува) |