|
||||
Свето Преображение - Манастирот Зрзе |
Преданија и легенди Западно од Прилеп на околу 25 километри, над селото Зрзе е манастирот посветен на Св. Преображењние, познат како манастир Зрзе. Кон северната страна на манастирската црква негде во 17 век дошло до проширување на црквата посветена на Св. Петар и Св. Павле, а подоцна оваа црква била обновена и е позната како Овчарска црква. Некаде кон средината на 18 век османлискиот одметник од турската власт војводата Матлија се засолнил во манастирот и оттука вршел напади и грабежи. Во тие прилики во голема мера настрадал и самиот манастир. Како последна обнова на манастирот била во 19 век и тоа на црквата Св. Петар и Св. Павле. Во оваа наречена Овчарска црква се наоѓа убавиот портрет во фрескоживописот на овчарот претставен во народна носија, па оттука црквата го добила името Овчарска црква. Како што кажуваат старите од селото во оваа црква бил убиен овчарот кој бегал од нападите на Арнаутите. Беровскиот манастир Свети Архангел Михаил Манастирот се наоѓа на излезот од градот Берово нагорно кон реката Брегалница. Познат е како женски манастир од неговото постоење до денешен ден. Најзаслужен за изградбата на црквата бил поп Пецо од Берово, кој се изборил за одобрување за подигање на црквата пред турските власти. Од страна на Турците било условено црквата да се изгради за четиртиесет дена и да не биде повисока од патот што водел кон изворите на реката Брегалница. Турците го условиле попот Пецо да ја даде најмалата ќерка во харемот. Црквата била изградена за четириесет дена, не повисоко од патот, но поп Пецо не ја дал ќерката во харемот на султанот. Поради тоа тој бил одведен во зандана. Манастирот Св. Архангел Михаил бил тесно поврзан со востанието во село Разловце на чие чело стоел Димитар Поп Георгиев, внук на поп Пецо, учител и прв човек на манастирот. Полошки Манастир Св. Георги – Тиквешко Во Тиквешко се наоѓаат две најстари цркви од средниот век, едната е во село Дреново – западно од Кавадарци во близина на селото Возарци и потекнува од 11 век и е посветена на Св. Богородица. Другата е манастирот Св. Ѓорѓи Полошки манастир во непосредна близина на Тиквешкото Езеро. Од селата Бегниште и Драгожел е оддалечен на половина пат од езерото во правец на устието на реката Црна Река, кај што се влива во езерото. Единствен пат денес да се стигне до манастирот е исклучиво воден пат, со чамец. Во поодамнешните времиња се сретнале двајца селани – едниот бил од Дреново, а другиот од село Полошко, село кое денеска не постои, а има остатоци и се наоѓа од спротивната страна на манастирот Свети Ѓорѓи. Човекот од Дреново му рекол на тој од Полошко: - Нашата црква е најстара и најубава. – Нему му одговорил тој од Полошко: - Не нашата црква Св. Ѓорѓи е најубава, односно поубава од вашата во Дреново. - Не му рекол човекот од Дреново, вашата црква е полоша од нашата. Оттука денешната манастирска црква Свети Ѓорѓи народот ја нарекува Полошки. Од книгата „Манастирите и црквите во народната традиција“ од Танас Вражиновски, Скопје 2011. (Подготви Марко Китевски) |