|
||||
Првата христијанска општина во Европа (3) |
Св. Апостол Павле и Македонија Апостол Павле се наоѓал во многу тешка положба на неговото престојување во Рим.Така, откако разбрале за тешката положба, во којашто се наоѓал апостолот Павле во Рим, филипјаните веднаш го испратиле градскиот првенец и прв филиписки епископ Епафродит, за да му биде поткрепа во тешките за него денови, при што по него испратиле и соодветна материјална помош за апостолот. Притоа Епафродит бил испратен кај апостолот Павле од името на целата филиписка христијанска општина што се гледа од зборовите на апостолот: "Најдов за потребно при вас да го испратам братот Епафродит, мој сотрудник и другар во војувањето, а ваш пратеник и помагач во потребите мои, бидејќи тој копнееше да ве види сите вас и многу жалеше што сте чуле дека бил болен. Зашто тој боледуваше дури до умирање; но Бог го помилува, а не само него, туку и мене, за да не ми се натовари жал врз жал. Поради тоа го испратив поскоро, та, штом ќе го видите пак, да се израдувате, a jac да бидам помалку нажален. Примете го, пак, во Господа со секаква радост, и такви почитувајте, бидејќи за Христовото дело тој беше скоро на умирање, откако го презре својот живот, за да го дополни недостигот на вашата служба кон мене" (Филип. 2,25-30). Слична мисла искажува апостолот и кон крајот на своето Послание кон Филипјаните: "Добив се и имам во изобилие, се пренаполнив со блага, кога го примив од вас испратениот дар преку Епафродит, кој е мирис сладок, жртва пријатна, благоугодна на Бога" (Филип. 4,18). Почитта, којашто апостолот Павле ја чувствувал кон филипјаните, постепено прераснала во љубов. Својата љубов кон нив тој ја изразува со карактеристичните за него длабоки мисли, велејќи: "Како што е и право да го мислам тоа за сите вас, оти ве имам на срце - и кога сум во окови, и кога го бранам и го утврдувам Благовестието, бидејќи сите вие сте ми соучесници во благодатта. Бог ми е сведок колку многу ве сакам сите вас со љубовта на Исуса Христа" (Филип. 1,7-8). Апостолот Павле ги нарекува филипјаните "браќа мои возљубени и многупожелани, радост моја и венец" (Филип. 4,1). Свети Јован Златоуст, зборувајќи за односот на апостолот Павле кон филипјаните, вели: "О, каква нежна љубов имал тој кон Македонија!" И веднаш додава - "и на солунјаните им го соопштува истото, велејќи "А ние, браќа, откако се одделивме од вас за кратко време114 по лице а не по срце, со уште поголема желба се грижевме да го видиме лицето ваше. Поради тоа, ние, најмногу јас, Павле, и еднаш и другпат, посакавме да дојдеме при вас ; но не попречи сатаната. Оти, кој е нашата надеж или радост, или венец за пофалба? Та тоа не сте ли и вие пред нашиот Господ Исуса Христа за Неговото доаѓање? Да, вие сте нашата слава и радост" (1 Сол. 2,17-20). Истакнувајќи ја љубовта на апостолот Павле кон филипјаните, св. Јован Златоуст сосем непринудено го заменува името на градот Филипи со името на целата земја кон којашто тој припаѓа, а имено Македонија. За св. Јован Златоуст, кој живеел во втората половина на IV в. и почетокот на V в. по Христа, да ги сакаш филипјаните било исто како да ги сакаш сите Македонци, додека да го сакаш Филипи било исто како да ја сакаш цела Македонија. Таа мисла на св. Јован Златоуст покажува дека во неговото време Македонците биле познати како одделна етничка група. Понатаму, пак, гледаме дека големиот христијански проповедник за да ги поткрепи своите мисли за љубовта на апостолот Павле кон Македонија, ги цитира и зборовите на апостолот упатени кон солунјаните, а тоа значи дека св. Јован Златоуст го однесува, исто така, и Солун кон Македонија, како и солунјаните - кон Македонците. He само св. Јован Златоуст, но и св. Поликарп Смирненски (II в. по Христа), индиректно сведочи, во едно свое писмо до филипјаните, дека Филипи и Солун се градови кои й припаѓаат на иста земја и на ист народ. Во тоа свое писмо до филипјаните св. Поликарп Смирненски, зборувајќи за дејноста на апостолот Павле во Филипи, меѓу другото го пишува и тоа дека апостолот на апостолите испратил до филипјаните посланија (epistolas). Недоумица предизвикува, притоа, употребата на именката послание во множина, бидејќи во текстот на Библијата фигурира само едно послание на апостолот Павле до филипјаните. Скоро сите истражувачи (Тилман, Мајнерц и др.) се на мислење дека св. Поликарп во овој случај ги имал предвид и посланијата на апостол Павле до солунјаните. За св. Поликарп Смирненски таквата констатација била сосем нормална, бидејќи и Посланието до Филипјаните, и посланијата до Солунјаните се пишувани и испратени до македонски христијански општини. Важното во случајов е тоа дека и во II в. по Христа, Македонците, и покрај повеќевековното римско ропство, се зачувале како одделна народносна група. #913; тоа било непосредно пред доаѓањето на Словените на Балканот и нивното населување на македонската територија, што значи дека кога дошле тука, Словените нашле старомакедонско население, кое етнички било разграничено од Грците и од другите етнички групи што ги населувале овие простори. Во почетокот на своето Послание до Филипјаните апостолот Павле пишува: "Од Павла и Тимотеја, слуги на Исуса Христа, до сите светии во Христа Исуса, што се во Филипи, со епископите и ѓаконите". Од цитираниот текст се добива впечаток како да имало повеќе епископи во Филиписката христијанска општина. Имајќи го, меѓутоа, предвид фактот дека Посланието на апостолот Павле до Филипјаните е пишувано во првата половина на 63 год. по Христа и било испратено по Епафродит (Филип. 2,25) и дека самата Филиписка црковна општина била основана околу 51 год. од Новата ера т.е. 12 години порано, мошне тешко е да се прифати дека за еден толку краток временски период филиписките христијани станале толку многубројни што се појавила потреба да имаат повеќе епископи. По секоја веројатност Филиписката христијанска општина немала повеќе од еден епископ, меѓутоа, по се изгледа во тоа време епископи биле нарекувани и презвитерите (o presvuteros - постар, старешина; )
|