Живописниот предел на Берово самиот по себе маѓепсува. Зелените површини и богатството кое што се крие во природата се доволен предизвик за да се посети овој предел. Но она што најмногу плени и привлекува и воедно смирува како да стоиш пред себеси и пред лицето на живиот Бог е женскиот манастир кој што има скоро двовековна непрекината традиција и во кој денес има две монахињи кои создаваат икони во византиски стил за иконостаси. Во почетокот на 19-от век во Берово немало црква и свештениците богослужбата ја вршеле во природата каде што некогаш имало црква. Се знае дека првата манастирска црква во Берово е изградена во периодот од 1815 до 1818 година кога воедно била и осветена а на чинот на осветувањето присуствувал и познатиот македонски верски просветител, Јоаким Крчоски. За градењето на црквата и манастирот нема посигурни историски податоци но едно е сигурно градењето на црквата се одвивало под многу тешки услови за што зборуваат голем дел од легендите за градењето на црквата. Според една од нив првата црква во Берово била црква Свети Георгиј која што се наоѓа во источниот дел на сегашно Берово. Во тогашно време Берово било селска населба со околу 200 куќи а бидејќи црквата била мала за да ги собере сите верници на богослужбата и воедно била и дотраена. Затоа тогашните повидни Беровчани решиле да изградат нова црква во близина на старата на местото наречено Могила. Тогашен парохиски свештеник бил благочестивиот и добар христијанин поп Пецо кој бил родум од Берово и кој што имал пет ќерки: Цона, Марија, Митра, Ѓурѓа и Султана. Откако поп Пецо и црковните настојници собрале луѓе започнале со израмнување на земјиштето каде што требало да се гради црквата но во тоа време наишла турската патрола. На прашањето: Што правите тука вие? Селаните одговориле дека го рамнат земјиштето за кога ќе дојде валијата да стои на повисоко а тие на пониско за да слушаат подобро што има да им каже. Уќуматот или околиската управа тогаш се наоѓала во Радовиш а дозвола за изградба на нова црква требало да се побара од валијата од Радовиш. Кога доаѓал во Берово, валијата престојувал кај поп Пецо и затоа токму поп Пецо отишол во Радовиш и побарал дозвола за изградба на црквата. На неговото барање валијата еве што одговорил: Ви дозволувам да ја изградите црквата но под овие услови: да биде ниско под земјата и да не се гледа, да биде изградена за 40 дена и најмалата ќерка Султана да биде дадена во Султановиот харем. Кога се вратил од Радовиш поп Пецо ги собрал верниците и им ги соопштил условите по што Беровчани веднаш започнале со работа при што во градбата биле вклучени и жените и децата и целото способно население. Се работело и ноќе и дење само за да се исполнат условите и поради големиот труд и пожртвуваност на верниците црквата била изѕидана и покриена со камени плочи за 40 дена а за да не биде забележлива надворешниот ѕид бил премачкан со вар и саѓи. По истекувањето на временскиот рок, валијата придружуван од војници дошол да види што се случува со градењето и кога видел дека црквата е над земјата се налутил и ги повикал црковните настојници од кои што тројцата биле веднаш убиени пред самата црква а потоа ја побарал Султана но таа веќе избегала и била во Ќустендил. Валијата наредил поп Пецо да се затвори недавајќи се дека ќерка му Султана ќе дојде да го види татка си во затвор. Поп Пецо одлежал три години во затвор а потоа бил пуштен но под постојано надгледување од страна на аскерот. По некое време валијата бил убиен од страна на комитите во близина на селото Владимирово а кога дознала за ова Султана се вратила во Берово и се омажила во семејството Грковци. Темелите на првиот женски манастир „Свети Архангел Михаил“ во Берово се подигнати 20 години од изградувањето на црквата. Првите калуѓерки биле снаата и ќерката на поп Ристо кој бил оженет со најстарата ќерка на поп Пецо од претходната приказна. Откако тие останале вдовици му ја соопштиле својата одлука на поп Ристо дека сакаат да се закалуѓерат а тој ги одвел во Рилскиот манастир на разговор со рилскиот игумен кој што им дал благослов двете соби кои биле блиску до црквата да бидат приспособени за живеење. Така двете жени биле закалуѓерени и откако се вратиле во Берово две години живееле кај поп Ристо а потоа заедно со внуката се преселиле во собите кај црквата. Така се родил женскиот манастир во Берово. Со текот на времето во манастирот почнале да доаѓаат калуѓерки од другите места и тоа најпрво од селата Владимирово и Русиново. Во почетокот тие живееле од помошна која што им ја носеле Беровчани а подоцна кога манастирскиот имот и земја се проширувале калуѓерките со својот сопствен труд ја произведувале потребната храна за живот. Прва игуменија на манастирот е снаата на поп Ристо, Евгенија I, а втора е ќерката на Евгенија I, Евгенија II додека трета е Евгенија III а четврта е Евлампија произведена во чин игуманија во 1958 година од страна на првиот Архиепископ Охридски и Македонски г.г. Доситеј. За тоа дека овој манастир играел важна улога, говори фактот што во неговиот најголем подем во манастирот имало дури 60 монахињи, имал развиена економија, богословско училиште и ткајачница а првата монофазна хидроцентрала во Беровскиот крај била токму манастирската. Манастирот некогаш бил надвор од градот денес се наоѓа на излезот од Берово на патот кој што води кон браната и езерото. Главната порта гледа кон градот а останатите две кон реката и боровата шума. Црквата е изградена во архитектонски опус од 19-от век и има голем трем кој што е направен од масивни дабови столбови поврзани со полукружни дрвени сводови. Долг е 9,5 метри а вкупната должина на црквата со тремот е 31,5 метри. Внатрешноста на црквата плени со тоа што ликовите на светителите се насликани во стил кој што отстапува од византиските канони. Од првобитниот иконостас сочувана е само една икона со претставата на Светиот пророк Ное која што е изработена во 1818 година од страна на иконописецот Георги Велјанов од Струмица. Оваа икона со претствата на Светиот пророк Ное е единствената икона која постои во Македонија. Од 1899 до 1920 година во манастирот работел и зографот Гаврил Атанасов-Беровец а се знае дека целивната икона Успение на Богородица е дело на зографот Григорие Пецанов од Струмица која е изработена во 1878 година. Во црквата има вкупно 72 икони кои се од 19-от век. Конакот е дрвен и обликуван во староградски стил од 19-от век. Двете монахињи кои што живеат во манастирот дојдени се од Велјушкиот манастир со благослов на митрополитот Наум Струмички. За почетоците на возобновувањето на фрескоживописот во македонските манастири заслужни се токму од ова сестринство а во манастирската библиотека се чуваат голем број книги и текстови од 19-от и 20-от век. Типикот на манастирот и покрај неговата локација и посветеноста е исихастички бидејќи манастирот функционира како свештено тихувалиште. Едно катче на катот во внатрешноста на црквата денес е претворено во мал параклис кој што е посветен на Св. Григориј Палама а додека света литургија се служи четири пати во текот на неделата. Истотака во манастирскиот комплекс е сместен музеј во кој се изложени фотографии, документи, географски карти и старо оружје од историјата на Малешевијата. Од источната страна на црквата се наоѓа отворена манастирска градина и во тој дел од манастирскиот двор во 1974 година при нивелирањето на теренот се откриени 4 јами кои се од средновековно словенско потекло и истите служеле за складирање на жито. Манастирот е отворен и пристапен за духовните потреби на секој добронамерен посетител а кога ќе влезете низ големата дрвена порта влегувате во еден поинаков свет-Светот на молитвата. |