|
||||
Досега најголем изграден православен храм во Македонија |
Православниот храм „Св. Константин и Елена“ се наоѓа во средиштето на најпознатата улица „Македонија“ во строгиот центар на Скопје и истиот во моментот е во завршна фаза на изградба. Овој храм е со бруто-површина од околу 2.000,00 м2 и е досега најголемиот изграден православен храм во Македонија. Храмот го сочинуваат истоимената црква „Св. Константин и Елена“, подрумскиот дел (музеј) како и нејзината камбанарија. Конструктивните елементи на црквата ги сочинуваат а.б. столбови со димензии 100/100 см, а.б. платна со дебелини од 15 см, 30 см и 55 см, како и а.б. греди со различни димензии и тоа: 30/100 см, 50/50 см, 30/40 см, 40/60 см, 80/60 см и 100/100 см, а сето ова во зависност од геометриската форма на самата црква. Хоризонталните плочи се со дебелина од 20 см, додека подрумските надворешни ѕидови се изведени како армирано-бетонски со дебелина од 62 см и 80 см, заради овозможено налегнување на камениот дел од фасадните ѕидови. Вертикалната комуникација низ објектот се обезбедува преку коса скалишна плоча која е со дебелина од 20 см. Под платото на црквата, постои и подрумски дел, кој се предвидува да биде музеј на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, па затоа приземната меѓукатна плоча од црквата е изведена како армирано-бетонска касетирана конструкција со распони 13 х 13 м. Во овој објект, а.б. столбовите се со димензии 30/30 см, а.б. гредите се со димензии 30/40 см и 50/50 см, а.б. плочата е со дебелина од 20 см, додека подрумските ѕидови се со дебелина од 30 см. Фундирањето на црквата заедно со подрумскиот дел е спроведено на заедничка армирано-бетонска темелна плоча со дебелина од 80 см. По висина постојат 8 нивоа и тоа: ниво „0“(+0.00 м), ниво „1“(+7.00 м), ниво „100“(+14.00 м), ниво „200“(+21.00 м), ниво „300“(+28.00 м), ниво „400“(+35.00 м), ниво „500“(+42.00 м) и ниво „600“(+49.00 м). Инаку специфично од конструктивна гледна точка е и тоа што врвот на камбанаријата е оптоварен со товар од едно главно ѕвоно и повеќе помали камбанариски ѕвона со нивна вкупна тежина од 16,5 тони, кое оптоварување од сеизмички аспект познато како „клатно“, претставува најнеповолно можно сценарио за сеизмички хазард на еден објект. Автор: Влатко КОЦЕВСКИ, магистер по градежништво Превземено од: ПОРТА 3 |