|
||||
Кофа со злато за Добро Поле – приказна од Мариово |
Во селата во Мариово постои приказна дека пробојот на Добро Поле за време на Првата светска војна, бил купен за кофа злато, која непознат француски ја дал на бугарски генерал. Дел од постарите жители, така самоуверено ја кажуваат оваа приказна, човек да помисли дека и самите присуствувале на предавањето на поткупот. Нормално, далеку од разум е дека некој би можел да посведочи за ваков настан, ама не можеме а да не се запрашаме дали има вистина во оваа приказна и од каде потекнува таа. Добро Поле Во месец октомври 1928 г, додека во тогашна Југославија се одбележува 10 годишнината од завршувањето на Првата светска војна, во Бугарија се случува интересен судски спор поврзан со пробојот на Добро Поле. Вдовицата на генералот Иван Луков, за изнесена навреда врз нејзиниот сопруг, го тужи бившиот министер Добри Петков, кој во својата брошура „Виновници за пропаста на Бугарија“ (Виновниците на погрома на България през септември 1918 г.), го обвинува највисокото раководство на Бугарија за пропаста на војната и воедно покојниот генерал Луков за предавство. Извадоци од весникот Политика (08-17.10.1928) Според Добри Петков, основ за ова обвинување, покрај другото била изјавата на францускиот генерал Франше д’Еспере за време на потпишувањето на примирјето во Солун (30.09.1918), која наводно тој ја изговорил пред Бугарската делегација : „Жалосно е, но кај Вас има и предавници, кои јас како војник ги презирам.“ Интересно е дека во тоа време (октомври 1928) Франше д’Еспере е во посета на Југославија, и е прашан од новинарите дали се сеќава на овој настан и дали навистина го изговорил тоа. Генралот одговара дека добро се сеќава на тој ден, но негира дека рекол такво нешто. Франше д’Еспере никогаш не сведочел пред бугарскиот суд, но и да сведочел, тешко дека би фрлил дамка врз победата на сојузничките војски или пак директно би се мешал во внатрешните работи на Бугарија. Извадоци од весникот Политика (08-17.10.1928) Овај судски спор, бил тесно поврзан со нестабилната ситуација во Бугарија и борбите за превласт, во кои и двете страни меѓусебно се обвинувале за предавство и расипништво. Биле поставувани прашањата: зошто пробојот се случил на Добро Поле, а не во Дојран, зошто бугарската војска не преминала во против напад итн. Но од друга страна пак, неизвесно било дали Бугарија ќе продолжи со борбите и ќе го жртвова своето население за нејзиниот сојузник Германија. Бугарскиот крал Фердинанд (кој воедно бил со германско потекло) ја поддржувал оваа идеја, наспроти голем број на генерали и претставници на владата, кои ја знаеле ситуацијата на теренот, не се согласувале и биле за прекинување на борбите и промена на власта. Во овие превирања имало изјави за предавство и расипништво и од двете страни и борбите за превласт продолжиле и по завршувањето на војната. Наивно е да се верува дека во ваква ситуација немало влијанија од други земји, па дури и поткупи, но тоа се сложени политички игри кои се надвор од сечие разбирање, а сепак даваат добра подлога за дискусии, шпекулации и приказни кај обичните народни маси. Парговски Јове |