|
||||
5 ГОДИНИ ОД УПОКОЈУВАЊЕТО НА МИТРОПОЛИТОТ КИРИЛ |
Во моногравското дело „Митрополит Кирил“ од авторот на овие редови е забележано дека господин Кирил беше роден како Никола Поповски на 23 јуни 1934 година во познатото село Царев Двор, Преспанско, кое е ни село ни град. Основно образование завршил во родното место, а Средно богословско училиште во Призрен. Во 1960 година прв пат се вработува како службеник во Скопската митрополија, а во 1964 година се замонашил во манастирот „Раѓање на Пресвета Богородица“ („Света Пречиста“) кај Кичево. Неговото запознавање со македонското иселеништво се случи во пролетта 1965 година, кога како член на делегацијата на МПЦ, предводена од поглаварот на МПЦ, првиот архиепископот г.г. Доситеј, во својство на архиѓакон, за прв пат патува во Канада и во САД. Истата годинасе запишал на студии на Московската духовна академија на Руската православна црква во Загорск, каде завршил прв степен. Меѓутоа, по двегодишно студирање бил повикан да се врати во Македонија, а во јули 1967 година, непосредно пред возобновувањето на автокефалноста, во соборниот храм „Свети Димитриј“ во Скопје, беше хиротонисан за архиереј тивериополски. Потоа владиката г. Кирил заедно со четворицата тогашни членови на Светиот синод на МПЦ, архиепископот г.г. Доситеј и владиците г. Kлимент, г. Наум и г. Методиј, ја потпишаа Одлуката и ја возобновија Охридската архиепископија во лицето на Македонската православна црква, денес МПЦ-ОА. Според зборовите на митрополитот Кирилм тој со задоволство го примил името на македонскиот рамноапостол свети Кирил Солунски. Станал член на Светиот архиерејски синод на МПЦ, на чија седница, одржана пет дена подоцна, на 17 јули 1967 година, беше донесена историската одлука за канонско возобновување на целосната афтокефалност на Охридската архиепископија во лицето на автокефалната Македонска православна црква и беше избран за прв надлежен македонски архиереј за Американско-канадско-австралиско-македонската епархија на МПЦ. Во 1969 година замина во Торонто, Канада, со цел да ја организира прекуокеанската Епархија. По издвојувањето од Американско-канадско-македонска епархија во 1974 година, активно раководи со Австралиската епархија до 1982 година, а со Американско- канадската епархија до 1987 година. Во периодот додека раководи со овие епархии, од 1971 до 1978 година, администрира и со Полошко-кумановската епархија, а во 1987 година е назначен за Полошко-кумановски митрополит.
Во меѓувреме ги заврши теолошките студии на Богословскиот факултет во Скопје. По упокојувањето на архиепископот г.г. Доситеј, од 22 мај до 19 август 1981 година, до изборот на новиот поглавар архиепископот г.г. Ангелариј, митрополитот г. Кирил времено ја извршуваше должноста на архиепископскиот трон. Ние, православните христијани, во своето сеќавање посебно ги пазиме и славиме личностите кои на одреден начин ја спровеле во дело Божјата промисла. Таквите луѓе ги нарекуваме свои учители и нивниот пример се обидуваме постојано да го оствариме и примениме во своите животи. Некои од нив се удостоиле Божјата милост и Неговата света промисла да ги определи да бидат првенци и херои во својата непосредна средина, токму меѓу својот сопствен народ. Таквите луѓе се објект на воодушевување и анализа за народното потомство и за идни генерации. Еден од нив беше митрополитот г. Кирил. Како митрополит и надлежен архиереј на Американско-канадско-австралиско-македонската епархија на МПЦ, тој го учеше својот народ да не ги заборава своите македонски корени, својата самобитност, да го негува својот мајчини македонски јазик, обичаите, фолклорот... Меѓу македонската дијаспора, владиката Кирил ќе остане запаметен како македонски црковен и национален симбол. Тој беше црковен деец, одлучен борец на православната вера и човек кој целосно беше посветен на македонската кауза. Митрополитот г. Кирил, има особени заслуги за формирањето на прекуокеанските епархии и за организирањето на црковниот живот во Австралија, САД и Канада. Останува запаметен како македонски црковен и национален симбол во иселеништвото. Прогласен е за почесен граѓанин во повеќе од 15 града во САД и во Канада и во неколку града во Австралија. Добитник е на повеќе признанија, плакети, како и на Орден заслуги за народ. Владиката Кирил беше олицетворение на автокефалноста на МПЦ-ОА и човек кој умееше да обединува и да се грижи за македонските национални интереси, но и да им се спротивставува на оние што ги напуштаа таквите начела. Имаше извонредни комуникациски способности, дух што поттикнуваше и енергија која обединуваше. На достоинствен и сугестивен начин ги соопштуваше своите ставови и ги држеше своите проповеди на верниците како митрополит на Американско-канадско-австралиско-македонската епархија на МПЦи наПолошко-кумановската епархија. Според зборовите на митрополитот Кирил, Петровден 1967 година, кога тој стана член на Светиот архиерејски синод на Македонската православна црква беше незаборавен. Имено, на таа седницашто што се одржа на 17 јули 1967 година, беше донесена историската одлука за канонско возобновување на афтокефалноста на Охридската архиепископија во лицето на автокефалната Македонска православна црква, а Кирил беше избран за прв надлежен македонски архиереј за Американско-канадско-австралиската епархија на МПЦ. Тоа му овозможи да се запознае со македонското иселеништво. Особено беше значајна пролетта 1965 година, кога како член на делегацијата на МПЦ, предводена од поглаварот на МПЦ, првиот архиепископот г.г. Доситеј, во својство на архиѓакон, за прв пат патува во Канада и во САД, каде асистира при евангелисувањето на првата македонска православна црква во Торонто, на празникот Цветници, посветена на свети Климент Охридски. Првата канонска визитација на Австралија ја изврши во почетокот на 1969 година, заедно со митрополитот дебарско-кичевски г. Методиј. Таму посетуваат голем број македонски цркви и црковни општини. Инаку, со Австралиската епархија, која во 1974 година е одвоена од Американско-канадската епархија, митрополитот Кирил активно раководи до 1982 година. Притоа, со одбран тим на свои најблиски соработници ги изработува првата епархиска конституција со експозе и новите правилници, со кои македонските црковни општини ќе се усогласат со светите канони и новиот Устав на МПЦ-ОА. Според нивното слово ќе бидат формирани и раководени новоизградените македонски православни цркви. По враќањето од Австралија, врши обемни подготовки за посета на Канада и САД. Во канадската метропола Торонто, каде македонската етничка заедница е најбројна, заедно со ѓаконот Александар Цандовски ќе им биде нивното седиште и тука се преземени темелни потфати за формирање на првите органи и тела на Американско-канадско-австралиската македонска епархијата. Така, во 1969 година заминува за Канада, со седиште во Торонто, со цел да ја организира прекуокеанската Американско-канадската епархија. Потоа на 10 август 1969 година, во катедралниот храм “Свети Климент Охридски Чудотворец” – во Торонто, со величествени свечености е извршено неговото востоличување во епископскиот Светиклиментов трон на Американско-канадско-австралиско- македонската православна епархија од страна на неговото високопреосвештенство митрополитот дебарско-кичевски Методиј. Во текот на две и половина децении, митрополитот Кирил ќе одигра голема духовна и национална улога, особено во Американско-канадско-македонската епархија, оттргнувајќи десетици илјади Македонци од српските, грчките, бугарските и други цркви, со цел да доаѓаат во македонските православни храмови. На тој начин е спречена натамошната асимилација и денационализација на македонскиот православен народ на тие американски простори.
Кога во 1971 година, во МПЦ беше востановена и Полошко-кумановската епархија, митрополитот Кирил беше избран за нејзин администратор со сите права и должности кои произлегуваат од Уставот на МПЦ-ОА, за потоа, во 1987 година да биде назначен за Полошко-кумановски митрополит.. Неговото архипастирствување со оваа Епархија беше крунисано со најголем успех преку возвеличувањето на Шар Планина, со изградбата на манастирот посветен на “Свети Наум Охридски Чудотворец”, на надморска височина од околу 1.000 метра. Од 1996 година митрополитот Кирил беше претседател на Хуманитарната организација “Милосрдие” при МПЦ-ОА, која за негово време имаше обезбедено храна, лекови, медицински помагала, разни апарати и друга помош во вредност од десетина милиони евра. Помошта се распределува на најбедните, гладните, изнемоштените, на селски и други помали амбуланти, деловни центри и асоцијации во Република Македонија на кои им е најпотребна. “Милосрдие” најголемиот хуманитарен дострел го потврди во војната во Република Македонија 2001-2002 година, кога помошта за загрозеното население значеше елементарен опстанок. Митрополитот господин Кирил целиот свој живот го посвети на духовно-црковното, националното, културното, односно на сестраното единство на македонскиот народ во Татковината, и во дијаспората. Американските, канадските и австралиските власти, следејќи ги и согледувајќи ги големите успеси на македонските иселеници од сите делови на Македонија, предводени од нивниот митрополит Кирил, кој заедно со своето свештенство, секогаш ги ориентираше како Македонци да бидат лојални граѓани на тие држави, како нивни втори татковини Митрополитот г. Кирил беше прогласен за почесен граѓанин во повеќе од 15 града во САД и во Канада и во неколку града во Австралија. Исто така, во Република Македонија тој беше добитник на повеќе признанија, плакети, како и на Орден заслуги за народ. Тој како надлежен на Полошко-кумановската епархија почина на 79- годишна возраст на 11 јуни 2013 година. Си отиде без најава, без да речеш збогум. По негова желба и со оставена порака кај авторот на овие редови како негов биограф, неговите посмртни останки се погребани во манастирот „Свети Ѓорѓи“ во Дељадровце, Кумановско. Таму е неговото вечно почивалиште. Меѓутоа личностите како митрополитот Kирил не умираат, тие остануваат за навек во мислите и молитвите. Неговото име и дело ќе останат вечни за Македонската православна црква – Охридска архиепископија, за Американско-канадско-австралиско-македонската епархија на МПЦ-ОА, за Полошко-кумановската епархија, за Македонците од етничка Македонија насекаде во светот и за Република Македонија. Пишува: СЛАВЕ КАТИН |