Среда, 06 Јуни 2018    PDF Печати Е-пошта
Црквата „Свети Ахил Лариски“ во Долна Преспа

ahil-larinski

Не се знае кога е роден свети Ахил, но се знае дека починал во 330 година во Лариса, во Тесалија. Царот Самуил сакал во својата црква да има мошти на истакнат светител од првите векови на христијанството чиј култ бил раширен на поширок простор. Кога Самоил ја освоил Тесалија, тој наредил моштите на свети Ахил да бидат пренесени на истоимениот остров во Преспа.

Егејска Македонија е земјата со чие име уште во античките времиња се означувала малата покраина во непосредна близина на Пела – престолнината на античкото Македонско Царство. Во тоа време Македонија го опфаќала просторот меѓу денешното исушено Пазарско Езеро и долниот тек на реката Вардар.

Така, македонскиот народ во егејскиот или беломорскиот дел на Македонија, според своите карактеристики и обичаи, јазично и етнички ѝ е туѓ на Грците (Елините). Од тие причини грчката буржоазија од првиот момент кога ја проширила својата власт над Егејска Македонија, изградила политика на физичко истребување на македонскиот народ и менување на етничкиот состав во своја корист. Затоа, националниот состав на населението во овој дел на Балканот има претрпено големи етнички промени, особено по Балканските војни и поделбата на Македонија.

Таква била и судбината на Македонците од поделена Долна Преспа во Беломорска Македонија каде постојат селата: Раби (Р‘би), Медово, Штрково, Опаа, Рудари, Папли (П‘пли), Оровник, Буковик, Лок (Л‘к), Дреново, Трново, Граждено, Орово, Дробитишта, Винени, Нивици и Ахил (Аил), како и 3 села во делот на Албанија: Заградец, Ракитско и Суец.

Сите овие македонски села во Долна Преспа имаат заедничка историја, судбина и се без иднина, како и многи предели на етничка Македонија. Едно од тие села кое има значајно историско минато е, секако селото Ахил (Аил), кое било на островот Ахил во  Малото Преспанско Езеро, каде се наоѓаат остатоци од катедралната црква „Свети Ахил Лариски“

Инаку, според пишаните документи, свети Ахил Лариски е христијански светец и епископ на Лариса. Тој бил роден во Кападокија од чесни родители кои уште од неговото детството го воспитувале во христијански дух. Ја изучувал филозофијата, а длабоко проникнал и во внатрешната духовна филозофија.

Поради неговите човечки вредности бил поставен за епископ Лариски и во тоа својство учествувал на Првиот вселенски собор во Никеја во 325 година, на кој со своето знаење, но и со својата принципиелност ги засрамил еретиците и придонесол за победа на вистинските христијански принципи.

Според христијанското верување, Ахил зел еден камен и им викнал на ариевците:

„Ако Христос е создание Божјо, како што велите вие, речете од овој камен да потече елеј“?

На ова прашање, тој не добил никаков одговор. По ова, тој повторно рекол:

„А ако Синот Божји е рамен на Отецот, како што веруваме ние, нека потече елеј од овој камен“!

По овие зборови, навистина претекло елеј

Не се знае кога е роден свети Ахил, но се знае дека починал во 330 година во Лариса, во Тесалија. Царот Самуил сакал во својата црква да има мошти на истакнат светител од првите векови на христијанството чиј култ бил раширен на поширок простор. Кога Самоил ја освоил Тесалија, тој наредил моштите на свети Ахил да бидат пренесени на истоимениот остров во Преспа.

Празникот на Свети Ахил, пак, се празнува на 15 мај,  стар стил, и овој ден имал важна улога во животот на Охридската архиепископија. Иако седиштето на црквата се наоѓало во Охрид, нејзиниот синод често заседавал во црквата „Св. Ахил“ на истоимениот остров и тоа во мај (во пролет), водејќи сметка синодските седници да завршат до 15 мај - празникот на св. Ахил.

Пред да бидат пренесени моштите на св. Ахил на островот, островот се викал Преспа, a подоцна го добил името на светителот, а на островот имало и село што го носело името Ахил (Аил). По победата на византиската војска над Самоуиловата и по распаѓањето на Самуиловото царство, Василиј Втори на островот му ставил име Костанција, но тоа не можело да се зацврсти пред силниот култ на св. Ахил, така што островот пак си го задржал името на светителот.

Дека култот на свети Ахил бил силен во овој дел на Македонија зборува и присуството на неговиот лик во повеќе цркви. Така, на пример тој има значајно место во преспанската црква „Св. Ѓорѓи“ во с. Курбиново, во костурската црква „Св. Врачи“ во црквата „Св. Никола“ - манастир во Мариово, во црквата „Св. Никола“ во с. Псача, Кривопаланечко, во црквата во Старо Нагоричане, во „Св. Никола Болнички“, во црквата на манастирот на „Св. Наум“ и други цркви во Охрид, како и на други места во етничка Македонија,

Исто така, култот на свети Ахил бил силен и во Србија, Грција и пошироко, што зборува за неговиот широко распространет култ. Дека култот кон свети Ахил Лариски е нашироко почитуван во Македонија, говори и податокот дека црквата во реканското село Требиште е посветена токму на овој светец, кој кај тамошното месно население се слави како Аурилија.

Црквата „Свети Ахил“ е една од древните цркви во Преспа. Таа има најголем број посетители кои доаѓаат во Долна Преспа, во егејскиот дел на Македонија. Таа е најфотографираниот споменик на Преспа и е еден од најпознатите пејсажи на Егејска Македонија, денес на Грција и на Балканот, кој се наоѓа на источниот брег на островот Св. Ахил.

Според историските податоци византискиот хроничар Џон Скилитис, импозантната црква била изградена помеѓу 983 и 986 година од страна на македонскиот (бугарскиот, според грчки податоци) цар Самуил, во близина на палатата на градот Преспа“.

Цар Самоил тогаш ја освоил територијата Лариса, а неговите војници ги довеле моштите св. Ахил и на светителите св. Диодор од Трики и Св. Ригинос од островот Скопелос кои биле откриени на островот во 1963 година, за време на ископувањата во режија на професорот Н. Муцопулос.

ahil-ostrov
Островот св. Ахил во Долна Преспа

Според грчки научни тврдења, за време на овие ископувања, бил откриен уште еден гроб во друг храм, покриен со пурпурна маса и пресечени ткаенини и туники врзани со орли. Овој гроб се смета дека  му припаѓал на цар Самуил.

Според грчките истражувања за гробовите на островот е откриено дека назалната коска покажува јасна лоза од Ерменија. Тоа потврдува дека мајка му на Самоил била Ерменка. Исто така рачните коски на трупот покажале јасно дека тука бил погребан цар Самоил и дека таму била најдена неговата скршена рака. Сите факти сведочат дека таму бил закопан цар Самоил, некогашен владетел на многу области на Балканот кој бил и голем непријател на византиските цареви.

Истите ископувања откриле дека базиликата била изградена со материјал од античкиот македонски град наречен Лица, кој веројатно бил изграден на западната страна на островот Св. Ахил. Затоа со право се вели дека посета на базиликата „Свети Ахил“ е многу повеќе од културна прошетка: тоа е аџилак на вистинската убавина.

Импресивната црква - димензии (20 х 47 м) - беше крстообразна базилика и денес меѓу урнатините може да се види познатото светилиште со три пробиени прозорци, столбови направени од тули и камења и гроб на јужната страна. Неколкуте слики од 11-тиот и 12-тиот век што беа пронајдени сега се изложени во музејот на Лерин (Флорина). Црквата била во употреба до средината на XV век и со текот на времето била напуштена и разрушена.

Според грчките податоци многу е веројатно дека самиот град, центарот на таа агломерација на населби, бил сместен на островот Свети Ахил, кој е долг 1,700 а широк 500 м. На островот биле откриени урнатини на неколку цркви, вклучувајќи ја и големата базилика, која според некои истражувачи била една од седумте големи цркви. Според некои научници црквата била изградена од бугарскиот принц Борис I по христијанизацијата на Бугарија, како и на овој дел на Македонија, додека други научници сметаатт дека црквата била изградена од царот Самуил. Но, за нас е значајно што црквата „Свети Ахил“ е изградена во Преспа, во Македонија

Инаку, архитектонски план на црквата е сличен на оној на Големата базилика во стариот град Плиска. Постојат траги на раното средновековно сликарство и скулптура во руините. На внатрешната страна на апсидата се напишани имињата на епископите кои биле потчинети на бугарскиот Патријарх кон крајот на 10 век. Централниот дел на островот, заедно со височините Кале и Кулата се спојуваат. Веројатно имало цркви и станбени објекти во пониските делови и по должината на брегот. Таа област претставувала надворешен град. Северниот крај, пак, бил наречен Порта што може да сугерира дека и надворешниот град имал одбранбени ѕидови.

Постојат теории дека Преспа била резиденција на најстариот од четирите браќа, Давид, пред да биде убиен во 976 година. Подоцна станала резиденција на Самуил кој де факто владеел со Царството по убиството на неговиот брат Арон во 976 или 986 година, особено откако легитимниот император Роман бил заробен од страна на византијците во 991 година. Поради тоа, некои автори сметаат дека Преспа станала официјален главен град на империјата.

По освојувањето на Лариса во Тесалија во 983 или 985, цар Самоил ги донел моштите на свети Ахил во Преспа. Тогаш островот на Малото Преспанско Езеро бил именуван по светецот. За време на владеењето на цар Самоил имало палати на островот кои биле поврзани со кула на спротивниот брег со помош на вештачки песочен мост.

На источниот брег на Големото Преспанско Езеро, во близина на селото Герман (денес, Агиос Германос), кое се наоѓа на два-три километри од денешната бештачка граница кај Маекова Нога, цар Самуил оставил плоча со натпис посветен на неговите родители, таткото-Македонецот Никола и мајката-Ерменката Рипсимија, како и со посвета на неговиот најстар брат Давид. Кога Самоил бил прогласен за цар во 997 година, седиштето на Патријаршија било во Преспа, но потоа било пренесено во Охрид.

Веднаш по катастрофалниот пораз од војските на Византијците во битката кај Беласица, војници на цае Самоил биле ослепени од непријателските војски на византискиот цар Василиј II. Тогаш императорот Самоил побарал засолниште за ослепените војници во селата Асамати, Долно Дупени и на други места во Преспа, каде што и цар Самоил починал.

Пишува: СЛАВЕ КАТИН

 

На прво место

News image

Мане Јаковлески: Мојот пат по стапките на месијата 2011 година (8)

Петта станица-десно кон улицата Францис, од каде патот нагло, остро се издига кон Голгота (Калварија...

Историја

News image

Границите на Македонија се таму, до каде што допира римскиот меч

Македонија станува римска провинција во 146 година п.н.е., откако римскиот војсководец Квинт Цецилие...

Иселеници

Култура и туризам

News image

ВО АНКАРА– ГРАДОТ НА АТАТУРК И ПРЕСТОЛНИНАНА ТУРЦИЈА(10)

ДЕЛ ОД ПОСЕТИТЕ НА ГРАДОВИ ВО СВЕТОТ ВО ПУБЛИКАЦИЈАТА „СВЕТОТ НА ДЛАНКА“ НА СЛАВЕ КАТИН 

Your are currently browsing this site with Internet Explorer 6 (IE6).

Your current web browser must be updated to version 7 of Internet Explorer (IE7) to take advantage of all of template's capabilities.

Why should I upgrade to Internet Explorer 7? Microsoft has redesigned Internet Explorer from the ground up, with better security, new capabilities, and a whole new interface. Many changes resulted from the feedback of millions of users who tested prerelease versions of the new browser. The most compelling reason to upgrade is the improved security. The Internet of today is not the Internet of five years ago. There are dangers that simply didn't exist back in 2001, when Internet Explorer 6 was released to the world. Internet Explorer 7 makes surfing the web fundamentally safer by offering greater protection against viruses, spyware, and other online risks.

Get free downloads for Internet Explorer 7, including recommended updates as they become available. To download Internet Explorer 7 in the language of your choice, please visit the Internet Explorer 7 worldwide page.