|
||||
Mанастирот Свети Климент на Беличка планина |
Светилишта во Струга Култот на Свети Климент Охридски во Струга и Струшко е многу присутен. Во самиот град Струга има три топоними со неговото име: Името на реката Климентица, маалата Климентова Маала, Светиклиментово блато (Климентово блато), сврзувањето на потопениот манастир Света Богородица со неговата дејност, па при навлегувањето на реката Сатеска во Струшката котлина, оддесно, селото Климештани, но најмногу со манастирот Свети Климент на Беличка Планина. Сето тоа старите стружани го сврзуваа со епископската дејност на Свети Климент. Тие велеа дека Свети Климент работел во оваа епархија, односно во Беличката епархија. Тоа што се вели Величка е грешка, т.е. е замената буквата б со в. Манастирот Свети Климент на Беличка планина е стар. Тој е единствено посветен на Свети Климент Охридски. Друг манастир со ова име нема. Се смета дека го основал Свети Климент, бидејќи, според хипотезите тука била Величката епархија, во која бил епископ тој. А Свети Климент не подигнувал сакрални објекти на случајни места, туку на претходно постојни. За тоа можат да докажат само идни археолошки проучувања. Повеќепати манастирот Свети Климент бил уништуван од разни освојувачи и арамиски банди, но од населението на Струга бил обновуван. Во него монаси живееја до 1960 година. Последниот монах беше Саво од фамилијата Ѓоргоновци. Тој почина и е погребан кај манастирот Света Богородица – Калишка. Манастирот Свети Климент на Беличка Планина беше култ на селата: Горна Белица, Октиси, Вевчани, Вишни, како и на Струга и на пошироката околина. Дејноста на Свети Климент во овој манастир постарите жители на околните места ја сврзуваат со остатоци на разновидни овошни дрва. Тие се остаток од некогашниот активен живот тука. На други места на Беличка Планина, надвор од селата нема овошни растенија. Отсекогаш плодовите откај манастирот Свети Климент (круши, јаболка, дивјачки и др.), иако мали и кисели (по созревањето, вкусни), на струшкиот пазар беа барани како лековити, за здравје. Родителите ќе ни купеа и ќе ни речеа: „Касни за здравје“, зашто се сметаше дека се засадени од Свети Климент. На присутноста на Свети Климент на овие простори упатува и топонимот Света Долина. Така се именува патот што врви покрај овој манастир, а пошироко е познат по римското именување Виа Егнатиа. По починувањето на последниот монах во 1960 година, манастирот е оставен на милост и немилост, а неговиот голем имот запоставен. Остатоците од манастирската црква примитивно се заштитени, а поцелосна е камбанаријата. Би требало Архиерејското намеснишво на Струга, односно Митрополијата во Охрид да стави рака на ова место. Од книгата „Записи за минатото на Струга“, 2, од Јоне Кленко, Струга 2008г. Марко Китевски |