|
||||
Дела на Славе Катин посветени на црковното и духовно-националното живеење |
Славе Катин припаќа на Преспа, на Македонците во дијаспората, на етничка Македонија и на Македонската православна црква- Охридска Архиепископија (МПЦ-ОА). Црквите во прекуокеанските земји играат значајна улога во опфаќањето и сплотеноста на Македонците надвор од МакедонијаТие се национални-духовни јадра кои го одразуваат единството и непосредно придонесуваат за афирмација на прататковината Македонија Славе Катин е автор на 55 публикации, на над 100 научни трудови од различни области и на над 3.000 новинарски и други текстови објавени во Република Македонија и во светот. Тој е добитник на бројни признанија и награди, меѓу кои и на наградата “Крсте Петков Мисирков” на Здружението на новинарите од Македонија од областа на журналистиката. Славе Катин не припаѓа на политичка партија, бидејќи тој припаќа на Преспа, на Македонците во дијаспората, на етничка Македонија и на Македонската православна црква - Охридска Архиепископија (МПЦ-ОА), бидејќи Црквата како институција игра значајна улога во опфаќањето и сплотеноста на Македонците надвор од Македонија, особено во прекуокеанските земји и насекаде во светот. Тоа беше повод авторот Славе Николовски-Катин да ја подготви публикацијата „Македонските православни црковни општини во Австралија, Канада и САД”, во издание на НИО „Нова Македонија”, Скопје, 1991 година, а која содржи 192 страници. Таа е прв и скромен историски обид за периодизација на македонските православни цркви и манастири во прекуокеанските земји. Во овој труд се настојува да се осветли историскиот и развојниот пат на црковните општини и на македонските доселеници. Делото опфаќа подолг временски период што претставува макотрпна, но и одговорна самоиницијативност да се создаде дело кое би го одбележило најважниот период на македонските православни црковни општини и активностите на македонските иселеници во нивните нови средини. Инаку, македонските православни цркви во прекуокеанските земји се национално-духовни јадра кои го одразуваат единството и непосредно придонесуваат за афирмација на прататковината. Преку културно-просветните, верските и националните форми на собирање во македонските православни цркви, всушност Македонците излегоа од тесните рамки на дејствување и се афирмираа како важна етничка група во новите средини каде имаат развиен општествен живот. Денес Македонците во новите средини со гордост ја истакнуваат својата припадност. Уште повеќе, благодарение на улогата на македонските православни цркви и позитивно-ориентираното македонско свештенство, нашите иселени браќа со голем ентузијазам и полет ги одржуваат црковните и народните традиции и со гордост го истакнуваат богатиот фолклор, јазик и творештво, афирмирајќи го македонското минато и сегашноста. Публикацијата „Македонски вознес”, која е монографија за првата македонска православна црква во Канада „Свети Климент Охридски” во Торонто, е дело на Славе Николовски-Катин и Фиданка Танаскова. Тоа е издание на црквата отпечатено во 1994 на 232 страници на македонски и на англиски јазик, а по повод 30-ет годишнината од постоењето на овој значаен македонски храм. Монографијата како вознес на постигнувањата на црковно и национално поле на Македонците од сите делови на Македонија во Торонто, разработува одредени прашања во врска со важноста на активностите на македонската православна црква „Св. Климент Охридски” и овековекување на своето постоење и мисија. По повод излегувањето на оваа монографија архиепископот охридски и македонски господин господин. Михаил ке го напише следното: „Плодот што го роди дрвото посадено од свети Климент Охридски во Македонија, доведе до создавање на Охридската архиепископија, која денес постои во лицето на Македонската православна црква. Корените, пак, на тоа Светиклиментово дрво се раширија насекаде низ Македонија и светот и стасаа до северноамериканскиот континент, каде изникна еден од најголемите и најзначајните духовно-национални и културно-просветни храмови што македонските иселеници го имаат – црквата „Свети Климент Охридски” во Торонто”. И „Библискиот речник” (1997), на проф. д-р Петко Златески и Славе Катин е првенец од ваков вид на македонски јазик, а е издание на „Библиското здружение на Република Македонија” и на книгоиздателството „Македонска искра” од Скопје. Тој е подготвен да служи како патоказ за истражувањето на Библијата, како помагало за секој љубител и читател на Светото писмо. Тој содржи, главно, историски и археолошки податоци за личностите од Библијата, поединости за настаните, податоци за библиските книги со информации наменети за денешниот културен и религиозен свет. Исто така, дадени се и повремени кратки објаснувања на одделени теолошки термини, пропратени со бројни библиски цитати. На тој начин, доаѓа до израз изворниот мотив за составување на овој Речник, тој да биде не само со научни, туку и со информативни карактеристики. Речникот е богат со разновидни илустрации кои на читателот му го доближуваат чудесниот свет на Библијата, го освежуваат и оживуваат и на моменти наликува на еден вид мала енциклопедија. Затоа, со право може да се рече дека со својот скромен придонес од областа на библиското проучување, Словото Божјо ќе биде „како дождот и снегот што паѓаат од небото, ја напојуваат земјата и ја прават способна да раѓа и да зеленее, како оган и чекан што крши карпа“. Историјата на Македонската православна црква се карактеризира со три основни фази и тоа:Охридската архиепископија (XI век до 1967 година); Јурисдикцијата на туѓите цркви во Македонија (1757-1944 година); и Македонската православна црква олицетворение на Охридската архиепископија (од 1944 до денес). Затоа, во 1994 годна се навршија 50 години самостоен слободен просветен и културен живот и растеж во Република Македонија. Во таа 1994 година, а по повод 25 гидишнината на поклоненијата на светиот гроб на свети Кирил во Рим, излезе од печат делото „Во чест на светите Кирил и Методиј” (1994) од д-р Вера Стојчевска–Антиќ и Славе Николовски-Катин. Тоа е издание на „Матица македонска” и содржи 212 страници. Во ова издание се одразени и повеќеродни дејности, манифестации, собири, институции, личности, изданија и други активности кои се носители на името, дејноста, работата, на светите Кирил и Методиј и нивните ученици. Разбирливо е дека во него ги проследуваме и јубилеите кои во одредени години ги потенцираат активностите и дејностите во врска со претставувањето, изучувањето или откривањето на нивното сестрано дело. Исто така, своевиден простор е посветен на културната манифестација „Во чест на св. Кирил“ и поколенијата на светиот гроб на св. Кирил во Рим, во период од 25 години (1969-1994). На делото „40 поклоненија пред гробот на св. Кирил Филозоф”, пак, автори се д-р Вера Стојчевска-Антиќ, Славе Николовски-Катин и викарниот епископ хераклејски Климент. Тоа е издание на книгоиздателството „Македонска искра” (2008) на 228 страници. Во ова издание се одразени повеќеродни дејности, манифестации, собири, институции, личности, изданија и други активности кои се носители на името, дејноста, работата, на светите Кирил и Методиј и нивните ученици. Разбирливо е дека во него се проследени и јубилеите кои во одредени години ги потенцираат активностите и дејностите во врска со претставувањето, изучувањето или откривањето на нивното сестрано дело. Исто така, своевиден простор е посветен на манифестација „Во чест на св. Кирил” и поколенијата на гробот на св. Кирил Солунски во Рим, во период од 40 години (1969-2014). Д-р Вера Стојчевска-Антиќ и Славе Николовски-Катин се автори и на Монографијата „Ореолот на Дева Марија и манастирот света Богородица во селото Сливница во Преспа”, издание на книгоиздателството „Македонска искра” од Скопје, 2007 година, на 164 страници. Книгата претставува обид да се осветли култот, славата и честа на Мајката на Исус Христос во светот и во Македонија, особено во манастирот света Богородица Слимничка во селото Сливница во Преспа. Таа го претставува нејзиниот лик кој е интензивно насликан на бројни икони и фрески во македонските цркви и манастири, како и пишани текстови поврзани со неа во бројни староцрковни книги. Во книгата е даден хронолошкиот развој на култот на Божјата Мајка почнувајќи од нејзиното раѓање па се‘ до денес. Овој дел го прикажува животниот пат на пресветата Дева Марија преку евангелија и текстови од Новиот завет, преку делата на уметници и анонимни автори, преку легенди и митови, преку апокрифи. Посебен дел е посветен на македонските народни песни во кои светата Дева Марија се величи, а прикажан е и список на цркви во Република Македонија кои го носат името на пресветата Божја Мајка. Нејзиниот култ е присутен во Македонија, но тој бара и многу опсежни студии во областите на црковно канонското наследство, книжевно, историско - уметничко, археолошко, социјално, историско, теолошко, фолклорно, итн. Бројните уметнички дела во црквите и манастирите, ракописите во старите и новите книгохранилишта, иако празнети низ вековите заради скапоценостите што ги содржеле, бараат нови заокружени видувања и анализи. Во случајов ги претставуваме најпопуларните текстови посветени на Пресвета Богородица. Од канонските состави неминовно е претставено раѓањето на Дева Марија, воведувањето на Пресветата во храмот, благовеста, значајниот настан, раѓањето на Исус Христoс, успението на Света Богородица. Од апокрифните текстови значајно место добива насловот “Одењето на Богородица по Маките”, новозаветен македонски текст. Од средновековната црковна поезија истакнато место зазема “Акaтистот на Пресвета Богородица”, а од молитвените текстови – “Молитва кон Пресвета Богородица”. Во колкава мера народот ги прифатил овие текстови, најочигледно зборува богатството на македонското народно творештво со религиозен карактер. Делото, насловено “Македонците во САД и во Канaда” (2002), е едно од позначајните дела на Славе Катин, кое, меѓу другото ја содржи и ја презентира улогата на Македонската православна црква во македонските процеси и ефектите од нејзините ангажмани во средината на доселениците, одржувањето и негувањето на верските и културните традиции, како и улогата на МПЦ-ОА во односите со соседните земји денес. Епархијата, како и црквите, се легално регистрирани македонски институции, признати од властите на САД и Канада, а познати и широко прифатени од Македонците во овие земји. Од 1975 година до денес, Епархијата секоја година одржува црковно-народни собири, на кои доаѓа до израз заедништвото на македонските доселеници, на бројните фолклорни групи и спортските екипи. Делото, пак, насловено „Илинден во Љубојно и Преспа” (2013) од Славе Катин и коавторот Бошко Рајчовски-Пелистерски од САД е посветено на Илинден, на илинденските иселенички средби во Љубојно и Преспа. Илинден, Втори август е запишан со позлатени букви во историјата на македонскиот народ, а особено во историјата на Преспа. На тој ден во 1903 година избувна Илинденското востание, а на истиот тој ден, односно на 2 август во 1944 година, Македонија беше конституирана во држава. Во ова дело акцент е ставен на сто и педесетината македонски православни цркви во цела етничка Преспа и на бројни цркви во дијаспората, како дел од црковно-националното живеење на Македонците во иселеништвото. Монографијата „Израел и Македонија“ (2017) е дел од патувањето на авторот Славе Катин во Израел, исполнето со многу искушенија, сознанија и предизвици за да се запознае „Светата земја“, нејзините библиски места, градови, култури, религии, обичаи и многу карактеристики на нејзиниот современ свет. Така, во ова дело е запишано дека Ерусалим е град на вечните убавини и на светите места. Низ милениуми, населението на Ерусалим, но и тие што доаѓале и доаѓаат да му се поклонат, го воспевале и го воспеваат како град на вечноста, како центар на светот, како главен град, како град со голема политичка моќ… Тој е градот на Христовите маки, смрт и воскреснување, во текот на последните два милениума не е врзан поимот мир. Ниту на едно свето место во светот не потекле толку потоци крв како овде. Никаде толку жестоко не се бореле, никаде толку длабоко не се мразеле и напаѓале како во овој свет град што е сместен на ладните и сиви карпи на планината Јуда. Трите светски религии – еврејската, христијанската и муслиманската, од градот направиле центар на раздорот. Истовремено, никаде не се кажале толку многу молитви како во Ерусалим. Во делот за Македонија како библиска земја во книгата „Израел и Македонија“, пак, се дадени многу материјали од античко време до денес. Посебно место е посветено на етничка Македонија, на Македонската православна црква - Охридска архиепископија, на Евреите во Македонија и нивната голгота и на Македонско-израелските мостови на поврзување, соработка и заемното почитување кои траат од многу оддамна. Во монографијата посебно место е посветено на црквата на Светиот гроб во Ерусалим, каде што Исус Христос бил погребан и воскреснал. Таа е најсветото место за христијаните од сите меридијани, па не случајно се вели и дека е место на верата, надежта и љубовта на луѓето кои доаѓаат секој со својата вистина и исчекувања, поклонение и молитва, радост и тага. Публикацијата „Македонски иселенички меридијани“ (2017)е дел од судбините и вистините на Македонци во светот. Тоа е еден вид именик, или биографски колаж со карактеристични податоци поместени со низа бројки и факти од животот и делата на 150 личности од македонско потекло. Во книгата на 600 страници се објавени имиња на познати и признати личности, со различни образованија и занимања, општественици и духовници вградени во изградбата на македонските православни цркви од нивното конституирање од дамнина до денес. Овој импозантен број имиња е значаен за македонската национална, духовна, културна, стопанска и научна дејност, со што се прикажува вистината за македонското иселеништвото во минатото и сегашноста. Бројноста на имињата на луѓето објавени на страниците на ова дело покажува дека тие себеси се вградиле во темелите на историјата на македонското иселеништво и на нивните црковно-духовни и национални центри, како што се црковните општини, манастири, фолклорни, литературни, научни и друг вид друштва и асицијации. Сите тие го посветиле својот труд, талент и љубов на дедовската земја и дале значаен прилог и придонес за афирмација на вистината за Македонија. „Македонска нација“ |