Според кажувањата на локалното население, оваа црква била градена од српската власт по Првата светска војна, со намера подрумот од истата да послужи како костурница за загинатите српски војници на овој дел од Македонскиот фронт.
На сликата може да се забележи бетонска конструкција пред црквата – остаток од бунер од Првата светска војна.
Имено, во близина на селата Будимирци и Груниште, има голем број на гробови од Српската војска, на кои по војната со повторното обработување на земјата, полека им се губел трагот. Познато е дека за време на Првата светска војна, Српската војска била стационирана на овој дел од фронтот и некои од позначајните битки се случиле токму во регионот Мариово. Битките за Кајмакчалан, Добро Поле, Грунишки Вис итн, биле битки во кои голем број на војници ги дале своите животи, претежно од српската и бугарската војска, во кои од двете страни имало и присилно регрутирани војници од Македонија. Фронтовата линија врвела и низ село Старавина и може да се каже дека вистински страдалник во Првата светска војна било локалното население во Мариово, со стапка на смртност над 50% во поголемиот број на села и со тешки економски последици по својот имот. Особено тежок бил животот во Мариово долго време и по завршувањето на војната и според некои, тоа била и причината зошто оваа црква народот никогаш не ја прифатил како своја и зошто истата денес, иако солидна по градба, стои откриена и осамена во влезот на село Старавина.
Итар Пејо-Мариово |