|
||||
Манастирот „Св. Мала Богородица“ во Сливница – Преспа (4) |
КУЛТОР НА ПРЕСВЕТА БОГОРОДИЦА ВО ТЕКОТ НА ПОВЕЌЕ ВЕКОВИ Зa да се сфати големото значење што Богородица го има за развојот на христијанството, нужно е хронолошки да се проследи нејзиниот развоен култ, бидејќи зачуваната традиција покажува какви се развојните патокази има. Имено, со следењето на култот стануваат забележливи и повеќестраните креации поврзани со нејзината личност. И Македонија, во склопот на целокупноста на христијанскиот свет, го негува култот на Дева Марија. Тој е одразен во средновековната книжевност, а традицијата ја бележи и фолклорот. Историјата на уметноста бележи значајни остварувања, а некои од нив влегуваат и во светската уметничка ризница. На таков начин, од согледувањата за нејзината појава и значење во Македонија, може слободно да се заклучи дека сите нејзини пројави во обележениот култ придонесуваат тој да остане во врвовите на општохристијанскиот култ, со нејзиниот ореол на безгрешна земна и небесна жена. Зачуваните извори говорат дека во првите векови од појавата и развојот на христијанството нејзиното значење не било подвлекувано и апострофирано. Посебно трите века од појавата на Исус Христос се карактеризираат со моралистичката страна на христијанското учење, како потреба за неговиот обезбеден натамошен развој. Меѓутоа, во 4. век царот Константин официјално гo признал христијанството, а подоцна тоа било прифатено како државна религија. Токму тогаш дева Марија ќе биде величена и возвишена до небесна царица. Како покровител-заштитник ќе ја присвои големиот град Цариград. Византиските автори и посветувале стихови и дела. Познатиот автор Ефрем Сирин и посветил прочувствувани топли и искрени молитви, кои како жанр во византиската литература имаат посебно место. Покрај реалното почитување на нејзиниот култ, се јавувале и екстремности. Една посебна женска група-секта ја прогласила Богородица за божица. За времето на издигнувањето на култот на Богородица во почетокот на 5. век, против силното возвишување на дева Марија се побунил константинополскиот патријарх Несториј и нагласениот култ го сметал за присилен и неправославен. Тој сметал дека нејзината слава треба да се однесува како на мајка на Исуса Христа, а не како и на Бога. Големиот заштитник на Марија, александрискиот архиепископ Кирил повел жестока борба против обидите и сфаќањата на Несториј. Императорот Теодосиј Втори свикал вселенски собор во Ефес (431 година). Несториј бил победен и симнат од патријарскиот престол. Веднаш по овие настани култот на Богородица се зацврстил. Периодот од 5-от до 8-от век неспорно е време на култ кон Дева Марија. Тогаш се изградил прочуениот Влахернски храм во Цариград, во нејзина чест. Закрилата на Богородица ја признале многу манастирски и црковни источни центри. Се прераскажуваат, предаваат и забележуваат чудата поврзани со дева Марија. Фрескосли-карството и иконографијата ја величаат на највозвишен уметнички начин нејзината убавина, духовност, мајчинство, добрина. Во 5-от век се воспоставува и заживува нејзиното празнување со празникот Благовештение. Во 6-от век се проширува празнувањето на нејзиното успение. Во 7-от век патријархот Сергеј составил извонреден акатист за света Богородица. Во 8-от век се јавуваат иконоборците, со цел новата и млада византиска династија да ја совлада позицијата на старата, да ја совлада моќта на најсилниот феудалец - Црквата. Иконоборците се јавиле со ставови против иконите, со цел да го негираат мислењето за Богочовекот. Започнува безочно уништување на иконографијата, црквите и манастирите. Но, зацврстениот христијански религиозен култ не бил совладан.
Во борбите против иконоборците се пројавил високообразованиот патријарх Фотиј, професор на свети Кирил Филозоф во Магнаурската школа во Цариград, кој го сузбивал новиот урнувачки култ на иконите. Обидите на иконоборците завршиле со неуспех пред традиционално негуваниот дух на иконофилите. По овие настани култот на дева Марија се зацврстил. Дури се прошириле текстовите и претставите за Богородица како Божја мајка. Се ширело длабокото верување за вистинскиот насликан лик на Богородица од евангелистот Лука. Во средините на македонските христијани негувањето на култот на светата Дева Марија не престанал да се издигнува и за време на петвековното отоманско владеење. Нејзиниот лик им влевал љубов, надеж, нежност, возвишеност, поддршка, верба, занес на верниците, повеќе или помалку страдалници. На Запад нејзиниот култ достигнал завидно ниво дури во 11-от век. Меѓутоа, како да се сака да се надмине претходниот период, се создаваат извонредно прочувствувани дела со израз на нејзината благост, големина, сочувствителност, чудотворност, почит. Внесената поетичност постојано се потенцирала и негувала. Околу личноста на Богородица се создавале разновидни творби, легенди, раскази, кажувања, слики. Меѓутоа, сите овие дела би можеле да ги поделиме во две групи, а тие си имаат специфични подгрупи. Во првата група спаѓаат најраните творби, би можеле да ги дефинираме како изворни, бидејќи спаѓаат во христијанските дела, блиски до историјата на христијанската религија, со канонски определби, во патристичките дела. Во втората група би дошле предвид сите дела создавани од уметниците низ вековите, од анонимни творци, фолклорни преданија и раскази, како и пишани текстови, во еден хронолошки преглед. Овде би ги вброиле и апокрифите, како и разновидните други средновековни текстови.Во првата група важно место заземаат вестите од четирите новозаветни евангелија, како и од другите новозаветни текстови. Според Евангелието од Матеја, Исус Христос е нарекуван Месија. Неговиот родослов го наоѓаме во Евангелието од Матеја и во Евангелието од Лука. Најпрегледно родословот на Исус Христос го дава Евангелието од Матеја. Тој родослов е поделен на три етапи: од Аврам до Давид има 14 родови, од Давид до Вавилонското преселување - 14, и од преселувањето до Христа - 14. Потеклото започнува со родословот на Аврам, Давид, Исак, итн. Од оваа лоза потекнува и Јосиф, свршеникот на Марија, која го роди Исус. Според Евангелието од Матеја, пред да се состанат Јосиф и Марија „се видело дека е тешка од Светиот Дух". Кога Јосиф дознал за бременоста на Марија, сакал да ја напушти, зашто тој не ја допрел. Но, му се јавил на сон ангелот Господов и му рекол: „Јосифе, сине Давидов, не бој се да ја примиш Марија, жената своја, зашто зачнатото во неа е од Светиот Дух. Таа ќе роди син и ќе му ставиш име Исус, зашто Тој ќе го спаси народот свој од неговите гревови".Откако Јосиф се разбудил, ја примил Марија, но не ја допрел сé додека не се родил Исус.
Според Евангелието од Лука6, Господ го испратил својот ангел Гаврил во Галилеја, во градот Назарет, при девојката Марија, свршена за Јосифа, од родот Давидов, и ѝ рекол: „Радувај се благодетна! Господ е со тебе! Благословена си ти меѓу жените!" Оваа вест е искористена во многу химнографски дела посветени на раѓањето на Исус Христос и зачнувањето на Дева Марија. На уплашената Марија ангелот и објаснил дека таа ќе роди голем син од Севишниот, кој ќе го добие престолот Давидов. Тоа ќе се случи, според Лука, на следниов начин: „Светиот Дух ќе слегне на тебе со силата на Севишниот ќе те осени, па затоа и роденото ќе биде свето и ќе се нарече Син Божји." Се ова се случува за да се исполни и докаже она што го прорекол Исаија: „Ете, Деви-цата ќе зачне и ќе роди Син, и ќе го наречат Емануел, што во превод значи „Бог е со нас". Според Евангелието од Лука, царот Август токму во тоа време, пред да се породи Марија, издал наредба за целосен попис на населението. Секој требало да отиде во својот град да се запише. Јосиф заминал за Јудеја, во градот Давидов, наречен Витлеем, зашто потекнувал од племето Давидово. Марија и Јосиф сигнале таму. Бидејќи за нив немало место во гостилницата, Марија се породила во пештерата (јасли) кај овчарите. Самата го повила првенецот и го положила во јаслите. Таму спиеле овчарите кои го паселе стадото во околината. Во тој момент тие биле надвор од јаслите и наеднаш ги осветлила Господова светлина, се појавил ангел меѓу нив, кој рекол: „He плашете се! Еве, ви соопштувам голема радост, која ќе биде за сите луѓе, зашто денеска ви се роди во градот Давидов Спасител, кој е Христос Господ и еве ви знак, ќе најдете повиен младенец, како лежи во јасли." По небесната прослава овчарите се свестиле и потрчале во Витлеем да го видат Младенецот. Во јаслите биле Марија, Јосиф и Младенецот повиен. Продолжува Пишуваат: |