|
||||
Брајчинските иселенички средби |
Се одржаа 23-те „Брајчинските иселенички средби“ На седми и осми август 2018 година, на денот на прославата на празникот посветен на Света Петка, по 23 пат се одржаа „Брајчинските иселенички средби“. Ова значајна манифестација на која присуствуваат голем број иселеници и гости се одржува во континуитет на празникот Света Патка, а се слави селото Брајчино, во Долна Преспа „Брајчинските иселенички средби“. се најзначајна манифестација за иселеничкото село Брајчино. Таа започнала да се слави многу оддамна како селска слава посветена на празникот Света Петка. Меѓутоа, од 1995 година прославата прераснала во манифестација под името „Брајчинските иселенички средби“. И оваа година како и во предходниот период, традиционално славата за Света Петка започна во манастирската црква „Св. Петка“, една од поважните духовни светилишта во Долна Преспа. Прославата започна на 7 август со посна вечера (заслуг), на која присуствуваа посетители од Брајчино, иселеници, роднини, пријатели и гости од околните села и од други места. Централната прослава, пак, на „Брајчинските иселенички средби“ е на 8 август. Оваа година таа започна со ручек, а на вечерта се собраа околу илјада посетители, меѓу кои, брајчинци од селото, иселеници од прекуокеанските земји Канада, САД, Австралија и од Европската Унија, особено од Шведска. Исто така, имаше брајчинци што живеат низ Македонија, особено во Скопје и Битола, голем број Македонци од егејскиот дел на Македонија, гости од Мала Преспа и иселеници од другите села, туристи од цела Преспа, како и голем број повратници од Долна Преспа,Битолско, Охридско, Леринско и од други места. На овој значаен, духовен, светол и ден на селската слава за брајчинци и за сите посетители се играше и се пееше, се јадеше и се пиеше до утринските часови, а се чувствуваше топло гостопримство и срдечност од членовите на Одборот за прослава и на другите брајчинци како домаќини. Дваесет и трите „Брајчинските иселенички средби“ се одржаа во центарот на селото, на платото пред зградата на поранешното основно училиште. Тие започнаа со народна веселба, со песни и ора, на која гостите ги забавуваа оркестарот „Фонтана“, со учество на познатите и неуморни естрадни уметници: Даниела Темелковска и Петар Нечовски. Инаку, според пишаните материјали за селото, се чини дека печалбарското Брајчино се преселило во Торонто, Канада, каде живеат стотина семејства со над 500 брајчинци, Таму тие формирале свое друштво кое е едно од најактивните и кое се грижи за средбите и воопшто за селото. Брајчинци ги има и во САД, Австралија и Шведска, кои после педесетите години од минатиот век заминале засекогаш по „белиот свет“. Како последица на иселувањето во деведесеттите години на минатиот век, од над илјада жители, колу што живееле во селото, бројот се намалил на околу двеста, за денес да останат само стотина жители од кои поголемиот број се стари лица. Но, често се вели дека бајчинци го напуштиле родното место, но носталгијата не ги напуштила нив. Меѓутоа, за одбележување е тоа што од пред петнаесеттина години селото Брајчино почна да заживува. Со изградбата на асфалтниот пат до селото и асфалтирањето на голем број од селските улици, изградбата на водоводната мрежа и друга инфраструктура, животот почна да се враќа во селото. Тоа како да беше повод бројни пензионери и иселеници од Брајчино да се вратат на дедовските корени, да ги реновираат старите куќи или да градат нови современи домови кои преставуваат пример во македонската архитектура. Во почетокот на заживувањето на селото се започна со развивање на селскиот туризам што беше вистински препород за Брајчино, кое надалеку е познато како еден вид климатска банја. Со своите угостителски и други објекти Брајчино има водечка улога во Долна Преспа, особено со способностите и можностите на брајчинци за развивање на селскиот туризам. Така, денес се отворени неколку угостителски и други туристички објекти кои привлекуваат бројни посетители и значат светла иднина на печалбарско Брајчино. Пишува: СЛАВЕ КАТИН |