|
||||
Манастирот „Св. Мала Богородица“ во Сливница – Преспа (7) |
АПОКРИФНА ЛИТЕРАТУРА ПОЗНАТА ВО МАКЕДОНСКАТА СРЕДИНА Свети Климент Охридски практикувал неодамна покрстениот свој род да го вовлекува суштински во христијанските празници и белези, преку едноставно составуваните поучни слова. Така и значењето на денот за Благовеста сакал да им го протолкува на верниците. Денот кога се овоплотил во чистата Дева Марија. Синот Божји, што не се вместил во Небесата, се вместил на овој ден во човечко тело. Невидливиот-видлив станал. Еве ја и суштинската поука и објаснување на свети Климент: „Денес Бог прима тело; пред сите векови тој се родил од Отецот без мајка на небеси, сега страшно и чудесно на земја без татко, од мајка, во Девица се зачнува, двоен по природа - Бог и човек, разбран и искажан со нас Бог којшто сака да го спаси човечкиот род и да дојде на земја, бидувајќи заедно на небо со Отецоти со Духот, и заедно на земја еднакво прославуван и поклонуван, тој царува моќно со своето раѓање; друг нема роден порано од татко без мајка, ниту друг е зачнат во Девица, туку само еднородниот Син Божји, по суштество примајќи го суштеството на татка си, ни се јави нам, светлина на светот, Бог вистинит од вистинитиот Бог, роден, а не створен..." Оваа блага вест ја среќаваме во старозаветниот текст „Видението на пророкот Исаија", или поточно во „Книгата на старозаветниот пророк Исаија": „Еве, Девица ќе зачне и ќе роди Син и ќе му стават име Емануил, што значи: Господ е со нас." Оваа убава поука на свети Климент е заснована и врз стиховите во Евангелието од Лука, во кое се изречени најпрославените стихови, речиси најцитиран во бројните дела кои и се посветени на Пресветата Дева: „А во шестиот месец беше испратен од Бога ангелот Гаврил во галилејскиот град, по име Назарет, при една девојка, свршена за маж по име Јосиф, од домот Давидов; а името на девојката и беше Марија“. И кога влезе ангелот при неа рече: „Радувај се, благодетна! Господ е со тебе! Благословена си ти меѓу жените!" По образложенијата што ги изнесува Климент за големината на овој ден, следи неговиот заклучен дел, кој се однесува со спасението на луѓето, кое доаѓа со зачнатиот Син, од кого ќе побегнат сите ѓаволски сили. Затоа свети Климент ги повикува верниците да пристапат кон Бога со смиреност, со благост, со љубов, во пост и работа, да не ја заборават Црквата. Во овој поглед не смееме да не нагласиме дека во македонската иконографија од средниот век овој мотив зазема посебно место, особено охридската икона од црквата Свети Климент Охридски, со потекло од крајот на 11-от век. На неа е перфектно насликан носителот на благата вест - архангелот Гаврил, пред смирената и преубава дева Марија. Оваа икона го најде своето место во ремек делата на светската уметност и го привлече вниманието на уметничките критичари ширум светот. И мотивот за Успението на Богородица е обработувана тема, во која се повторуваат духовните измачувања на мајката, по воскреснувањето на Синот, по претрпените суровости заради спасот на луѓето. Таа останува славена и почитувана меѓу Христовите сопатници и ученици с до денот на нејзината смрт и пренесувањето до седиштето на Синот на небото. Обработката на Успението го дополнува книжевно творештво на Климент Охридски, овој пат co една возвишена похвала, како што практикувал тоа да го прави охридскиот учител за личностите што му биле посебно сакани и омилени. Таквата восхвала на Богородица свети Климент и ја посветува токму на денот на нејзиното Успение. Преку успението на Богородица, Климент го навестува простувањето на Евиниот грев, преку благоста на Девицата која го раѓа Синот, искупител на сите човечки гревови. Богородица не помалку ги спасувала луѓето со својот подвиг. И во ова слово авторот наоѓа за потребно да го истакне бестелесното зачнување на Девицата. Така, таа родила син со двојна природа: Бог и човек. И тој со човечкото тело, преку Девицата, ја вкуси смртта, a co божественоста своја - вечноста. И кога таа ја вкуси телесната смрт, нејзиниот Син слезе до неа со мноштво бестелесни сили, и во облак ја дигна од гробот на третиот ден и ја вознесе на небо, со сите апостоли. Притоа свети Климент ја возвеличува Пречистата дева и мајка, со градација на симболи и метафори. „Радувај се, породо духовна, од која се источи бесмртност на родот човечки. Радувај се нов ковчегу, ти нема да ги понесеш камените таблици, туку самиот законодавец Исус Христос, спасителот на светот што си го родила. Радувај се, капино несогорлива, што го понесе несогорливиот оган во својата пречиста утроба. Радувај се, горо несечена, од која го исече каменот на разумот на Христос, и ги сотре идолските светилишта и нивните храмови ги изгоре. Радувај се, пресветол облаку, што го понесе мисловното сонце Христос во својата утроба..." Исклучително важен момент од животот на Богородица, а кој не е во тесна врска cо синот Исус, е зачнувањето на Дева. Свети Климент го одбележал со посебно поучително слово и зачнувањето на пресветата Дева. Архангелот и благовестил на праведната Ана дека ќе зачне во својата утроба. Мајката на Марија била внука на Јесеј од Давидовото колено. Пророците пророкувале одамна дека таа ќе роди дева, во која ќе се зачне синот Божји. Затоа и зачнувањето на дева Марија е свет и благ ден. Од неа ќе се изродат добрини, зашто таа постојано му се молела на својот сакан син да се смилостиви над луѓето. Затоа, заклучува свети Климент, луѓето треба спонтано да го почитуваат овој ден и да ги полнат црквите. Заклучокот за важниот настан од оваа похвала внесува верба во добрината, бидејќи таа и нејзиниот син страдале за добрината на сите луѓе, за верниците да го сфатат вистинскиот христијански пат. Свети Климент ја подвлекува волшебната сила на Богородица, да биде поткрепа на болните, нивно исцеление, а небесното царство им се отвора на сите оние кои веруваат во неа. Во Македонија биле познати разновидните верзии од раскажуваните и предаваните чуда на Светата Дева. Еден успешен превод на оваа омилена литература направил македонскиот просветител од 18-от и 19-от век - Јоаким Крчоски. Покрај своите четири дела печатени во Будим, ја објавил и многу интересната содржина во книгата „Чудеса пресвјатија Богородици", објавена во 1817 година, и која доживеала голема популарност, заради собраните чуда, што ги правела заштитничката на сите луѓе - Богородица. Продолжува Пишуваат: |