|
||||
Манастирот „Св. Мала Богородица“ во Сливница – Преспа (23) |
СЛИВНИЦА И МАНАСТИРОТ СВЕТА БОГОРОДИЦА II дел Според поголемиот број податоци во пишаните документи се вели дека манастирската црква Света Богородица е изградена во 1607 година, за време на игуменот јеромонах Никанур. Податок што е зачуван на натписот на влезот во црквата од внатрешната страна. Како дарители-ктитори се споменуваат повеќе лица од различни места на Македонија. Притоа посебно место му припаѓа на Михајло и Стојна Петкови со синот Купен од Битола. Според еден натпис манастирската зграда (конаците, подрумите и другите простории и објекти) се подигнати пред изградбата на црквата. Веројатно делови од манастирот се доградувани и подоцна ce до 1617 година. Нартексот (предворјето) е соѕидан во 1612 година. За жал, грчкиот владика Мелетиј наредил да се изгорат старите книги на манастирот. Тие биле сокриени во манастирските бочви, но биле пронајдени и запалени. Се раскажува дека книгите „гореле цела недела". Но, исто така, се раскажува дека овој манастир бил еден од најбогатите манастири во областа Преспа. Поседувал голем недвижен имот: ниви, ливади, лозја во Претор, Курбиново, Грнчари, Сливница, Цапари и Раби, дуќани во Битола, маслинови градини во Елбасан и големи пространства на борова, дабова и букова шума. Во фрескоживописот на црквата е карактеристично присуството и сликата на шестнаесеткракото сонце од Кутлеш (Палатица). Импресивно дејствува и фреската на седмочислениците, потоа на Св. Кирил Филозоф со Св. Спиридон, лицето Купен и други. Самата црква во 1612 година била доградувана и живописувана. Уништениот живопис во 1645 година бил повторно насликан. Извонредна резба откриваат: иконостасот, царските двери, престолните икони, изработени во 17-от век. Веќе во 19-от век црквата била добро обновена, биле изградени помошни простории и камбанаријата. Манастирот Света Богородица бил постојан центар на просветата, а во одлучните моменти од нашата историја во него се развивала и револуционерна дејност. Голема штета на црковната библиотека и нанел грчкиот владика Мелетиј кој ги уништил вредните ракописи и книги. Во 1942 година во манастирот Света Богородица бил сместен одред од италијанската војска, кога биле и опожарени манастирските конаци. Во предилинденскиот период во Сливница, Брајчино и други места биле организирани илегални курсеви за свештеници, кои биле подготвувани да служат на мајчин јазик, наспроти гркофилската политика на грчкото свештенство. Овие организациони форми доаѓале од Централниот комитет на ВМРО. Овој дел од Преспа станал, главно, печалбарски. Се знае дека во 1907 година Кузман Попов прв од печалбарите од Сливница ја повел и својата жена на печалба во Америка. Денес голем број сливничани живеат во САД, Канада, Австралија. Иселениците честопати донираат за црквите и за манастирот. Така, бевме информирани дека, на пример, Ѓорги Ѓоргиевски од Лос Анџелес донирал 1440 долари, исто така и Стеван Стерјовски од Торонто оставил 2400 долари. Бранко Бојчевски од Чикаго донирал 650 долари, итн. Донираат од сите преспански села, забележани се 22 села од Преспа. Сите донации се редовно водени и забележани во црковните книги. Сливничани за своја главна селска слава ја имаат Мала света Богородица, денот на манастирот. Уште во минатото на 20/21 септември се одржувал панаѓур, кога доаѓал народ од сите населени места од Преспа, а и од Битолско, особена од селото Маловишта, кое е сместено во пазувите на Баба Планина, од другата страна на Пелистер. Панорама на селото Сливница На тој ден народот спиел во манастирот спроти празникот Мала света Богородица; свирела музика преку цела ноќ. На Манастирот народот му подарувал разни донации (пари, предмети, овци и говеда), другарувал, стекнувал нови пријателства, се веселел, а преку песната и орото, во исто време, ја изразувал и љубовта и тагата и почитта кон Манастирот, кон својата поробена Татковина. Така живеел Слимничкиот манастир со векови во минатото, велат слимничани. Се очекува таквата традиција да продолжи и во иднина кога тие ќе им пружат добредојде на сите намерници и вљубеници во црковното, културното и духовното богатство на Преспа и на Македонија. Манастирот Света Богородица во Сливница е монументално сведоштво за минатото, сегашноста и иднината на македонското црковно-културно наследство. Благодарение на населението од Сливница, на голем број донатори како од Преспа, така и од прекуокеанските земји, потоа приватни и државни установи и претпријатија, членови на Манастирскиот одбор и Месната заедница, Собранието на Општина Ресен, Заводот за заштита на спомениците во Република Македонија, Преспанско-пелагониската епархија и на други добронамерници, манастирот Света Богородица е обновен. Во перодот 1994-1998 година се обновени 20 конаци во кои има 90 легла. Притоа, треба да се нагласи посебната грижа и несебичниот однос за покренување иницијативи за обнова на Манастирот, на Божин (Бошко) Нечевски од Сливница кој, уште во 1970 година, ја започнал својата добронамерна дарителска акција да се направи чешмата во манастирскиот двор и кој беше сведок на сите обнови, поправки и нови градби.. Манастирот Света Богородица бил свето место на зближување меѓу христијаните. Затоа македонскиот народ и денес го заштитува со најсовремени научни методи, го чува и се грижи за тој објект кој постојано е отворен и достапен за секој добронамерен верник, почитувач и проучувач од кој било дел на светот, а мајсторите и донаторите комуницирале низ овие градби според своите духовни доблести. Денес Слимничкиот манастир Света Богородица продолжува да го живее својот живот како во минатото. Манастирот го посетуваат верници, добронамерници, новинари кои пишуваат за се она што се случувало во и околу минатото, во сегашноста, истражувачи кои ги проучуваат неговите културно-уметнички вредности, гости и туристи. Свети Кирил филозоф и Свети Спиридон Бидејќи манастирот Света Богородица обилува со богати фрески, икони, резби, архитектура, интересни случувања и друго, во последните години тој е предизвик за бројни научници, патеписци и други заинтересирани кои посветуваат големо внимание на науката, литературата и воопшто на црковното и културното живеење на Република Македонија. Продолжува
Пишуваат: Д-Р ВЕРА СТОЈЧЕВКА-АНТИЌ и СЛАВЕ КАТИН |