|
||||
МАНАСТИРОТ „СВ. МАЛА БОГОРОДИЦА“ ВО СЛИВНИЦА – ПРЕСПА (29) |
ПРЕСПА ВО МИНАТОТО И СЕГА – ГОЛЕМ ГРАД И ЦАР САМОИЛ За Преспа е карактеристично што таа, заедно со Охрид, во еден долг период претставувала крстосница на народи, религии, цивилизации... Трајни сведоштва за тоа се бројните споменици од материјалната култура на Македонците, но и остатоците од три важни магистрални патишта - Виа Игнација, Епирскиот и Стариот битолски пат, како најстар каравански пат од византиско време и средниот век, како и други споменици на духовната култура. Процесот на осознавањето, во смисла на национално освестување, во Преспа се јавил многу рано, а тоа било особено изразено во 19-иот век. Но, и многу порано, со подигањето верски објекти и со нивното украсување со икони и фрески кои говорат за тешката историја на македонскиот народ, како и со другите споменици на културата, уметноста, народното творештво и другите вредности на македонското население. Во минатото, иницијативите за подигање цркви и други објекти потекнувале од занаетчиите и трговците, особено во историските околности кои овозможувале извесна верска слобода на македонското население. Во таквите прилики доаѓале до израз и творечките постигања на македонските градители и зографи. Така, во подножјето на Пелистер, во село Курбиново, се наоѓа црквата Свети Ѓорги, чијшто живопис потекнува од 1191 година. Однадвор мала и неугледна, градена од кршен камен, внатре - бисер со одлично зачувана фрескодекорација од 12-от, 16-от и од 17-от век, поради што е ставена под заштита на државата. Жителите раскажуваат, а постарите паметат дека некогаш околу црквата постоеле и манастирски конаци. Обновените археолошки истражувања на локалитетот на Голем Град на Преспанското Езеро, пак, ги потврдија претпоставките за организирано живеење на овој езерски остров од 3-от до 1-от век пред Христа. Откриени се остатоци од две цркви и потврдено е постоењето на средновековната некропола. Населбата својот процут го доживеала во периодот меѓу 9-от и 14-от век, но овојпат како манастирски комплекс. Целосно била сочувана црквата Свети Петар, а делумно Свети Димитрија во која се претпоставува дека е погребан свети Димитрија. Дел од убавата Преспа Од голема важност за Преспа, секако е Преспанското Езеро, кое е второ по големина во Македонија. Тоа зафаќа површина од 294 km2, co најголема длабочина од педесетина метри кај селото Нивици. Денес заради губењето на големи количини вода, Преспанското Езеро се повлекува и смалува. Тоа е заобиколено со високите планини и од сите страни дава величествена глетка. Се наоѓа на околу 850 метри надморска височина, а температурата на водата се движи од над 18°С во јуни до 24°С во јули и август. Брегот е песоклив, а температурата на воздухот во лето е пријатна. Две третини од Преспанското Езеро и припаѓаат на Република Македони-ја, а една третина на Грција и Албанија. Тромеѓето е во близина на островот Голем Град. Македонскиот цар Самуил својата престолнина ја сместил не случајно на островот Ахил во Преспа, кој се наоѓа на таканареченото Мало Преспанско Езеро, во Егејска Македонија што сега припаѓа на Грција. На островот Мал Град, што е на албанска територија, пак, се наоѓа црквата посветена на свети Петар и Павле, а на брегот кај Нивици е црквата Света Богородица. Затоа со право се вели дека цар Самуил не ја избрал Преспа за своја престолнина случајно. И сега и тогаш, Преспа била питома и богата со големи населби, со плодно поле и зелени пасишта, со богат лов на риби во тогашното езеро и големата река, кои му овозможувале на царот доволно храна за војската и робовите што ги држел. Преспа ја видел и како тврдина која му обезбедувала спокоен престој за војската и управата, особено кога се враќал од походите. Самуил во Преспа почнал да гради патишта и други паметници. Така, на островот во Долна Преспа ја изградил црквата Свети Ахил, која имала 12 олтари во кои на обредите пееле 12 попови. Црквата ја подигнал по неговата голема победа над Византијците, во близина на Лариса, каде што бил инспириран од тамошната цркваСвети Ахил, решил таква црква да изгради и во Преспа. Во новата црква ги донел и моштите на патријархот Ахил, бидејќи ја изградил во негова чест. Црквата е лоцирана на источната страна, во подножјето на островот, а еден дел од неа денес се наоѓа во водите на езерото, како урнатина. На островот царот изградил четири цркви, во кои работеле голем број калуѓери. Тие ја обработувале и манастирската земја, чувале стада говеда и овци и се грижеле за одржувањето на објектите. Кога подоцна во Мала Преспа надошле води и го поплавиле полето и патот до островот, калуѓерите и селаните од Ахил, чие село тогаш било големо, ја доградувале калдрмата за населението од Преспа да може да доаѓа на „светата" земја. Над Византијците цар Самуил извојувал многу победи и секогаш кога се враќал во Преспа со него носел голем број робови и богат плен. Преспанското население му приредувало свечени дочеци, а во црквите се правеле обреди и церемонијали. Затоа и не е случајношто денес во Преспа има четириесетина цркви и манастири, чии камбани веројатно го означувале трумфалното враќање на царот во престолнината. Каде се наоѓа гробот на цар Самуил? Постојат две претпоставки. Едната, дека бил погребан на островот, во еден од олтарите на црквата Свети Ахил, а другата, дека бил погребан во селото Раби, во црквата Света Пречиста, во која со години била чувана неговата надгробна плоча. Долна Преспа Во близина на сегашната Перова Кула, во Долна Преспа, каде двете преспански езера се на растојание од само 200 метри, нив ги поврзува река чии води се влеваат од Малото во Големото Езеро. Оваа река е поврзана со минатото на Преспа. Постарите преспанчани раскажувале дека течението на оваа река било многу подолго, а реката поголема. Таа почнувала од подножјето на планината Врба, во близина на селото Л'к и завршувала кај завојот на Нивичка Планина, во местото Роот, каде што сега езерото е најдлабоко. Низ подземните пукнатини и канали под планината Галичица, водата од езерцето се провлекувала и влевала во Охридското Езеро. Според кажувањата, тогаш Преспа била широко и плодно поле, со многу села и големиот град Преспа кој тогаш се викал Река. Веројатно името го добил по Големата Река, која почнувала и завршувала во Преспа. И кога градот Преспа со селата бил во зенитот на својот развој, се случило најлошото. Регионот бил зафатен од силен земјотрес, земјата се распукала и се појавила голема вода која го потопила градот и селата и тие засекогаш останале под водата. Подземните канали и пукнатини под Галичица, низ кои истекувала водата, се затвориле и малото езерце почнало да го зголемува своето ниво и да ги поплавува полето и селата. Така дошло до трка во спасувањето и селењето на луѓето, која траела со години и векови, се додека езерото не го достигнало сегашното ниво. Населението што останало без своите куќи, побарало спас во градот Преспа или подигнало нови живеалишта во правец на Охрид кон северозапад и на југ кон Костур. Така биле создадени сегашните леринско-костурски села Желево, Ошчима, Перово, Руља, Брезница и Габреш, а областа во која се наоѓале се викала Корешта. А бидејќи дошле од областа Река, го добиле името Рекарци, кое сеуште го носат. Продолжува
Пишуваат: Д-Р ВЕРА СТОЈЧЕВКА-АНТИЌ и СЛАВЕ КАТИН |