|
||||
ВО ГОРНА ПРЕСПА КАКО ДОМА (10) |
ВО ОВОШТАРСКИОТ КРАЈ ОД КОЗЈАК ПРЕКУ БЕЛА ЦРКВА И РАЈЦА ДО АСАМАТИ Кога туристот патува од Битола кон Охрид и се искачи на превојот Ѓавато, пред него се отвора панорама на дел од котлината на Преспа и Преспанското Езеро. Од таму се гледа голем дел на Горна Преспа, особено Отешево, Царев Двот, Ресен, Јанковец и други места. Во непосредна близина на месноста Макази се наоѓаат Козјак и Бела Црква, од каде патот води кон Рајца и Асамати, познатиот овоштарски крај во Македонија Селото Козјак е најблиску до раскрсницата на патот што се дели од Макази за Маркова Нога и од Макаси за Отешево. Тоа е стара турска населба, во кое живеат стотина македонски Турци кои се занимаваат со поледелство и сточарство. Името го добило по тоа што во селото се чувале кози. Меѓутоа, се верува дека на тоа место во минатото постоела турска касаба (градче) по име Козана, од која и селото се нарекува Козјак. Во атарот на Козјак има повеќе археолошки локалитети, за што има бројни докази. Се претпоставува дека на тој дел на Преспа поминувал патот Виа Игнација и дека просторот околу селото Козјак бил значајна станица. Во селото Козјак има една џамија која била изградена во 1902 година, а која е поправана пред повеќе години. Денес таа е верски објек за козјачани и за намерници кои доаѓаат на тие простори во Преспа. Во историјата е забележано дека одреден број од селаните учествувале и во НОБ кога и својот живот за слобода на Македонија го даде Наим Ракиповски. Западно од Козјак, на патот од Макази према Отешево, на неколку километри се наоѓа селото Горна Бела Црква. Таа е сместена во плодното преспанско поле, на западната страна од Долна Бела Црква, а на исток од Царев Двор. Во ова село има околу четириесет домаќинства со близу двеста жители, од кои над сто македонски Албанци и осумдесетина македонски Турци.Во селото има училиште на албански јазик. Исто така во Горна Бела Црква има и џамија, која се верува дека била изградена во 1918 година, а била обновена во 1971 година. Селаните се занимаваат претежно со овоштарсво и сточарство. Интересно е да се спомене дека во ова село во минатото имало најмногу биволи во Преспа. Кога се патува од раскрсницата Макази недалеку од Козјак кон Подмочани патникот ќе го забележи селото Долна Бела Црква. Од асфалтниот пат кој води кон Маркова Нога се свртува кон Долна Бела Црква, која е сместена на десетина километри јужно од Ресен. Долна Бела Црква е мешано село каде сложно живеат околу сто и педесетина Македонци и осумдесетина македонски Албанци, кои изградиле убави куќи со различна архитектура. Во атарот на ова село има неколку археолошки локалитети. Таму постојат и две цркви, и тоа црквите „Св. Цар Константин и Елена“, што е во селото, која била изградена 1888 година, а обновена 1993 година и црквата „Св. Петар и Павле“ во локалитетот Горица, во чија близина се и селските православни и муслимански гробишта. Во Долна Бела Црква никогаш немало џамија. И од селото Долна Бела Црква како и од голем број други села во Преспа, во текот на Втората светска војна повеќе селани зеле учество и биле на страната на Народно-ослободителната војна, во која ги дале своите животи Генија Назифи, Круме Петревски и Трајан Трајчевски. Долна Бела Црква Ако Асамати е село на рибарите, селото Рајца е место на овоштарите. Таму можат да се видат непрегледни овошни насади со кои Преспа се гордее. Зато со право се вели дека полскиот дел на Преспа од Асамати до Козјак е познат овоштарски крај во Македонија. Инаку, селото Рајца е христијанска населба во која живеат православни Македонци, со околу триесетина домаќинства и седумдесетина жители, кои претежно одгледуваат овоштарски насади. Тоа се наоѓа на неколку километри од Асамати и Курбиново недалеку од патот Макази – Маркова Нога. Во селото постои црквата „Св. Никола“, која била изградена во 1867 година. Кога се зборува или пишува за туризмот во Преспа, селото Асамати има свое место. Тоа е едно од првите познати туристички населби во Преспа. Асамати се наоѓа на крајното северо-источно крајбрежје на Преспанското Езеро, јужно од патот од Макази кон Маркова Нога. Според преданието се претпоставува дека името селото го добило од времето кога таму биле стационирани истоштените, измачените и еднооки војници на македонскиот цар Самоил. Имено, во Асамати се пренесува преданието според кое името значи “еднооки” или „без очи“ и дека било добиено по ослепената самоилова војска, од која дел бил доведен и стациониран на повеќе места околу Преспанското Езеро, но најповеќе на локалитетот на денешното село Асамати. Исто така, преданието вели дека желбата на ослепените војница била животот да го продолжат во близина на царската престолнина-Преспа. Постои уште едно тврдење според кое името на селото Асамати доаѓа од зборот “бестелесни” и дека тоа име го добило по Богомилското движење, односно по Богомилите кои живееле на тие простори, а кои верувале во Богот-отец без тело. Поглед кон Асамати Во Асамати постојат бројни локалитети со археолошко значење и тоа, црквата „Св. Архангел Михаил“, каде се селските гробишта, изградена во 1636 година, црквата “Света Богородица“, како и „Света Марена“, мал параклис посветен на селската заштитничка. Исто така, во Асамати има и џамија која е изградена во 2004 година. Кога сме кај религијата треба да се спомене дека преспанчани веруваат во моќта на Света Марена. Посебно во Асамати таа е заштитничката на селото и на рибарите. На црквата „Света Марена“ се молат и христијаните и муслиманите, кои веруваат во нејзината моќ, а има и верување дека таа се појавува на вакавската ливада каде што поранешен функционер изградил вила, а потоа имал разни привиденија.Таму никој не се осудува да живее во вилата изградена на таканаречената вакавска ливада во Асамати, каде што од пред три века е подигнат и параклис за света Марена, заштитничката на селото и на рибарите. Kултот за света Марена е многу раширен во голем дел од Преспа, затоа постојат десетици црквички и манастири кои го носат нејзиното име низ селата од македонската земја во Република Македонија и во Мала и Долна Преспа (во албанската и грчка страна) на Преспанското Езеро. Продолжува
|