|
||||
Гоце Фест 2011 на 11 февруари по 22-ри пат |
Фестивалот на патриотски и родољубиви новосоздадени македонски песни Гоце Фест 2011 е пред своето 22-ро издание. На 11 февруари во Универзалната сала со почеток од 20.00 часот, љубителите на патриотската тематика ќе можат да ги проследат најновите музички творештва на најистакнатите автори и естрадни уметници од македонската фолк естрада. И годинава пред публиката ќе се претстават фолк ѕвездите кои во изминатите две децении оставија најголем белег на овој наш препознатлив фестивал. Меѓу учесниците се Војо Стојановски, Виданка Ѓорѓиевска, Гоце Арнаудов, Круме Спасовски, Мишко Талески, Ани Малинкова, Ванчо Тарабунов и други. Годинава Сузана Спасовска на фестивалот ќе биде застапена како автор на музиката на песната „Македонијо, прадедовино„ во изведба на Боби Анде и групата До Ре Ми од Куманово. Инаку, меѓу темите кои ќе се најдат на годинешното издание на Гоце Фест 2011 се оние за ликот и делото на Никола Карев, Ѓорче Петров, елегичната тема за Егејците, а Мишко Талески ќе се претстави со авторската „Последниот гемиџија„ посветена на 60 годишнината од смртта на Павел Шатев. Фестивалот ќе биде пренесуван директно на првата програма на Македонската телевизија. |