|
||||
Во карневалска Струмица се одбележува „чист понеделник“ и почетокот на велигденскиот пост |
Струмичките карневалски церемонии продолжуваат со одбележување на обредните традиции со кои се означува почетокот на големиот четириесетдневен предвелигденски пост, еден од најстрогите канонски обичаи во православната христијанска вера. Во сите домови денеска се подготвува и се служи бел незапржен посен грав, како знак на почеток на постот. Обредните церемонии ќе завршат задутре со приготвување и служење посни јадења и посета на куќите на армасаните (свршените) девојки, каде што се собираат само жени, пеат еротски песни и кажуваат „мрсни“ вицеви. Во рамки на официјалната програма, вечер во Центарот за култура „Антон Панов“ ќе биде отворена традиционалната изложба на еротски карикатури и афоризми, тематски инспирирани од карневалот, а на победниците на годинашниот Меѓународен фестивал на карикатура и афоризам ќе им бидат врачени наградите. Првата награда за афоризам ја освои Ристо Филчевски од Струмица, а за карикатура Константин Казанчев од Украина. Вечерва првпат ќе биде организиран и концерт под маски во изведба на ученици на Музичкото училиште „Боро Џони“ од Струмица. Главната карневалска фешта ќе се одржи утревечер кога по улиците на Струмица и во центарот на градот се очекува да продефилираат над две илјади групни и поединечни маски од земјава и од Словенија, Бугарија, Србија, Романија, Црна Гора, Турција и од Албанија. Најдобрите маски ќе бидат наградени според нивната категорија, атрактивност и квалитет, а вкупниот награден фонд изнесува околу десет илјади евра. Покрај бројни гости и учесници од земјава и од странство, Струмичкиот карневал го следат и претставници на Светската асоцијација на карневалските градови (ФЕЕЦ). |