|
||||
Свети Никола - Летен 22/9 мај |
Празник на големиот Мирликиски ЧудотворецВо животот на нашиот човек значајно место има свети Никола, кого многу семејства го сметаат за свој домашен заштитник и со многу внимание го празнуваат неговиот ден. Иако повеќе се празнува денот на неговото упокојување 19/6 декември попознат како Свети Никола -Зимен, сепак внимание му се посветува и на денот на пренесувањето на моштите на св. Николај од Мир во Бари на 22/9 мај, празник меѓу народот попознат како Св. Никола - Летен. Оовој важен лик од христијанската традиција е роден кон крајот на 3 век во гратчето Патара во областа Ликија во Мала Азија на брегот на Средоземното море. Наречен е Мирликиски затоа што бил архиепископ во градот Мир во областа Ликија. Учествувал на Првиот вселенски собор во Никеја во 325 година, каде што не можејќи мирно да ги прифати богохулните настапи на еретикот Ариј му удрил шлаканица и го посрамотил. Поради тоа бил отстранет од соборот, а едно време му бил одземен и епископскиот престол. Но кога тоа се случило некои од поправедните учесници на соборот имале видение: виделе како од едната страна на Св. Николај стои самиот Господ Исус Христос со евангелие во рацете, а од другата страна неговата мајка со омфор што било знак дека тој ја има нивната поткрепа. Тогаш во него виделе не обичен смртник, туку божји угодник. Доживеал длабока старост и умрел на 19/6 декември 342 година откако 58 години како свештеник му служел на Исус и на својот народ. Со голема свеченост неговото тело било погребано во соборната црква во градот Мир каде што бил епископ. И додека бил жив св. Николај, а особено по неговата смрт на неговиот гроб доаѓал многу народ, барајќи исцелување од многу болести. Изворите сведочат дека во Мир доаѓале многу Скити (Словени) од долината на реката Дон што се поврзува и со големиот култ што св. Николај го има кај сите Словени, па и кај балканските по нивното преселување на овие простори. Кога во 11 век Мала Азија била освоена од Турците на удар биле, пред се, христијанските светилишта кои биле запалувани заедно со моштите на светителите. Поради тоа многу народи од овие краишта, па и од градот Мир се иселиле. Тогаш Св. Николај му се јавил на еден побожен свештеник од Бари (Италија) и му заповедал да раскаже меѓу народот, моштите на светителот да бидат пренесени од Мир во Бари. Во тоа време јужните краишта на Италија биле со православно население. Така една експедиција од Бари, центарот на јужноиталијанската област Апулија, со три брода натоварени со жито, пристигнала во Мир, успеала да ги убеди жителите на овој град и црковните старешини да им ги дадат светите мошти. Така на деветти мај (с.с.) 1087 година патниците пристигнале во бари свечено пречекани од многу народ и со литии и други црковни обреди, моштите на Св. Николај биле положени во црквата на Св. Јован Крстител. Многу болни дошле кај светите мошти брајќи исцелување, а многумина од нив си заминале навистина оздравени. Веднаш започнала изградбата на храм посветен на Св. Николај кој наскоро бил завршен, а во него биле пренесени и светите мошти коишто тука почиваат до денес. Поради тоа овој датум, 9 мај по стариот или 22 мај по новиот календар се празнува како ден на пренесувањето на светите мошти на св. Николај Мирликиски, празник познат и под името Свети Никола - Летен. Некои семејства дури и цели села со литии и други обреди споменот на пренесувањето на моштите на св. Николај го празнуваат на 2 јуни, според новиот (или на 20 мај според стариот) календар. Култот на св. Никола е познат од 6 век, а најстарото житие за него потекнува од 9 век. Важел за заштитник на целокупното насление од целиот свет поради што високо го ценеле не само православните туку и католиците. Од истите причини на овие простори во минатото го почитувале и Турците коишто како што сои во некои записи го викале “Ад'рбаба” (што значи јадар или голем татко). Неговото житие сведочи дека од мал се одликувал со позитивни особини поради што стрико му кој исто така се викал Николај и бил ариепископ во Мир, побарал од неговите родители за да го подготват за свештенички позив и самиот го произвел за свештеник во градот Мир. Кога му умреле родителите, Николај го раздал имотот на сиромаси, но тоа не го правел јавно, бидејќи сметал дека за добиените дела не треба да бара јавни признанија. Кога умрел стрико му свештениците и епископите во Мир барале личност погодна за негова замена и сите се согласиле со тоа дека најпогоден за тоа е младиот Николај кој така станал архиепископ Мирликијски. За време на царот Диоклецијан кога брл вршен страшен прогон на христијаните и Св. Николај се нашол во затвор каде што останал подолго, но кога царот Константин го признал христијанството како религија и Св. Николај се вратил на архиепископскиот престол. се прославил со многу добри дела поради што бил многу омилен меѓу народот, сиромашните ги помагал, на сиромашните девојки им помагал да се омажат со тоа што им купувал мираз, младите ги советувал, робовите ги откупувал и ги пуштал на слобода, на грешните им укажувал како да си го поправат однесувањето. Сепак во житието најмногу се раскажува за чудата што ги правел на бродовите кога повеќепати морнарите ги спасувал од сигурна пропаст. И македонската народна традиција памети дека луѓето ги штител од секакви неприлики, дека ги помагал сиромашните, ги заштитувал затворениците и неправедно осудените итн. сепак и овде најмногу е запаметен како господар на водите, на морињата, а со тоа и заштитник на корабите и на патниците што патувале со нив. Затоа пред него се молат особено оние што тргнуваат на пат по вода, зашто се верува дека тој многумина спасил уште додека бил жив. Во преданието се раскажува дека еднаш кога патувал по вода бродот потонал, а тој шест недели поминал на една штица. за цело време се молел на Бога да го спаси, а Господ не само што го спасил туку затоа што бил исполнет со верба кон Бога и што го молел го назначил за заштитник на морепловците. Во таа смисла Марко Цепенков запишал дека: „Свети Никола је на морињата - да варди луѓето од талазите на морето да не се удаат”. Стефан Тановиќ пак во записите од Гевгелиско на едно место забележал дека овој ден се празнувал „поради дождови и поплави”, а на друго место дека го празнувале рибарите и морепловците и дека секогаш бил на вода и ги држел клучевите од седум извори за да не се удават луѓето, зашто кога би ја пуштил водата, сите би се удавиле. На Дојранското Езеро на овој ден рибарите не влегувале во чуновите, а и во Солунскиот залив престанувал сообраќајот. И Ефтим Спространов во обичаите од Охрид забележал дека свети Никола бил тој „шо поиљвит морињата. Тога каде да се најт гемија или пампур останвит таму макар, стрет море да је ќе заприт и ќе го држит (ќе го празнуват). Свети Никола е фенерлија, праит чудесиј”. Во македонските народни песни св. Никола е опеан како „стар свети Никола” кој може да го одмрзне и замрзнатото море, но и кој гради цркви и манастири: „Цркви гради стар свети Никола,/ градил ги е од злато и сребро”. Стиховите, пак, од оваа песна во кои свети Никола и се обраѓа на златната рипка од дното на морето: „сребро, злато, цркви ќе дограда,/ бесцен камен у олтар ќе става,/ тебе рипке, курбан ќе те колам”, се во врска со обичајот да се јаде риба на празникот (особено на зимскиот празник кој секогаш паѓа во Божиќните пости) како и со обичајот во некои места за крбан да се готви риба - крап. И во песната од зборникот на Миладиновци се пее за делба меѓу четирите ангели: Св. Илија, Св. Никола, Св. Јован и Св. Петар: „На свети Никола што му паднало?/ Паднало му води и бродови,/ му паднаа гемии по море,/ од да имат, он да е повељат...” И во прозните народни умотворби еднаш се раскажува како св. Никола ги помага сиромасите, друг пат како добил два празника во годината. Така на пр. во една приказна запишана кон крајот на 19-тиот век од јероѓаконот Јосиф од манастирот „Пречиста” Кичевско, се раскажува дека едно време другите светци му завидувале на свети Никола затоа што многу бил почитуван и се поплакале на Бога. Бог ја примил поплаката и веднаш испратил двајца ангели да го повикаат св. Никола. Тие откако не го нашле по небото и по земјата го здогледале во стреде море како крепи една гемија готова да потоне. Му ја пренесле заповедта од Бога, а тој ги замолил да му помогнат да ја извадат гемијата на суво. Виделе не виделе ангелите му помогнале, а потоа така накиснат со искинати алишта го одвеле пред Бога. Тука во тој момент биле собрани сите светци што се поплакувале на него. Господ само ги погледал и ништо не рекол, а тие од погледот разбрале дека ако сакаат да бидат почитувани како Свети Никола треба да го прават тоа што го правел тој. Тогаш се вели во оваа приказна Господ заповедал за сите светци да има по еден ден во годината, за свети Никола два, а за преподобниот Касијан кој најмногу го кодошел на четири години еднаш да му се празнува денот, на 29 февруари. Од сево ова јасно се гледа дека многу елементи од обичаите и верувањата поврзани со Свети Никола водат потекло од претхристијанско време, но дека се задржани сите обреди, обичаи, жртвувања и сл. кои биле поврзани со некогашниот претхристијански јунак на морето, водите и ветровите. |