|
||||
ГОЦЕ ФЕСТ ПО 23-ти ПАТ ВО УНИВЕРЗАЛНАТА САЛА |
Фестивалот на нови родољубиви и патриотски македонски песни ГОЦЕ ФЕСТ, во петок на 10- ти февруари, со почеток во 20.00 часот во Универзалната сала, ќе го одбележи своето дваесет и трето издание. Фестивалот е во организација на Ансамблот за народни песни и ора ГОЦЕ ДЕЛЧЕВ од Скопје, а во чест на 4- ти Февруари, денот на раѓањето на Апостолот на македонското револуционерно и национално- ослободително движење, Гоце Делчев. На новото издание на Гоце Фест 2012, ќе настапат Војо Стојаноски, Сузана Спасовска, Круме Спасовски, Елена Георгиева, Мишко Талески, Славка Младеновска, Виданка Ѓорѓиевска, Ванчо Тарабунов, Ристо Краповски, Мишко Крстевски, групите Академци, Соната и Сирма и други. Фестивалот директно ќе биде пренесуван на Сателитската програма на Македонската телевизија. Досега на сцената на ГОЦЕ ФЕСТ беа изведени близу 700 композиции со родољубива и патриотска содржина, од кои поголемиот дел, веќе се широко прифатени и обнародени. Уште долго ќе се паметат песните „Една мисла имаме„ на Војо Стојаноски, „Проклети да се предавниците„ на Гоце Арнаудов, „Стани Македонијо„ на Сузана Спасовска, „Мајка„ на Петранка Костадинова, „Солунските гемиџии„ на групата Мераклии, „Македонија на Македонците„ на Мишко Талески, „Ах, рани, рани„ на Круме Спасовски, „Вардаре, Пирин кај ти е„ на Гоце Касаповски и многу други. На фестивалската сцена беа опеани личности и настани од богатото историско минато на македонскиот народ, кои дотогаш малку или воопшто не беа користени како теми во мелопоетските творби од ваков тип. |