|
||||
Манастир „Св. Никола“ - Слепче |
Дел од живописот на арките од лаците на нишите
Натпис на влезната врата Манастирот посветен на Свети Никола во селото Слепче, прилепско, била изградена во 1673 година од страна на еромонахот Михаил, но се спомнуваат и имињата на повеќе еромонаси и монаси кои се забележани на натписот врз мермерната плоча вградена во нишата на проскомидијата. Но, постои и друг натпис над влезот од црквата од внатрешната страна кој пак вели дека црквата била соѕидана и зографисана во 1674 година. Понатаму во натписот е забележано дека ктитори на црквата биле игуменот на манастирот Свети Никола, Сергија еромонах, Никифор еромонах и Кирил монах, Јаникија монахиња и повеќе световни лица. Црквата Св. Никола е мала, еднокорабна, типичен пример на црква од XVII век во Македонија. Фасадите се без декорации, покриена на две води, со мали отвори на источната и јужната страна и со единствен влез на западната страна. Внатрешните ѕидови на црквата се покриени со фрескоживопис во 1674 година, а најверојатно зографите на фреските се самите ктитори, игуменот на манастирот, еромонахот Сергија и неговиот ученик еромонахот Михаил. Јужно од влезот во црквата во прва зона се насликани двата ктиторски портрета кои го држат моделот на црквата и пригоден текст во кој се спомнува годината на изградбата и осликувањето на црквата како и имињата на ктиторите Сергија и Михаил. Живописот во црквата е поделен на три зони и еден фриз во наосот и повеќе фигури и други илустрации во олтарниот простор. Во првата зона на наосот, на јужниот ѕид, значајно место зазема секако патронот на црквата Свети Никола претставен како седи на архиерејски стол. Пандан на оваа фреска на северниот ѕид е прикажан Деисиз каде Исус Христос седи на трон, а лево и десно од него се Богородица и Св. Јован Претеча. Првата зона ја исполнуваат мноштво фигури во цел раст; светите ратници, испосници и маченици, двата Архангела и народните лекари - врачари Кузман и Дамјан како и цар Константин и царица Елена. Сцените и композициите на Богородичниот акатист претставени се на јужниот и северниот ѕид од втората зона. Зографите насликале 23 сцени од вкупно 25 строфи што ги содржи Акатистот, односно поделени се на 12 икоси и 11 кондаци. Изоставени се Благовештението второ и Опсадата на Цариград. Христовите маки како циклус се илустрирани во третата зона на јужниот и северниот ѕид - Христос пред Пилат, Исмејување Христово, Носење на крстот, Качување на крстот, па се` до Воскресение Христово и Неверството Томино кои завршуваат во олтарниот простор. Големите празници и претходниот циклус почнуваат од олтарниот простор на јужниот ѕид во четвртата зона и завршуваат на северниот ѕид. Илустрациите започнуваат со композицијата Рождество Христово и завршуваат со Воскресение Христово на северниот ѕид во олтарниот простор на четвртата зона. Олтарниот дел го исполнуваат светите архиереи на Божествената литургија, Богородица Ширшаја, Причествувањето на апостолите и светите архиѓакони, а во проскомидијата е претставен Христос мртов. Иконостасот претставува богато резбарско и иконописно остварување, а свој потпис на резбарските и сликарските работи на царските двери оставил игуменот на манастирот еромонахот Сергија. Исто така, престолните икони Богородица со Христос и Исус Христос, како и чинот на 12-те апостоли се изработени во време на споменатиот игумен Сергија. Митревски, Н. Манастирот Слепче кај Прилеп. Прилеп, 2001 Ќорнаков, Д. Македонски манастири. Скопје, 2009, 145-150; Nikolovski, D. Macedonian Woodcarving. Skopje, 2009, 107-111, ill. 73; Nikolovski, D. The Icon Painting in Macedonia. Skopje, 2010, 101, ill. 130 Ќорнаков, Д. Иконостасот од манастирската црква „Свети Никола” во село Слепче (Прилепско). Пелагонитиса, бр. 5/6, Битола, 1998, 102-107; |