|
||||
Црква Успение Богородичино во село Велестово |
На падините на планината Галичица во селото Велестово – Охридско, е изградена по димензии мала црква посветена на Успение Богородичино. Единствените податоци за оваа црква се неколкуте сочувани натписи испишани на старословенски јазик. Во првиот натпис, датиран од 1444 година, што се наоѓа на северниот ѕид, се споменуваат имињата на ктиторите: попот Георгија и Станца, братот на Станца Михо како и Рајко Добрилов Вториот натпис од 1451 година, е испишан над задниот влез во црквата од внатрешната страна што ги спомнува ктиторот Влкота и веројатно неговата жена Славка, ќерката Рувана и синовите Михо, Јаков, Никола... Во натписот од 14351 година се споменува охридскиот архиепископ Никола во чие време е изведен еден дел од живописот во црквата. Архиепископот Никола не се спомнува во други извори и во литературата. Црквата е еднокорабна граѓевина со полукружен свод и тристрана апсида однадвор. Градена е од кршен и делкан камен употребен за аглите и влезовите. Живописот во црквата според натписите е изведен во две етапи. Првиот од 1444 година го зафаќа просторот „од преграду до третиу греду“ (од иконостасот до трета греда). Втората етапа од 1451 година се простира од трета греда кон западната страна. Двете етапи се и графички одвоени со повлечена лента во широчина од околу 5 см. Зографот на живописот од 1444 година ни се прикажува како значително посолиден, би се рекло поталентиран зограф. Неговата линија осцилира во однос на дебелината и прецизноста, но сепак неговите фигури се сосема солидно сфатени и изведени, при што недостатоците на цртежот, се надоместени со поживиот и посмелиот колорит, кој во извесни места како кај фигурата на Св. Меркурије, ги покажува настојувањата за доближување кон живописот од претходната епоха, односно од периодот на 14 век. Зографот на живописот од 1451 година со дебелата и незграпна црна линија на цртежот, со бројните анатомски неточности и колоритот од потемни бои јасно го покажува упадокот во сликарството од овој период што станува општа карактеристика за поголемиот број од зографите во периодот на ропството под османлиските Турци. Од книгата Споменици на културата во СР Македонија од Антоније Николовски, Димитар Ќорнаков и Коста Балабанов, Скопје 1971 г. (Подготви Марко Китевски) |