|
||||
Суеверие од Мариово |
Мариовскиот селанец е мошне многу суеверен. Вампири, самовили, зли духови, и слични натприродни суштества царуваат во неговата фантазија. Тие ја возбудуваат неговата душа и кај него предизвикуваат силен впечаток. Тој верува во тие демони наполно и за да си ги претстави, така да се каже во поконкретна форма се обидува нивното постоење да го поврзe со практичните цели на животот. Карактеристично за тие верувања е што селанецот во духовите гледа сили кои што дејствуваат само според желбата на Бога. Таквото однесување кон задачите на духовниот живот, без сомнение, претставува отклонување од вистинската христијанска вера. Таквиот вид на верување добива карактер на многубоштво! Селаните дури и кога формално исповедуваат еден Господ тие имаат слаба претстава за него и не се добри, вистински христијани. Во црква одат само 1-2 пати во годината, а се причестуваат едвај еднаш на четири години. Оттаму произлегува околноста што тие имаат слаба, сосема слаба претстава за своите морални задолженија. Едно од најраспространетите суеверија, длабоко вкоренето меѓу населението, е почитувањето на Света Петка. Тоа се состои просто во празнувањето на секој петочен ден, но не во чест на воспеаната светица Света Петка од страна на нашата света црква, која што се слави само еднаш годишно (на 14 октомври) и која што самите селани ја разликуваат од нивната Света Патка, туку поради еден стар обичај останат кој знае од кога и посветен кој знае кому. Веројатно тоа се должи на околноста што постои потполна идентичност во звучниот изговор меѓу зборот петок како ден од неделата и зборот Петка – името на светицата. Суеверното население на Св. Петка и` ја припишуваат следната моќ: да ги заштитува и застапува пред Бога, да ги претпазува од суша, болест, неплодност, грмотевици и воопшто од многу несреќи и пакости. А во замена за тоа таа од нив бара да ја почитуваат, празнувајќи го петокот. Ја опишуваат како жена која што ноќе оди до вратите на човечките живеалишта, тропа по нив, се искачува на покривите, се покажува од камините само со лицето, или пак целата и секогаш гола, им диктира услови за нејзиното редовно празнување, им се јавува насоне повеќе на жените и тогаш, на едни им држи говор, на други им издава пресуди, на трети има ја претскажува иднината итн. Интересно е нејзиното празнување од страна на мажите. Тие во петоците се слободни да собираат дрва, да носат ѓубре на нивите, да си го поправат оралото, да копаат – воопшто да вршат секаква работа - но мора да се воздржат од орање. Тоа уште еднаш ја потврдува вистината, како што кажавме и погоре, дека селанецот е силно приврзан кон земјата и дека затоа и посветува најголемо внимание. Така по однос на празнувањето на петокот, само жените се покажуваат како вистински фанатици. Почнувајќи уште од вечерта спроти петок, тие слично на Евреите во сабота, не фаќаат ништо во текот на целиот петочен ден се` до вечерта. Тие неделата не ја празнуваат толку ревносно колку петокот! Многу објаснувања и докази се употребени за да се уверат дека празнувањето на петокот е една груба заблуда, една глупост која не треба да ја повторуваме и ние, само затоа што други ја правеле пред нас. Но, се покажа дека се` е залудно: селанецот не сака ниту да знае за убедување! И уште полошо – тој тоа го зема како повод да обвинува други за безбожништво, за ерес и за поткопување на христијанската вера. Покојниот дедо Григориј, за време на своето обиколување на Мариово вложи не многу труд за да го искорени тој суеверен обичај, строго осуден и од христијанска гледна точка, при што за поголема убедливост ги истакнуваше отворено практичните резултати на неговото укинување, зашто навистина 52 петоци во годината се голема заблуда за полските работи на селаните. Меѓутоа и тоа беше залудно. Со тоа тој само изгуби од влијанието што го имаше кај населението. Од записите на Крсто Бинев Андонов Крсто Бинев Андонов е малку позната личност од крајот на 19 и почетокот на 20 век. Син е на Бино Андонов даскал од Витолиште за кого во романот „Крпен Живот“ пишува Стале Попов. Крсто е роден околу 1885 година во селото Витолиште. Татко му, сакајќи да го школува за свештеник го испратил во Цариград. Крсто ова училиште не го завршил од разни причини, а потоа се школувал во Битолската гимназија која што ја завршил во 1908 година. Бил учител во селата Витолиште, Бешиште и во Палчишта. Под неразјаснети околности е убиен во април 1918 година. Оставил значајни записи на народни умотворби, етнографски материјали, баења, лексички материјали, описи на носиите, а е познат и како поет, автор на една стихозбирка од 1909 година. Подготви: Марко Китевски |