|
||||
Од автобиографијата на Григор Прличев |
Уште здравјето ми беше слабо, кога се разгласи дека иде во нашиот град повикан некојси прочуен елински класен учител. Велеа дека он е Влав. И после не го викаа инаку освен Влавот и долго време по неговото заминување тоа име беше рамно со „класен учител“. Се зарадував што имав занапред да се занимавам и така да ја одбегнам тешката здодевност што ме гнетеше и гризењата на совеста што ја лажев мајка. Влавот, како и сите учители пред него и по него, ни преподаваше по два бедни часа на ден. Велам, бедни зашто секој час се состоеше од десетина зборови кои нито ние ги разбиравме, нито он можеше да ни ги изјасни на нашиот мајчин јазик. Можете да си вообразите каква беше ползата од такви учители. И денес уште се чудам со својата крајна трпеливост што долги години сум го посетувал училиштето без да разбирам речиси ништо. Преемник на Влавот (речиси секоја година и секое тримесечие се променува учителите) беше добро ако помнам, некој си Константин Јанинец, на прекар „Куциот“. Он учителствуваше три години со такво усрдие што фати да плука крв. Но гласот негов, како и оној на Влавот беше глас вопијуштего в пустини. Речиси никој ништо не му разбираше. Он в црква често ги грабеше од рацете на пцалтите црковните книги и ме тераше да читам. Робе му рече: - Даскале, три години не служиш, ти плаќаме чесно. Удостоине да го видиме плодот на твојот труд. Учителот пожолте како смил, но требаше да послуша и за еден месец се готвеше за испит. Се наредивме околу четириесет ученици во митрополитскиот салон. Робе почна да испитува. - Пијанство – каков збор е? - Прилог. - Што е прилог. - Збор што значи дејствие. Ученикот безочливо одговараше. Знаејќи дека ништо не знае, он мислеше дека и неговиот испитувач ништо не знае. Но на третото прашање се очаја и се замолчи. Робе повика другего: - Зборот зошто каков вид збор е? - Глагол. - Именувај го. - Зоштом, зоштош, зоштот. Робе се засмеа. - Што значи зошто? - Ученикот замолчи. Робе повика третаго ученика, којшто како поитар фати да ја изговара ораторски-звучно граматиката, без да чека прашања. Робе се скикоте и го запре. Слични беа испитите и на други ученици, додека ми дојде редот мене. Робе ме запраша: - Обликот командувашт каков вид збор е? (тој испитуваше само за деловите на речта). - Партицип. - Што е партицип? -Придавка произлегувашта од глагол. - Што значи партиципот сега што го рече? - Што излегвит. Робе узна дека разбирам по нешто и рече: - На десетте часот ела в дуќан да си избериш басма за дреи. После ме натера да го изменам глаголот командува и јас го изменував брзо. Очарованието беше општо. По свршувањето учителот ме прегрна пред целиот собор. - Прличе! Ти ми лице обели! – И плачеше, плачеше како човек измиен од бесчастие општеством признано. Ај наивниот. Тој требаше да е уверен дека жителите колку помалку го разбираа толку повеќе го уважуваа. Тој ден – песни и радости на сродниците што во испитите се одличил еден папагал. Квечерум отидов у Робеви и ми одмерија три аршина басма. - Печали ти Глигор – ми кажа брат ми, - а јас басма поубава ќе ти купам и во Јанино ќе те пратам да се учиш. Многу се зарадував. Но истата година ненадејна смрт (од перипневмонија) го грабна од прегратките на осиротената фамилија, што на него се надеваше. За да не ни ја наголеми жалта, мајка често одеше во зимникот и таму го оплакуваше. За утеха и реков: - Мајко, Зарче ме кани дома си да го учам сина му. Тој ми такса четиристотини гроша годишна плата и храна и облекло. Филладата (книга) на Седмочислениците од Света Гора јас ќе ја препишам сега по три пари листот. А тоа ќе стане арна сума. Муренката наша стига до облаци. Никоја муренка во градот не раѓа црници толку големи и убави како нашата. Ти ги береш црниците така... Kако рака да не ги фатила, а јас ќе ги продавам по целиот град... - Тамо ли ќе спиеш: Каде? У Зарчевци? Тоа не бива Глигоре. Јас без тебе не можам. - Таму ќе јадам, ќе пијам и ќе спијам. - И така нека бидит, волјата твоја нека бидит. Мајка ме стисна во своите прегратки. Четириесет дена по братова ми смрт роднини и соседи, според обичајот дојдоа дома за спомен на покојникот. Јадењата што ги донесоа беа изобилни, разни и вкусни, така што јадев преку мера, додека мевот ми се оптегна така како да ќе тресне. Меѓутоа од оваа злоупотреба не легнав на постела. Од биографијата на Григор Прличев. |