|
||||
Верувања и суеверија од Дебарца (Охридско) |
Косење на ливаѓето Косењето на ливаѓето во Оздолени претставуваше посебен ритуал. Тоа се случуваше околу средината на јули. Со цел да не се гази тревата и да не се прави штета, обично први со косење почнуваа оние стопани кои имаа ливади на влезот во ливадите. Иако косењето беше напорна полска работа, за многумина тоа претставуваше посебна атракција. Тука до израз доаѓаше силата на косачите, држењето на косата и мајсторството да се наостри косата. Косењето беше колективна работа па затоа претежно се работеше групно. Косачите си помагаа меѓу себе, а и самата работа имаше натпреварувачки дух, така што одредени косачи се издвојуваа по својата способност. Покрај жетвата ова се сметаше за многу значајна работа, па заради тоа се посветуваше посебно внимание. Имено кога косачите ќе дојдеа на ливадите најнапред стопанот ќе покосеше одреден простор каде што ќе се врзат коњите. Потоа косачите седнуваа да се напијат ракија и да ја благословат работата: Да ни се сурој рамејнците. Потоа ќе доручкуваа, ќе ги наостреа косите и почнуваа. Најнапред првиот закосај го правеше домаќинот, кој ја ограничуваше ливадата, а потоа по него се редеа другите косачи. Некаде околу пладне доаѓаше ручекот. Обично ручекот го носеа домаќинката и снаата или ќерката, двете облечени свечено во бели кошули со тепсии сукано (комат или губа) на главата, а во рацете грнци (рачници) со кисело млеко или маштејнца (Кога ќе се турела маштејнцата во пајнците се случувало скакулци да скокнат во маштејнцата. Косачите ги отстранувале меѓутоа Мицко Богданоски ги собирал во лајцата и им велел, соберете ги нозете и ќе ги голтнел. Тоа го правел и Ристо Китески од Слатински Чифлик. Двајцата била јаки мажишта и доживеале длабока старост). Откако ќе ручаа косачите малку ќе одмореа потоа ги клепаа косите и продолжуваа со косењето. Попладнето околу 16 часот жените ја носеа ужината. Овој пат јадењето беше тепсија манџа со месо од петел и вино. По ужината косачите ја продолжуваа работата до зајдисонце. По неколку дена сеното се собираше во капици, а потоа со воловски коли се носеше дома. Откако ќе се кренеа сите капици полјакот ќе ги огласеше ливадите за слободни за пасење. Тогаш сета стока ќе се најдеше во ливаѓето, а тоа беше рај за децата кои ја чува стоката заради големиот простор за пасење така што по цел ден можеа да играат бишка, фудбал, или да плетат кошници. Од книгата „Оздолени, Слатински Чифлик, Сошани“, од Димитар Смилески, Охрид 2008. Подготви: Марко Китевски |