Среда, 03 Јули 2013    PDF Печати Е-пошта
Црнобуки - пелагониско село

crnobukiЦрнобуки е пелагониско село со четиристотини жители и се наоѓа на стратешка позиција на само неколку километри пред Битола, помеѓу двете патни артерии кон Демир Хисар и Прилеп. До таму води патот за Демир Хисар преку Кукуречани, а веднаш потоа забраздува низ полето се` до реката Шемница, околу која се изградени куќите.

Селските ниви се распослани кон утробите на Пелагониската котлина до „прилепското џаде“ кај месноста Петилеб, а на другата страна над црквата се ридовите кои од памтивек селаните ги викаат Градиште. Од кај Лисолај, село со најубавото битолско грозје, земјен пат се искачува кон височините. Таму под самиот врв, во сува рида, зад едно големо дрво, од стените извира кладенецот Самовилец, кој никогаш не пресушил. Тука секогаш има оставено крпи, пари и други дарови. Селаните го сметаат за петочна вода. Од секаде доаѓаат жени што немаат пород. Оваа вода со својата мистичност и моќ, испиена во петок, помогнала намерничките да го добијат најпосакуваниот божји дар, породот и мајчинството, велат селските преданија.

Оттаму, кон долината на Шемница распослан е големиот рид Стари Град. На самиот врв има две пештери, во кои девет децении никој не влегол. Најстарите од Макаловци, Белокозовци, Брдаровци и другите црнобучки фамилии раскажуваат дека таму биле стационирани војските од Првата Светска Војна.

Во едната пештера бил лазаретот, а друга била магацин со муниција. Долу под селото се пресекувал фронтот и по Шемница течела крв до колена. До денес, овие тајни останаа неразгатнати, а уште помалку тајните од далечните времиња.
- Некогаш имаше околу осумстотини жители, а сега се уште четиристотини. Тука се живее од земјоделство, нивите се плодни. Такви беа времињата, многумина заминавме во градот и таму направивме кариера, но со срцето сме овде, зашто останаа многу тајни, загатки, преданија, неразјаснети топоними од далечните времиња, што нашите предци ги раскажуваа со векови - вели Мирко Брдаровски.

Преданија и артефакти

Од памтивек по нивите и селските дворови, селаните од Црнобуки наоѓале разни предмети од античко време: ќупови, амфори, мермерни предмети и монети.
Кога се направија колективите во времето на социјалистичките егзалтации и селски мачнини, возрасните беа загрижени за опстанокот на нивните семејства, а децата си играа со тие предмети. Никој не помислуваше дека тоа се скриените камчиња на еден голем мозаик, што по половина век и подоцна, ќе ги создаде дилемите, дека тука се крие колевката на последниот македонски цар Персеј и дека во утробите на Стари Град се крие царството Персеида. Селската чешма, која се напојува со изворска вода близу црквата, ја преместивме малку погоре од патот. Тука го поставивме мермерниот мозаичен камен, кој е пронајден во нивите и е од прастаро време. Сакавме да ја украсиме чешмата и симболично да потсетува за преданијата што со векови се плетат за ова место, велат селаните. Меѓутоа, посериозните размислувања дојдоа една деценија подоцна, откако мелничарот Драги Белокозовски во својата нива пронајде плоча со непознати натписи, која се` уште се наоѓа фрлена во неговиот двор, препуштена на забот од времето.
- Плочата ја пронајдовме со синот во нивата кај местото Врбец. Ја донесовме овде. Доаѓаат да ја толкуваат, но никој досега не успеа да ја прочита. Од прастаро време, тука се пронајдени повеќе предмети и монети. Арно ама, такво време дојде, повеќе никој ништо не кажува. Сите молчат. Верувам дека многу работи од тука заминаа во Грција - ни рече Драги Белокозовски.

Тој има седумдесет години и знае многу, а постарите што сега се покојни знаеле многу повеќе. Сите верувале дека некогаш вистината за античките времиња ќе излезе на виделина.

Човекот што ги заинтригира италијанските научници

Кирил Добрушевски е новинар и публицист, професор по италијански јазик што живее во Битола. Сестра му ги остави коските во Австралија, а неговите ниви во Црнобуки се испустени. Голем дел од татковото наследство го проголта национализацијата. Селото го носи во душата и сите сеќавања од детството, за пронајдените монети и други предмети ги преточи во голема мисија. Како претседател на Македонско-италијанското друштво, ги употреби своите италијански врски и ги заинтригира научниците, за расветлување на тајните на овие простори во кои е вгнезден еден дел од судбината на античките Македонци.
- Во 2003 година, на моја покана во Македонија престојуваше римскиот историчар Микеле Пацоло, кој е автор на големата монографија за Виа Игнација. Заедно со археологот Виктор Лилчиќ и покојниот Томе Јанакиевски ја поминавме целата траса на Виа Игнација од Ќафасан до македонско-грчката граница. Тогаш првпат се спомна постоењето на античкиот македонски град Персеида, за кој професорот Микулчиќ тврдеше дека го создал Филип Петти, по името на неговиот син Персеј (179-168 година п.н.е) и се наоѓа на локалитетот Градишта во Црнобуки.
Тоа во мене ја испровоцира идејата да се направи нешто повеќе. Идејата беше засилена во 2005 година со моето одење во Италија на Европските поетски средби. Домаќините не одведоа на гробницата на Персеј во местото Маљано де Имарси. Персеј во 168 година п.н.е, во Третата римско-македонска војна беше заробен и одведен во Рим во затворот Новертино, потоа во Алгофучанс, која била римска тврдина. Според некои автори, има разни датирања за неговата смрт, но бил измачуван од римските војници да не спие и затоа умрел, а според втората верзија, умрел од длабока разочараност за пропаста на македонското царство.
Во ноември минатата година битолска делегација ја посети оваа гробница која се наоѓа покрај сообраќајницата од античко време Виа Валериа. Така се роди идејата за одржување на меѓународен научен симпозиум со 20 трудови за Персеј, последниот цар на античка Македонија - ни рече Кирил Добрушевски.

Предизвикот на Стари Град

Жителите на Црнобуки немаат премногу време за историјата на своето село. Брзаат да ја завршат пролетната сеидба, која за нив значи живот. Панорамата од Стари Град исполнува со широкиот видик и неспокојство, што обзема со минатото длабоко затскриено низ милениумските епохи.

Тврдини, ковачници на пари, монети, војски. Тука била колевката на Филип, Персеј, Деметрие и нивните потомци, а не Пела во Грција. Не беше тешко искачувањето до стрмниот врв. Тешко е сознанието дека до пред педесет години ваквите откритија беа задушувани во корен. Сега се создава сонот за отворање на патот кон вистината. Колку тој пат ќе го измени животот на овие луѓе, а колку ќе ја осмисли нашата понатамошна судбина?

Престолнината на последниот македонски цар е во Црнобуки

Научниот симпозиум што го организира Македонското научно друштво од Битола, НУ Завод и музеј - Битола и Здружението за македонско-италијанско пријателство се одржа на 27 и 28 април, а беа поднесени 20 научни трудови од областа на историјата, археологијата, архитектурата, нумизматиката и други научни дисциплини.
- Овој симпозиум широко ги отвора вратите кон проучувањето на македонската античка историја, бидејќи досега малку е истражувано - вели битолскиот историчар Никола Миновски. Научниците изнесоа цврсти ставови дека Персеида е во Црнобуки, потврдувајќи ги тезите на археологот Виктор Лилчиќ.

- Сите факти треба да се изведуваат на логичен начин. Аполон-Аполонија, Александар-Александрија, Персеј-Персеида, Филип-Филипи и така обичајот македонските цареви да ги ставаат имињата на боговите и на царевите на градовите се совпаѓа со тоа на Персеј. Тука, на овој простор има прстен на развиени градови. Ако се почне од Стибера, Алкомена, Хискана, Лилинк, Хераклеја, Персеида, Пелагонија итн., тој круг до Лихнида се повторува.

Овој дел во Пелагонија е најбезбедниот царски крај во кој се најдуваат најголемите факти. Персеида дефинитивно е во Стари Град кај Црнобуки и треба да се отвори, да се испита. Центарот на македонското царство е тука. Овде ќе се најдат корените и на Филиповите градби, но и трагите од етапните градби 6-7.000 години наназад до неолитот, како што е во Породин. Во археолошката карта околу Црна Река многу се застапени артефакти од време на неолитот. Тие се` уште се растурени во нивите, се газат и се фрлаат. Треба парче по парче да се соберат, да се откријат буквите и да се состави распрснатата македонска историја - вели историчарката д-р Ангелина Маркус.

Таа тврди дека Филип Втори, кога се родил син му Александар, рекол дека насекаде ќе направи градови и тврдини. По неговиот урнек, Филип Петти за синот Персеј ја направил Персеида и таа е тука во Пелагонија.

Ангелина Маркус
 

На прво место

News image

Мане Јаковлески: Мојот пат по стапките на месијата 2011 година (8)

Петта станица-десно кон улицата Францис, од каде патот нагло, остро се издига кон Голгота (Калварија...

Историја

News image

Границите на Македонија се таму, до каде што допира римскиот меч

Македонија станува римска провинција во 146 година п.н.е., откако римскиот војсководец Квинт Цецилие...

Иселеници

Култура и туризам

News image

ВО АНКАРА– ГРАДОТ НА АТАТУРК И ПРЕСТОЛНИНАНА ТУРЦИЈА(10)

ДЕЛ ОД ПОСЕТИТЕ НА ГРАДОВИ ВО СВЕТОТ ВО ПУБЛИКАЦИЈАТА „СВЕТОТ НА ДЛАНКА“ НА СЛАВЕ КАТИН 

Your are currently browsing this site with Internet Explorer 6 (IE6).

Your current web browser must be updated to version 7 of Internet Explorer (IE7) to take advantage of all of template's capabilities.

Why should I upgrade to Internet Explorer 7? Microsoft has redesigned Internet Explorer from the ground up, with better security, new capabilities, and a whole new interface. Many changes resulted from the feedback of millions of users who tested prerelease versions of the new browser. The most compelling reason to upgrade is the improved security. The Internet of today is not the Internet of five years ago. There are dangers that simply didn't exist back in 2001, when Internet Explorer 6 was released to the world. Internet Explorer 7 makes surfing the web fundamentally safer by offering greater protection against viruses, spyware, and other online risks.

Get free downloads for Internet Explorer 7, including recommended updates as they become available. To download Internet Explorer 7 in the language of your choice, please visit the Internet Explorer 7 worldwide page.