Пронајдоци од локалитетот изложени во Најмалиот етнолошки музеј во светот во Џепчиште
Градиште или Венец е археолошки локалитет во Кичевското село Миокази. Локалитетот претставува населба од неолитското, железното, хеленистичкото, римско, доцноантичкото време и средниот век. Се наоѓа на околу 800 метри југоисточно од селото, каде што се издига височинка издолжена во правец запад-исток. Од нејзината западна страна има помала височинка со правилна конусна форма наречена Крст, одвоена од градиштето со мал преслап. Северната страна на градиштето стрмно се спушта кон коритото на Рабетинска Река, над која, од спротивната страна, се издига високиот рид Кале. Што се однесува до источната и јужната страна, тие се поблаги и се спуштаат кон рамното поле низ кое минува патот Кичево-Македонски Брод, а малку подалеку од него е коритото на Велика Река. Градиштето е опкружено со масивен бедем широк 2 метри, од кој се зачувани темелите, наместа високи 2 до 3 метри. На бедемот има 12 кули со димензии од 6 х 6 метри, распоредени на 20 до 30 метри една од друга. Како засилување на безбедноста, на западниот крај, пред бедемот бил подигнат заштитен ѕид. Внатрешниот простор на градиштето има нерамна конфигурација, а на површината е присутно множество кршен камен, тегули, тули и друг градежен материјал. На одделни места се гледаат дури и темели од ѕидови на помали објекти. Во 1979 и 1981 година биле вршени сондажниископувања при што се откриени остатоци од сакрална градба - базилика од 5 или 6 век, гробови од некропола од 5-6 век, архитектонски остатоци од два доцноантички станбени објекта, како и неолитски артефакти. Подвижниот археолошки материјал откриен со овие работи недвосмислено покажува дека во градиштето се живеело долго, од доцниот неолит до средниот век. Наодите се чуваат во Музејот во Кичево. |