|
||||
„Смирени зограф Дичо от Тресонче“ |
За големината на македонски зографи и Дичо Зограф како нивен репрезент чие творештво ќе стане пример за многумина идни генерации, пишува и Белградска „Политика“ од 2 јануар 1938 година. Димитрија Крстев, познат како Дичо Зограф (1819 – 1872/73) се вбројува меѓу најзначајните мајстори на Мијачката школа и еден од најпознатите македонски зографи во 19 век. Во својот живот, работејќи за потребите на православните цркви на просторите на Македонија, Србија, Бугарија, Албанија и Грција, создава импресивен опус кој содржи повеќе од над 2000 дела кои пленат со својот изглед и ни го откриваат чудесниот духовен свет на овој мајстор на иконописот. Неговото иконописно творештво претставува пресвртница на еден илјадагодишен период и почеток на еден сосема нов правец во историјата на македонската црковна уметност. Следејќи ги актуелните текови на црковната уметност, во своите ликовни концепции вметнува специфични елементи на левантинскиот барок. Во напонот на своето творечко дејствување, Дичо Зограф умира во 1872/3 година. Животот на Дичо Зограф, како и на многумина средновековни уметници, ќе биде обвиткан со ореолот на таинственост. Досега не е откриен неговиот лик меѓу божествените негови дела, а нема ниту пишана документација со која би се осветлил неговиот живот. Малкуте достапни пишани податоци не овозможуваат целосно да се расветли неговата личност. Оттука Србите и Бугарите го сметале Дичо Зограф за нивен сликар. Србите велеле дека е најголемиот српски зограф, а Бугарите дека припаѓа на групата на бугарски творци. Меѓутоа, познатиот Дичо Зограф е македонски сликар. За тоа сведочат и потписите на неговите дела на кој тој се потпишува како „Смирени зограф Дичо от Тресонче“. За големината на македонски зографи и Дичо Зограф како нивен репрезент чие творештво ќе стане пример за многумина идни генерации, пишува и Белградска „Политика“ од 2 јануар 1938 година. Авторот на текстот „Смирени зограф Дичо от Тресонче“ Б. Антиќ, според тогашните сознанија, иако не целосно, ни открива интересни детали за животот и делото Дичо. Во текстот кој ви го презентираме во продолжение, изоставени деловите во кој согласно тогашната српска пропаганда Македонците и македонскиот народ се преставени како Срби и Јужна Србија, авторот уште во самиот наслов ни открива дека не се работи ниту за Србин, ниту за Бугарин туку за Мијак, Македонец од Тресонче. Во текст авторот за македонските зографи и за Дичо Зограф ќе забележи: „Од сите манифестации на народниот уметнички дух во минатото, црковното сликарство (зографија), успеала да завземе посебно место. Повеќе отколку копаничарството, по распространето и подлабоко од уметничките занаети и везови, скоро на ист план со народната поезија, тоа успеало да остави бројни и величанствени дела кои на очигледен начин гo покажуваат културното ниво, стремежот и естетскиот вкус на (македонскиот н.з.) народ, а посредно и големината, моќта и сјајот на (Самоиловата н.з.) држава во средновековното минато. Доказ за ова се безбројните фрески по (македонските н.з.) манастири, грандиозни дела кои, во извесни историски периоди, преставуваа претходница на големите културни движења и правци во Западна Европа (фреските во Св. Пантелејмон во Нерези кај Скопје). Големо анонимно сликарство
Нема сомнеж дека носители на нашето црковно сликарство, кое во минатото дојде до најголем израз баш тука во (Македонија н.з) од наши луѓе, родени на поднебјето на овие страни. Носени од немирот на бујните и експанзивни таленти, тие уште од мали стекнуваа неопходно теориско и практично знаење за да потоа да ја земат торбичката и стапот и да одат од место до место, од земја во земја, каде на повик на духовните или световните достојници, сликаа по црквите и манастирите фрески и икони, оставајќи им на потомството дела од трајни вредности. Меѓутоа, за жал, тоа големо сликарство од раниот и доцниот среден век, кој денес со голем интерес го проучуваат нашите и странски научници, остана речиси анонимно. Ретко може да се најде на фреските и иконите име на уметникот кој ги работел. За условите кои владеат во тоа време можеби не ни било така важно. Името на мајсторот се губело пред големината на името на владарот, благородникот или црковниот великодостојник со чии средства се изработувало делото и се градела задужбината. А тие мали, непознати зографи, големи мајстори на своето време, патувачки - уметници со стап во раката и торба на грбот, ги покрил заборавот на вековите.Тие останале анонимни јунаци на еден голем креативен период на нашата културна историја, а нивните дела останаа да светат со векови за време на темните средновеквни настани. Дури кон крајот на XVIII и почетокот на XIX век оваа уметничка анонимност полека почнува да се расветлува. Со посебен елан, кој го бележи копаничарството и зографијата во XIX век, носителите на оваа народна уметност почнуваат да ја напуштаат својата безименост. Тогаш со задоволство се открива дека сите тие биле синови на нашиот народ, луѓе од овој крај, во гуни и бечви, со галичка капа на главата. На иконостатсот во црквата Св. Спас во Скопје и на други слични дела, поред името дури се врежани ликовите на големиот мајстор копаничар Петре Филипович од село Гари и неговите соработници Макарие од Галичник и Марко од Гари. На иконите има исто така неколку имиња на зографи, за кои се врзува скоро целата наша иконографска уметничка дејност во XIX век. Меѓу тие имиња едно посебно отскокнува и по бројот и по извонредниот квалитет на делата под кои тоа е ставено. Тоа е зографот Дичо, најголемиот патувачки уметник на (македонското н.з.) црковно сликарство на XIX век. „Смирени зограф Дичо от Тресонче“ На иконите, кои по мислењето на современите уметници преставуваат прави ремек дела на сликарството, тој се потпишувал со смирени побожни зборови: „Смирени зограф Дичо от Тресонче“ или „Помјани Господе раба твојега зографа Дича от Тресонче“. Овој податок со сигурност кажува само едно: дека Дичо зограф, тој голем уметник за кој пошироката јавност малку знае, роден е во Тресонче, големо мијачко село во Долна Река, која на нашата земја и дала голем број истакнати интелектуалци и јавни работници. И тоа е се. Никакви други блиски податоци за него не се автентично сочувани. Нема многу ни преданиа. Дури ни неговиот внук, шеесетгодишниот Пандило Аврамовиќ, кој сега живее во Скопје, не знае да каже нешто подетално за животот и работата на својот голем предок. Не се знае точно ни кога умрел. На неговиот гроб во Тресонче постоела плоча со овие податоци, меѓутоа и таа исчезнала. Сепак, по усмените кажувања на Галичани и Тресончани, зографот Дичо треба да е роден некаде на почетокот на XIX век. Неговото семејство му припаѓало на онаа славна плејада на зографи на галичко-дебарската школа, кои неколку векови ја одржувале оваа уметност, пренесувајќи ја од колено на колено. Уште од татко му, Дичо ја наследил дарбата за сликање и талентот кој го одредил целиот негов живот. Што се однесува до уметничкото образование, изгледа сосема сигурно дека зограф Дичо го има стекнато во зографската школа во Хилендар, која тогаш била на голем глас. Света Гора и Хилендар, биле во тоа време најсвети места за аџилак за секој православен кој сметал за должност да го посети. Младиот Дичо знаел одлично грчки. Отткако татко му го одвел таму, „на занат“, душата на младиот човек сигурно била длабоко импресионирана со светоста и историската симболика на местото. Тој со љубов го прифатил занаетот кон кој го привлекувала неговата внатрешна склоност. Почнал неуморно да ги изучува грчките книги за зографијата и истовремено да работи. Во таа средина, која зрачела колку со уметнички и книжевен, толку и со верско-православен дух, се развил талентот на овој ортодоксен Мијак. Дичо ги сликал најважните цркви на Балканот По завршувањето на црковното сликарство, на големо задоволство на својот учител, и откако добил одобрување од духовните власти дека може да слика по црквите, Дичо се вратил во родното место и почнал да работи. Тогаш имал нешто повеќе од дваесет години. Веќе првите негови дела, кои ги направил по селските цркви на Горна и Долна Река, го истакнуваат како мајстор од голем ранг. Неговите икони, како во колоритот така и во стилизацијата, преставуваат нешто ново што во зографијата на тоа време било реткост. Дичо брзо се прочул и го зазел првото место меѓу зографите на своето време. Млад и воодушевен сликар, Дичо одел од место до место и сликал, оставајќи дела од трајни вредности. (Дичо) бил многу продуктивен. Неговата најголема активност била кон средината на XIX век, од 1840 до 1860 година. Од тоа време останале голем број дела по селата во регионот на Река: во Битуше (1848), Тресонче, Сушица, Рајчица, Св Јован Бигорски (1848/49), како и по градовите на овој крај: во Скопје (Св Спас), Призрен, Приштина, Нови Пазар. Меѓутоа неговата активност не се ограничила само во (Македонија н.з.). Неговата слава преминала во соседните балкански области и Дичо почнал да добива покани од сите страни на Балканот. Вредниот Мијак не го жалел својот труд. Одел насекаде каде бил повикан. Немало ниту една знаменита црква на Полуостровот која не сметала за чест да биде украсена со иконите на зограф Дичо. Така овој талентиран Мијак ја пренел славата на (македонското) сликарство од XIX век низ целиот Балкан. Работел во Грција, Бугарија, Романија, Црна Гора, Србија и Албанија. Во Врање, Ниш, па дури и во Мостар останало името на Дичо зограф. Неговите дела и денес ги красат православните храмови во Тирана, Елбасан и Скадар. Во половината на XIX век Дичо бил на врвот на славата и творечката моќ. Неговиот углед бил голем несамо како уметник, туку и како граѓанин на овој крај. Тоа најдобро го покажува записот од Тресонче во кој се вели дека во 1848 година „господарот Дичо зограф бил прв човек на овој крај“. Меѓутоа, ни Дичо не можел да ја избегне судбината која често ги прати големите уметници. Неговите стари денови во многу нешта наликуваат на трагичниот крај на најголемиот уметник на копаничарството Петре Фелипович. Напорните патувања ширум Балканот, предвреме ја нарушиле неговата моќна природа. Околу шеесетите години Дичо веќе чуствувал замор и потреба за спокоен живот. Тогаш бил вдовец. Првата жена од која му останал синот Аврам, била умрена. Дичо се вратил во Тресонче и се оженил по втор пат со девојка многу помлада од него. На неа го пренел и целото имање. Младата жена не умеела во бракот да ги исполни очекувањата на веќе уморниот уметник. Семејството почнало да го напушта. И тој почина некаде околу 1880 година, осамен и сиромашен. Според преданијата, судбината на неговите последни денови ја имала, уште потешко неговата жена. Пред крајот на животот, таа морала да чука на вратите од роднините за да добие корка леб. По оценката на нашите современи уметници кои го проучувале сликарството на Дичо зограф, овој Мијак бил најголем сликар на (Македонија н.з.) на XIX век. Главна одлика на неговото сликарство била совршениот реализам, пластика и извонредното чуство за колорит. Иконографската уметност на неговото време ги имало во себе воглавно сите знаци на византиското влијание. Дичо овој правец го заменил со реализам. Неговите ликови на иконите не се аветски издолжени, туку убави, хумани, сликани скоро во стилот на венецијанската школа. Тие во себе имаат нешто се-човечко. Зошто Дичо во своите икони го внесувал не само своето село со околните и карактеристични типови на својот крај, туку и се што почуствувал во себе и околу себе. Неговите мадони и светци не се само апстрактни божанствени битиа, туку истовремено тоа се битиа од крв и месо. Затоа тој големо внимание му посветува на чисто сликарските решенија, стилизација на главата и рацете. Со големо чуство за колорит и смисол за сенчење, тој овој проблем го решавал со мајсторска прецизност и совршенство. Со својот силен талент и голема продуктивност, зограф Дичо е една крупна појава на културниот живот ...на македонските простори во XIX век. Кај нас се` уште не е доволно познат и проучен... “ Вистинскиот обем на работа на Дичо Зограф долго време не се знаеше. Со поновите откритија се заблежани не само раскошни престолни, празнични и целивни икони, туку и сликани на платно плаштеници, црковни касички и престолни крстови. Откритија на икони потпишани од Дичо Зограф во село Белица, кои датираат од 1868 година покажуваат за продолжување на неговата активност со што се оспори поранешната теорија дека уште пред 1868 година дошло до опаѓање на неговата продуктивност. Се` уште, за целосно истражување на животот и делото на Дичо Зограф, потребно е спроведување на низа долгогодишни активности. Можеби тогаш, ќе се открие и тајната на неговиот лик, која е скриена ви илјадниците дела зографисани од рацете на Дичо Зограф. |