|
||||
Васко Караџа – современ грчко-македонски речник |
Васко Караџа (21 мај 1923, Д’мбени, Костурско - 9 февруари 2005 во Скопје) е македонски писател и преведувач од македонски на грчки јазик и обратно.
Тој е роден во селото Д’мбени, Костурско, Егејска Македонија (денес Северна Грција). Васко Караџа во 1946 г. се приклучил кон Демократската армија, а во 1949 г. заминува како политички емигрант во тогашна Југославија, па потоа, по личната перипетија низ државите на Источна Европа-СССР, за подоцна во 1963 година да се пресели во Скопје, тогаш Социјалистичка Република Македонија. Васко Караџа бил значаен писател и уважен преведувач на дела од грчки на македонски јазик и обратно. Меѓу останатите негови дела, тој е автор на современиот грчко-македонски речник кој бил издаден на 2 јуни во 2009 година во Солун и содржи околу 15 000 збора. Творецот го доставил ова духовно наследство на Виножито, малку време пред смртта, за да се напечати во Грција, односно Солун. Своите први песни ги напишал во 1943 година. Во 1960 година во Ташкент излезе неговата прва збирка песни „Стихови“ и првиот грчки превод на Рациновите „Бели Мугри“. Во 1984 година во Атина излезе на грчки јазик во сопствен превод поетската збирка „Миросувањето на вечноста“, а во 1986-та во Скопје збирката „Егејски мотиви“ и во 1993-та збирката „Со Д'мбени во срцето“, („With D'mbeni at heart“), како двојазично издание на македонски и англиски јазик. Во 1988 година излегува збирката „Елегии за Родниот крај“. Има преведено повеќе од триесет дела поезија и проза од македонски на грчки јазик, седум книги од грчки на македонски јазик и уште седум поетски збирки од српски на грчки јазик. Во 1990 година на еден анонимен меѓународен конкурс во Италија неговата песна „Едно мајско утро“ ја освои првата награда. За својата преведувачка работа Васко Караџа е добитник на две златни пера и на наградата „Глигор Прличев“ што ги доделува Друштвото на литературните преведувачи на Македонија. Ова сегашно издание на „Зора“ е прво издавање на еден грчко-македонски речник во Грција. |