3 февруари 1914 – пожар во театарската зграда во Скопје На 3 февруари 1914, штотуку адаптираната зграда на некогашниот турски театар во Скопје изгоре до темел. Славниот српски комедиограф Бранислав Нушиќ, основач на првиот постојан професионален театар во Скопје, кој беше инаугуриран непосредно пред тоа (на 27 декември 1913, со изведбата на колажната програма во која доминираше дел од пиесата Цар Душан, фрагмент од квазиисториската мелодрама Крунисување на Душана – 16 април 1346 во Скопје од Милош Цветиќ), не се откажува од реализација на својот проект. Успевајќи повторно да ја добие поддршката од надлежното белградско министерство, тој и неговиот ансамбл продолжуваат да ги играат своите претстави на повеќе локации во Скопје, но и на турнеите по околните места. Едновремено, во центарот на градот (денешниот плоштад Македонија) забрзано се подига импровизирана дрвена зграда, наречена Театарска арена.
1924 – интензивен театарски живот во Штип
На иницијатива на група штипски интелектуалци, есента 1923 во Штип е формирано Штипско театарско друштво, во чиишто рамки веќе следната година (1924) ќе биде формирана и театарска школа. Основач на друштвото е гимназискиот професор Душан Будимировиќ, којшто, во текот на три клучни години (1923-1926) ќе се потврдува и како режисер на голем број драмски претстави.
1924 - формиран Балетски кор во Скопје
За потребите на оперетските изведби, мошне популарни кај тогашната публика, управникот на тогашното Народно позориште во Скопје Радивое Караџиќ формира мал балетски кор. Оваа иницијатива, можеби, може да се смета за почеток на балетската традиција во Скопје.
27 јуни 1944 - Формирана партизанска група „Кочо Рацин“ На планината Караорман, формирана е Културно-просветна група „Кочо Рацин“. До ослободувањето на Македонија, членовите на оваа група ќе се движат со партизанските единици, изведувајќи различни приредби со пропаганден карактер. Групата ја раководи Владо Малески.
14 ноември 1944 - симболично формирање на професионален театар во Битола На сцената на градскиот театар, дел од членовите на партизанската културно-просветна група „Кочо Рацин“ ја играат агитката на Владо Малески „Петтоимениот Ѓоре“. Претставата ја режира нејзиниот протагонист, исполнител на насловната ролја Димче Стефановски. Оваа дата се смета за дата на формирање на денешниот Народен театар Битола.
20 декември 1944 – прва јавна драмска изведба на идниот МНТ Во киното „Уранија“ (денес кино „Култура“) во Скопје, група актери кои наскоро и официјално ќе станат членови на ансамблот на идниот МНТ, ја изведува своја прва јавна претстава: едночинка на словенечкиот писател Матјаж Клопчич под наслов „Еден е патот“. Претставата ја режира Димитар Ќостаров.
25 мај 1954 - праизведба на првата македонска опера „Гоце“ Оперскиот ансамбл на МНТ триумфално ја изведува првата македонска опера „Гоце“, чиј композитор е Кирил Македонски, а либретист поетот Венко Марковски, кој за потребите на оперската изведба ја прилагодил својата три години порано одиграна драма.
Диригент е Тодор Скаловски, режисер Петре Прличко, а во насловната ролја настапува првенецот на Операта Јордан Митровски.
1964, Скопје: формиран алтернативен театар Група театарски занесеници го формира алтернативниот непрофесионален театар именуван како НЕ-ТЕАТАР КАКТУС. Негови членови-основачи се Владимир Милчин, Слободан Унковски, Димче Мешковски, Русомир Богдановски, Аљоша Руси, Виолета Џолева, Васил Ќортошев, Наум Пановски, Мартин Панчевски...
17 јули 1964 - прва драмска претстава на Охридско лето Охрид: Замислен, во почетокот, како летна музичка манифестација, фестивалот Охридско лето добива и своја драмска програма. Прва драмска претстава одиграна во рамките на фестивалот е комедијата „Како што милувате“ од Вилијам Шекпсир, изведена од драмскиот ансамбл на МНТ во режија на Димитар Ќостаров.
26 декември 1974 - деби на Горан Стефановски На сцената на Драмски театар и во режија на Слободан Унковски, праизведена е првата пиеса на Горан Стефановски, народна фантазија со пеење пишувана по мотивите на Марко Цепенков, а насловена според името на својот протагонист – „Јане Задрогаз“. Претставата доживува успех рамен на триумф, не само во Македонија туку и на многубројните гостувања во странство.
9 октомври 1974 – отворена новоизградената зграда на Театарот на народностите во Скопје На сцената на новоизградената зграда на Театарот на народностите во Скопје, ансамблот на Албанската драма ја игра претставата „Вучјак“, според текстот на Мирослав Крлежа, во режија на Мирко Стефановски. Со оваа претстава свечено е промовиран првиот новоизграден театарски објект во Скопје по 1945 година (зградите на Драмски театар и на Стариот објект на МНТ, изградени 1965, по својата структура се монтажни).
8 јануари 1974 – критичарско деби на Лилјана Мазова
На културната страница на „Нова Македонија“, дотогашната новинарка на овој весник ја објавува и своја прва театарска критика. Нејзиниот предмет е претставата на Драмски театар „Најголемиот подвиг на Витезот Сукало“, во режија на Борко Зафировски. Во текот на следниве три децении, Мазова ќе се профилира, но и етаблира како најагилна и највлијателна театарска критичарка кај нас.
15 октомври 1994 - праизведба на „Буре барут“ Драмскиот ансамбл на МНТ, предводен од режисерот Сашо Миленковски, ја праизведува култната драма на Дејан Дуковски „Буре барут“. Интересно е што оваа драма симболички го најавува подоцнежниот доминантен тренд наречен Нова европска драма (или: драма на крв, пот и сперма). Од 1995 до 2000 овој текст на Дуковски ќе биде преведен на петнаесеттина јазици и ќе доживее голем број изведби во евсропските земји и во САД.
Извор: Институт за театрологија при ФДУ |