|
||||
Кокино - Тврдина на сонцето |
Откривањето на локалитетот „Татиќев Камен“ во 2001 год. ни пружи извонредна можност да погледнеме во еден од потемните делови на праисторијата, како од хронолошки, така и од географски аспект. Во овој, североисточен дел на Р. Македонија, во кој многу малку од регистрираните археолошки локалитети беа истражувани, локалитетот кај селото Кокино не восхити како извонреден извор од информации за животот и духовните достигнувања на бронзенодопските жители од овој регион. Неговото значење кое се должи на двојната употреба - како планинско светилиште и како мегалитска опсерваторија - е единствено на еден поширок простор и сведочи за постоење на една добро организирана заедница со активен духовен живот чии траги допираат до денешнината. Фактот дека локалитетот бил во употреба и како праисториска (мегалитска) опсерваторија фрли ново светло на праисториските жители и нивното умеење да го подобрат својот живот со организирани и систематски астрономски набљудувања. Добрата сочуваност на локалитетот до денешни дни, не обврзува, со голема одговорност, за негова заштита во интерес на генерациите што доаѓаат. Изложбата која ви ја претставуваме ги прикажува резултатите од досегашните шестгодишни истражувања. Духовната порака која блика од карпестиот врв над Кокино е силна и таква ќе остане. Она што го видовме и истраживме, го споделуваме со вас. Има уште многу што треба да научиме и сработиме. Екипата која го истражува локалитетот чувствуваше обврска да ги презентира своите истражувања и заклучоци пред пошироката публика и е благодарна за можноста да го стори тоа. Јовица Станковски Кокино - Оживувајќи ги културните достигнувања од минатото
Археолошкиот локалитет „Татиќев Камен“, денес повеќе познат како „Мегалитска опсерваторија Кокино“ (според астрономските анализи кои ја потврдија неговата употреба како место од каде се следени и бележени карактеристичните позиции на изгревите на сонцето и месечината) се наоѓа во близина на селото Кокино, во рамките на општината Старо Нагоричино, на околу 35 км. североисточно од Куманово. Локалитетот е сместен на еден висок неовулкански рид (1013 метри надморска височина) кој доминира над својата поширока околина (Сл. 1). Ридот всушност е вулкански нек (оцврсната лава во изливниот канал на вулканот), а карпите по својот геолошки состав се андензитни. Како резултат на столбестото лачење на лавата, тие испукале хоризонтално и вертикално, создавајќи приближно коцкасти блокови на кои лесно може да се интервенира. Оваа особина ја искористиле праисториските жители за да создадат структури во функција на планинско светилиште и опсерваторија. Археолошките истражувања започнаа во 2001 год. кога, уште со првите откопи, беше евидентно дека се работи за локалитет исклучително богат со археолошки материјал. Истражувањата продолжија и во наредните години, при што се истражени околу 300 м2 на три сектора: на највисокиот дел на локалитетот и на делови од северната и јужната падина. Иако културните слоеви се релативно тенки во сите сектори (тие ретко преминуваат дебелина од 1 м.), количината на археолошкиот материјал во нив е изобилна (Сл. 2). Хронолошки, материјалот му припаѓа на бронзеното време (приближно II милениум п.н.е.), при што најстариот материјал е од неговата рана фаза (XIX - XVII век п.н.е.), а најброен е оној од доцното бронзено време. Ископувањата во мај 2005 год., открија дел од стамбен објект на јужната падина на локалитетот кој според археолошкиот материјал му припаѓа на времето околу VII век п.н.е., т.е. на т.н. развиено железно време. Материјалот од раното бронзено време е релативно малуброен и, се чини, целиот се наоѓа во структури кои имаат обреден карактер. Типолошки и хронолошки се врзуваат за т.н. културна група Бубањ - Хум III, која е дел од поширокиот Балканско - Подунавски комплекс на раното бронзено време. И покрај малубројноста на ранобронзенодопскиот материјал, може да се забележат сличности со соседни културни групи: со Пелагониската (или Арменохори група) од југозападна Македонија и групата Езеро во Тракија (Р. Бугарија). Сепак, најизразита е сличноста со керамиката од светилиштето на бронзенодопската населба на Пелинското градиште, само 7 км. западно од нашиот локалитет. Археолошкиот материјал кој би му припаѓал на средното бронзено време (приближно XVII - XIV п.н.е.) засега може тешко да се дефинира. Причина за тоа е природната ерозија и пореметената стратиграфија на локалитетот поради долгата употреба. Состојбата уште повеќе се усложнува од недоволната истраженост на целиот простор на Североисточна Македонија каде, освен малку истражената населба на локалитетот „Прибовце“ на северната периферија на Куманово, речиси да нема регистриран археолошки локалитет од тој период. Сепак, дел од материјалот, на основа на споредбите со материјалот од Југоисточна Србија, Југозападна Бугарија, а особено со сличноста со материјалот од истовремените населби во долниот тек на реката Вардар може да се врзе за ова време. Врз основа на досегашните истражувања, локалитетот бил најинтензивно во употреба во последните неколку века во вториот милениум, во т.н. доцно бронзено време. Во репертоарот на керамичките садови од ова време доминира утилитарната (т.н. „кујнска“ керамика) во која најбројни се чиниите и поголеми биконични амфороидни садови. Следни по застапеност се шољите, најчесто со конусно, биконусно или топчесто тело и зарамнет венец на устата. Кантаросовидните садови (пехари) имаат средногруба фактура. Најчесто се со „Ѕ“ профилација и две дршки кои го надвишуваат венецот на устата. Бројни се и фрагментите од лонци (обично со средно груба или груба фактура). Фрагменти од питоси има релативно малку. Сите се со груба фактура. Пронајдени се и повеќе фрагменти од лонци со ложиште, т.н. пиранои (pyraunoi). Пирамидални тегови, хоризонтално продупчени во горниот дел, најчесто се среќаваат во групации од неколку до повеќе од десет примероци. Некои од нив имаат нагорени страни. Многу поретки се теговите во вид на пресечен конус. Теговите најчесто на врвот имаат вдлабнатинки изведени со отисок од прст. Ископани се повеќе цели или фрагментирани рачни мелници. Сите се од андезит, или некои негов вариетет. Останати наоди: неколку камени секири од андезитска лава, еден камен чекан, повеќе биконусни или кружни плочести прешлени, еден калап за лиење на бронзена секира и бронзен привезок - амулет, фрагментиран калап за лиење на бронзено копје, калап за лиење на ситни украсни предмети, фрагменти од камени ношчиња, камени острилки и др. Сите овие наоди, иако некои со локални специфичности, се среќаваат на еден поширок простор (централно - балкански, македонски и јужнотракиски) и се карактеристични за населбинското живеење во доцното бронзено време и преодниот период кон раното железно време. Кај дел од керамичките форми еволутивниот развој може да се прати од раното и средно бронзено време во рамките на т.н. Пелагониска (или Арменхори) група. Најблиски паралели за керамичкиот репертоар од доцното бронзено време на локалитетот „Татиќев Камен# се наоѓаат во доцнобронзенодопскиот слој на Пелинското градиште и некрополата на локалитетот „Димов Гроб“ (с. Уланци, Градско), како и во материјалот од локалитетите на т.н. „Брњичка“ културна група од басенот на Јужна Морава. Слична керамика се наоѓа и на истовремените локалитети во Југозападна Бугарија, а особено во населбите во долниот тек на реката Вардар. Култовите изведувани на локалитетот и Мегалитската опсерваторија
Некои топографски карактеристики на локалитетот (добра видливост од неговиот највисок дел до кој се стигнува по наклонета тераса огреана од сонцето) ја индицира неговата употреба како света планина на која биле изведувани, веројатно, повеќе планински религиозни обреди. Два од нив се идентификувани во текот на последните истражувања. Едниот обред бил изведуван на ист начин како и на светилиштето на Пелинското градиште. Имено, во природни цепнатини во стените, понекогаш дооформени приближно кружно во горниот дел, со камен, земја и глина, се оставани садови, или делови од нив. Садовите биле, веројатно, полни со дарови. Потоа ваквиот депозит бил затрупуван со земја и поситен камен. Околу отворот на дупката се редени камени плочи кои не потекнуваат од локалитетот (Сл. 3). Се работи веројатно за вегетативен култ кој требал да обезбеди плодност и богат род. Вториот обред имал нагласено соларен карактер. Имено, во средината на летото (денес во последниот ден на месец јули) сонцето, изгревајќи зад највисокиот маркер на локалитетот и поминувајќи низ вештачки направениот процеп во стените 20 - тина метри подолу огревало, за кратко, само еден од учесниците во церемонијата кој седел на едно од седиштата изделкани во каменест блок на долната платформа на локалитетот (Сл. 4, 5). Тоа бил, веројатно, племенскиот старешина во улога на главен извршител на овој планински обред кому сонцето, на овој начин, му го потврдувало легитимитетот на владетел и врховен свештеник. Обредот се однесува на т.н. „свет брак“, т.е. на соединувањето на небеското божество - Сонцето, со Големата Богинка - Мајка, персонифицирана како карпест планински врв, соединување кое гарантирало нов циклус на обнова на природата. Истражувањата направени во 2002 год. ја потврдија употребата на највисокиот дел на локалитетот како древна опсерваторија од која се набљудувани и означувани со соодветни маркери изработени во стените карактеристичните позиции на сонцето и месечината. Содржините кои ги опфаќа опсерваторијата се наоѓаат на простор со должина (во правец запад - исток) од околу 90 метри и широчина од околу 50 метри. Овој простор опфаќа две платформи, западна и источна, со висинска разлика меѓу нив околу 15 метри. Западната платформа го содржи ансамблот на камени седишта (или престоли), како и посебно место од каде се вршени набљудувањата на небесните тела. Горната, источна платформа, веројатно служела за собирање на учесниците во некои од планинските обреди. За да се разбере функцијата на опсерваторијата треба да се потсетиме на фактот дека сонцето и полната месечина изгреваат на различни места на хоризонтот и дека во некои денови од годината имаат крајни точки на изгревање на него. Сонцето изгрева точно на исток а заоѓа точно на запад само во два дена во годината, на 21 март (ден на пролетната рамнодневница) и на 23 септември (ден на есенската рамнодневница). Најголем отклон кон север (во однос на оската исток-запад) изгревот на сонцето постигнува на 21 јуни (ден на летната долгодневница), а кон југ на 22 декември (ден на зимската краткодневница). За овие карактеристични точки изработени се посебни маркери во стените на источниот хоризонт, посматрано од централната позиција за набљудување на опсерваторијата. Од овие три маркери (еден за пролетната и есенската рамнодневница, еден за зимската краткодневница и еден за летната долгодневница), само маркерот на летната долгодневница е делумно сочуван (Сл. 6). Месечината има покомпликувано движење и одбележувањето на изгревите на полната месечина на источниот хоризонт е доста тешко. Едноставно кажано, таа зиме се движи на небото на места каде што сонцето привидно се движи летно време, а летно време на местата на небото каде што тоа привидно се движи во зима. Затоа, околу маркерите на летната долгодневница и на зимската краткодневница лево и десно од нив треба да се најдат камени маркери кои ги означуваат местата на изгревање на полната месечина во нејзините карактеристични екстремни позиции. Овие маркери се изработени на локалитетот и се релативно добро сочувани. При тоа, древните набљудувачи забележиле дека во ист календарски ден една иста фаза на месечината се појавува во ист маркер еднаш во 19 години. Вака прецизниот календар давал можност точно и рационално да се испланираат сите земјоделски и сточарски работи, во согласност со вистинските временски сезонски промени. Тој исто така сведочи за добрата организација на животот на праисториската заедница и нејзината духовна култура. Јовица Станковски |