|
||||
Порака до сегашните и идните поколенија |
Од книгата Од како постоел човекот, света чест била да си ја сакаш, чуваш, браниш и одбраниш татковината во која што живееш. Тоа било најголемата среќа во еден човечки живот. Најголемиот несреќник секогаш бил туѓинецот, а најголемото проклетство било издавањето или продавањето на татковината. За татковината не постои цена. Така било и така останало за оние кои што се вистински синови на својата земја на светата татковина. Што е тоа татковина? Ова го знаеле луѓето и пред да постојат држави. Тоа го знаеле и кога немало устави, ниту пак некакви закони во кои се утврдувале обврските кон неа. Едноставно, знаеле дека татковината е пред се она што таткото му го остава на синот. Тоа било куќата, нивите, ливадите, планината, таму каде што си роден, таму каде што си пораснал. Се знаело чија е куќата, а нивите ливадите и планините се препознавале по меѓниците. Сето тоа, човекот едноставно го нарекол татковина и без пишани устави и неразбирливи закони.
Кога се оставала татковината од таткото на синот, животен аманет била таа да се сочува. Немал право никој и никогаш поинаку да се однесува. Така била сватена татковината, така се пренесувала и чувала. Ако се јавел некогаш некој колебливец, кој не ги почитувал овие непишани правила, нему сите му го вртеле грбот. Таков бил непшишаниот устав и закон, кој што влегол длабоко во крвта на сите Мијаци. Така се чувала и сочувала татковината од дедо, прадедо на овие простори. Се чувала и сочувала за еден образ и за едно име. За едно достоинство кое што со ништо не може да се наплати. На тој што ја преземал врз себе татковината не му било лесно. Од него се очекувало, старата куќа што ја наследил од татка си, да ја поправи и редовно да ја одржува. Ако се имало можност до старата куќа или пак на нејзините темели се градела нова, поубава и поголема. За да се има, за да им се остави во наследство на поколенијата што доаѓаат. Куќата од таткото не смеела да згасне. По ливадите и градините, по котарите и кледовите, се гледало каков домаќин е наследникот. Продавањето на "татковото" на туѓинец, значело продавање на себе си и предавање на татковината. Тоа биле непишаните мијачки закони, кои што опстојале и останале посилни од пишаните. Да се достои на татковината не било лесно. доаѓале и си оделе и полесни и потешки времиња. Но, во сите овие времиња, татковината се бранела, чувала и сочувала. Таа секогаш зборувала со јазикот на својот стопан. Само тој знаел како да ја брани и одбрани од секакви прогони и посегања. Постоеле секакви обиди, но на гнасните уште во помислата рацете им се сушеле. Така било со векови во Мијачијата. Така било кога немале брашненце во мешарката и кога тропале со кундаци на врата. Татковината секогаш се бранела по секоја цена и токму затоа татковината во Мијачијата останал нечепната до ден денешен. Оваа татковина на Мијаците и денес се наоѓа на своите меѓници. Моите ја знаеле која е и до каде е. Јас со врзани очи можам да Ве однесам на нејзините меѓници, а мојот пород ниту во соне не помислува поинаку. Таа и таквата татковина во сите времиња и низ сите искушенија била привлечна како магнет, таа и останува да привлекува се до крајот на животот. Разни странци и туѓинци се надевале дека со суво злато ќе ја купат оваа наша татковина. Шетале такви по селото и си оделе засрамени и зачудени. Некои туѓинци сакале и со сила да ја зграбат татковината. Тоа го правеле не еднаш, туку повеќе пати, но никогаш и по ниедна цена тоа не им успевало. Неможело, ниту пак некогаш, ќе им успее, затоа што оваа татковина има свои длабоки корени, таа неможе да се откорне. Таа не може да се купи, ниту пак да се украде и украдена да се однесе. Не постоеле, ниту пак некогаш ќе постојат такви сили низ вековите, што ќе можат неа да ја откорнат. Таа секогаш останува своја на своето, да векува во вечните времиња. Оваа и ваквата татковина влегла длабоко во духот и дамарите на своите стопани. Таа од генерација на генерација се пренесувала во крвта. Постоеле времиња кога се одело за корка леб во туѓина ама на туѓинет, татковината не се оставала. Се одело и зиме и лете и дење и ноќе. Се одело и поблиску у подалеку, по суво, по вода дури и по небото се летало... но, мислата за татковината секогаш останувала скриена длабоко во срцето на секој Мијак. Се одело во Европа, по Америка, по Африка дури и во Кина. Многумина уште како деца оделе во туѓина, но сепак секогаш се враќале во своите мијачки огништа. Љубовта и верата кон татковото огниште биле сила што никогаш не згаснувала кај луѓето од овие мијачки предели. Немало сили што можеле неа да ја надсилат. Кога ништо не се имало, од татковината ниту шајка не се продавало. Така се чувала и сочувала оваа татковина со векови. Така ќе биде чувана и сочувана и од помладите што доаѓаат. Тие си ги знаат и меѓниците и аманетите на своите татковци и дедовци. Било каде да се, на Илинден, Петровден, Петковден, Пречиста и преображение, тие се тука сите заедно. Секогаш горди и достоинствени на своето. Вака е сочувана татковината и во другите предели на оваа убава земја. Да бевме сите вакви, ќе имавме ли некакви проблеми? |