|
||||
Амбасадори на македонскиот фолклор во дијаспората |
Гордана Димовска ММД “НИКОЛА КАРЕВ” – МЕЛБУРН Играме и пееме за тебе Македонијо Македонија е земја препознатлива по својата богата историја, природни убавини но и по македонскиот фолклор кој се пренесува од генерација на генерација. Македонската песна и оро се распространети на сите континенти каде што живеат Македонци. Затоа се формирани културно уметнички друштва во дијаспората да го сочуваат ова фолклорно богатство. Така и во Австралија, Македонското младинско друштво Никола Карев од Мелбурн се формирало токму од тие причини. Се основа на 12 декември 1977 година во Јаравил со цел да ги задоволи потребите на младите кои имаа желба да го изучуваат македонскиот фолклор, песната и орото. Започнаа со 30 членови па со голем труд и ентузијазам, се стигна и до бројка од 200 играорци. Со текот не годините голем број на Македонци се иселуваат во други населби на Мелбурн па така и пробите на ова културно уметничко друштво се одржуваа на различни места во зависност од бројноста на Македонците во тие области. И покрај тоа што управите на друштвото се менувале, “Никола Карев“ е секогаш меѓу првите да даде поддршка и учествува во презентирање, афирмирање и одбрана на македонската самобитност. Учествуваат на сите фестивали, изложби, собири, демонстрации кои се одржуваат во Австралија. Значајни се нивните 50 настапи низ Австралија од кои голем број се македонски и интернационални фестивали од натпреварувачки карактер. Гостувале и во Канада и Америка во 1992 година. Секогаш професионални во своите изведби на традиционални македонски ора, сплетови и народни песни, омилени меѓу публиката каде и да се појават. Посебно се ценети нивните настапи на најголемата Мумба парада во Австралија, која ја следат стотици илјади посетители и кои се воодушевени од македонските традиционални носии, а нивната игра ја нарекуваат Beautiful Macedonian dance (убавото македонско играње). Освен негувањето на фолклорот, тие воспоставуваат одлична соработка со познати македонски естрадни уметници и организираат концерти во Австралија. Добитници се и на златни плакети за успешно презентирање на македонскиот фолклор од страна на Матицата на Иселениците и Македонскиот национален ансамбл ‘Танец‘. Посебна заслуга за долгите години на врвот и успешно афирмирање на фолклорот во Австралија има претседателот и кореограф на друштвото Аце Петровски кој веќе 35 години ги води играорците низ тајните на убавиот македонски фолклор и му дава нова димензија на се она што ја прикажува македонската историја и обичаи низ песната и орото. Како резултат на неговата долгогодишна работа, посветеност и љубов кон Македонија, го смислува и поставува на сцена Александрово оро,кое го презентира времето на нашиот најголем војсководец Александар Македонски и борбата на неговата фаланга. Од управата велат: Да се носи името на првиот Македонски претседател, претседателот на Крушевската Република Никола Карев, не е само чест туку и голема обврска. Имаат гостувано во Македонија во 1982, 1986, 1994, 2003 година од каде понесоа прекрасни впечатоци и така се надеваат да биде и овој петти пат на турнеја низ Македонија. Со нетрпение ја очекуваат оваа турнеја под слоганот “Играме и пееме за тебе Македонијо“ во Македонија каде ќе имаат бројни настапи низ повеќе градови во Македонија и со голем број на гости, познати македонски естрадни уметници. Освен планираните настапи, ќе одвојат време и за посета на историското Крушево, манастирот Св Јован Бигорски и многу други убави места. НАГРАДИ И ПРИЗНАНИЈА Големата група Први места на October Fest од 1993 до 1996. Второ место во 1997. Потоа во 1998 се до 2001 повторно добиваат прво место. Први места на ‘Илинденски фестивал‘ во 1988 &1989, 1991-1992, 1993, 1995,1997,1999, 2001,2004, 2006-2007. Први места на Австралиски Мултикултурен фестивал во 1987,1988,1989. Второ место на Вик Етно Фест во 1993 а во 1994 добиваат прво место. На Пикоало Сполето Фестивал – добиваат прво место во 1984. Safeway new faces (Channel 9 tv) 1982 освојуваат трето место. Признанија и награди на Играорци испод 15 години Австралиски Мултикултурен фестивал 1989 – прво место Мacedonian junior festival – први места во 1991, од 1994 до 1998 и 2000. Втори места во 1992 и 1999. Играорци до 12 години: први места од 1993 до 1996. Од 49 настапи “Никола Карев“ има добиено 41 прво место, 7 втори места и 1 – трето место. Честитки за нивните огромни успеси во изминатите години и им посакуваме уште многу да следат понатаму како и промовирањето на македонското оро и песна во Австралија. Програма и настапи на турнејата во Македонија 2014 3 јули – Скопје (Фестивал ‘Скопско лето‘) 4 јули – Битола (Бит фест) 7 јули – Струмица 8 јули – Радовиш 9 јули – Охрид (Балкан фестивал) 10 јули – Охрид 11 јули – Кичево 13 јули – Тетово Организатори и специјални гости: Јордан Митев, Гонце Гогова, Спасен Силјаноски, Анета Арсовска, Елена Јовческа, Болеро бенд, Група Модус со Благица Калева, Група Јупитер со Горан и Ленче Кукич, Марјан Георгиевски (комичар), Сашо Ристовски (комичар), Ансамблот Гоце Делчев, Битола, Ансамбл, Тримери од Струмица, ЗКУ, Иљо Антески Смок од Тетово, КУД Извор од Јегуновце, КУД Китка од Радовиш, Балкан фестивал – Охрид, Фестивал Скопско лето. |