|
||||
„Во очекување на Нобеловата награда“ – нов роман на Душко Родев |
Во издание на „Македонска реч“ Друштвото за издавачка дејност „Македонска реч“ од Скопје неодамна го објави романот „Во очекување на Нобеловата награда“ од македонскиот писател Душко Родев. Најновиот роман на Родев се надоврзува на неговите претходни романи „Разговори со Дојрански“ и „Светлата иднина почнува утре, најдоцна задутре“. Ја продолжува приказната на главниот лик Дојрански. И во овој роман се претставува како раскажувач на човекови судбини, на приказни исполнети со иронија, апсурди, етички деформации, неправди, неисполнети надежи и со тага за празнините во животот... Во поговорот, Благоја Иванов за романот, меѓу другото, пишува: „Времето во кое се случуваат настаните во книгава е тешкиот и темниот период на судирот на Југославија со земјите на Информбирото. Иако навидум младите ги интересира пред сè нивниот личен живот, во кој е силно присутен копнежот по љубов, во нивната секојдневност навлегуваат и прашањата од актуелната политичка ситуација. Душко Родев со овој роман и натаму се потврдува како автор кого го интересираат особено изразито етичките прашања. Во случајов, ... со лирски интонации кои се менуваат со мачни состојби, со хумор кој поминува во иронија, со залет кон `небото` и болно паѓање прудолу, со илузии кои прскаат како нетрајни сапунови меурчиња – доаѓаме и до нашата современост во која грдите пројави од минатото се покажуваат одново...“ Душко Родев (1932, Скопје), романсиер, раскажувач, драмски писател и сценарист. По образование е филолог – романист, работел како новинар, слободен репортер, дописник, но и како уредник во издаваштво. Родев е автор кој беше премолчуван и забрануван во времето на социјализмот. Не бил омилен кај власта во комунистичкиот период и некои дела не му биле прифаќани за објавување. Неговиот роман „Разговори со Дојрански“ беше објавен на македонски јазик две години откако беше објавен на српски јазик. Наградуван е на анонимни конкурси за расказ. За романот „Човекот што ги сакаше калинките“ (2010) ја доби наградата „Роман на годината“ на Утрински весник. Тој е раскажувач на човекови судбини, на приказни исполнети со иронија и апсурди. Негови објавени книги се: Романите: „Беспатици“ (1963), „Враќање кон црвената земја“ (1969), „Еребици во каменестиот пејзаж“ (1974), „Разговори со Дојрански“ (1983 – на српски, 1985 – на македонски јазик), „Светлата иднина почнува утре, најдоцна задутре“ (1988), „Цветот на дивата роза“ (2005), „Човекот што ги сакаше калинките“ (2010, 2012 – Роман на годината за 2010), „Во очекување на Нобеловата награда“ (2014). Книгите раскази: „Зелена боја по дождот“ (1977), „На снегот, со Олја“ (1981), „Косови, зиме“ (1998), Драмите: „Здраво седма сило“ и „Првиот ешалон“ (1991). Сценарист на ТВ-филмот „Дивеч за отстрел“ (1992). |