|
||||
Најстарите жители во Овче Поле |
Најстари познати жители во Овчеполската Котлина секако се Пæонците. Во првото илјадолетие пред нашата ера со Пæонци било населено целото подрачје помеѓу реките Аксиј (Вардар) и Стримон (Струма). Во постаро време пæонските населби допирале до Егејско Море, но подоцна со експанзијата на античките Македонци, особено во времето на македонските кралеви Филип Втори и неговиот син Александар Македонски (4 век пред нашата ера), кога македонската држава се проширила на север, јужната граница на Пæонија се наоѓала кај Демир Капија. Во 217 година пред нашата ера, од политички и безбедносни причини Македонскиот крал Филип Петти (220-179) за да ја обезбеди северната граница на Македонија од нападите на Дарданците, ја освоил Билазора (BylaZora), најголемиот пеонски град според Полибиј. Со завземањето и обезбедувањето на Билазора, Филип Петти се обезбедил од нападите на агресивните и воинствени Дарданци, што значи дека Пæонија целосно паднала во рацете на Македонија. Филип Петти Пæонија ја претворил во протекторат на Македонија, на чело со посебен стратег (генерал). Стратег бил Дида – Пæонец по потекло, кој подоцна во 181 година пред нашата ера бил замешан во убиството на Филиповиот син Димитриј. Бидејќи Овчеполската област била најсеверниот дел на македонската држава и непосредно се наоѓала на границата со Дарданија, најверојатно седиштето на стратегот било во Овче Поле (Пробата). Од 217 година пред нашата ера, Пæонија се поистоветува со Македонија. За Пæонците малку се знае. Некои ги сметаат за Илирско – Тракиска мешавина. Некои ги издвојуваат од Илирите и Тракијците. Некои претпоставуваат дека имаат грчка припадност. Најблиску до вистината е тврдењето на М.Будимир дека Пæонците припаѓаат на Пæонско – Македонската група, која е пелазгиско – индоевропска. Познати се повеќе пæонски племиња кои ги споменуваат античките автори: Херодот, Тукидит, Страбон и други. Во изворите можат да се најдат: Агријани, Дерони, Иори, Сиропеонци, Лајаи, Пајопли, Добери, Астраи. Најверојатно Овчеполската Котлина била населена со племето Астраи. Во 168 година пред нашата ера Македонија конечно паѓа под римска власт и е претворена во римска провинција. Со поделбата на Македонија на четири мериди – области (републики) во 167 Пæонија исчезнува не само како политичка заедница, туку и како етнички и географски поим. Натамошната судбина таа ја споделува со Македонија, во чии рамки егзистира до крајот на антиката. Во Овче Поле (Пробата) во античко време постоеле и градски населби, како: - Астраион – подоцна преименуван во Еусаполис, за кој се претпоставува дека бил центар на пæонското племе Астраи - Билазора – најголемиот пæонски град според Полибиј пред Римјаните, која била утврдена со одбранбени бедеми и најверојатно престолнина на Пæонската држава. Хамонд претпоставува дека во пределот на реката Астибо (Брегалница) се наоѓала кралската куќа на пеонската држава. - Примана, Алмана, Запара и други. Елијан споменува и река Астрај и се претпоставува дека во горното течение на оваа река лежел градот Астраион. Исто така и Примана и Алмана најверојатно биле лоцирани по течението на оваа река. Овие градски населби со исклучок на Билазора егзистирале и во раните средни векови. Лазар Серафимов, учител (1933 – 2013) |