Среда, 06 Август 2014    PDF Печати Е-пошта
Св. Ѓорѓи Кратовски

sv-gjorgi-kratovski

Свети маченик Георгиј Кратовски е македонски православен светител со потекло од Македонија кој маченички пострадал за Христовата вера во осумнаесеттата година од својот живот во почетокот на 16 век.

Во градот Кратово, на крајот од 15 и почетокот на 16 век, живееле две побожни души, маш и жена: Димитриј и Цара. Тие биле здрави, вредни, штедливи и сиромашни, но задоволни со тоа што го имале, а во домот биле весели а во друштвото почитувани. Имале една лична желба која им недостасувала, а која длабоко ја носеле во своето срце и за тоа на Бога Му се молеле. Тоа било желба и молитва Господ да им дарува пород. И таа желба им ја исполнил Бог. Во 1497 година им се родило машко дете, на кое му го дале името Георгиј.

Кога малиот Георгиј навлегол во шестата година, родителите го дале на училиште. Во тоа време училиштата работеле и во црквите и манастирите. Кога Георгиј го добил потребното образование, неговиот татко го дал на златарски занает, како би можел самиот да си заработува за живот. Како што Георгиј имал надворешна убавина, тој исто така поседувал и внатрешна интелектуална способност и многу брзо го научил занаетот. Татко му умрел додека Георгиј бил млад, а него го оставил на неговата мајка. Во турската империја, на секоја петта година, турскиот султан испраќал свои луѓе по земјите христијански, кои ги одбирале најубавите и најумните момчиња, а потоа ги потурчувале, превоспитувале и од нив создавале многу силна армија, позната под името - јаничари. Заради тоа, мајката на Георгиј го засолнила својот син во поголем град.

Златарот Георгиј заминал од Кратово во Софија и таму се настанил кај отец Петар, учен и побожен свештеник, каде уште повеќе ја запознал својата вера, утврдувајќи се во љубовта Христова. Но и таму, младиот Георгиј, многу брзо паднал во очи на мухамеданците, кои сакале ова прекрасно момче да го потурчат. За таа цел избрале еден учен учител да води разговор со Георгиј, да го превоспита, убеди и доброволно да го прими исламот.

Лукавиот законик дошол кај Георгиј, божем да порача нешто од занаетот, меѓутоа, неговата намера била сосема друга. Почнал да го убедува да го остави Христа и да помине во исламот, а за возврат ќе се ожени со ќерката на агата, првиот човек на градот, ќе добие и големи богатства и почести, отколку да се измачува со занаетот. Георгиј на сето тоа му заблагодарил и го прашал: “Дали земната слава е вечна?” Учениот законик одговорил: “Се разбира, сѐ што е земно е пропадливо и времено, но Мухамед има ветено рајски задоволства на оние кои ги исполнуваат неговите заповеди”.

-Во што се состојат заповедите? Прашал Георгиј. - “Во вистинската вера и телесната чистота: а чистотата бара редовно миење и молитви”, одговорил законикот. -Но ако човек, прашал Георгиј, живее блудно и ненаситно, се предава на телесните и стомачни задоволства, дали ќе биде примен во рајот?

Соговорникот бил приморан да признае дека човек со извалкана совест и нечисто срце не ќе го наследи рајот, туку вечните пеколни маки. Одговорите и држењето на младиот светител го загрижиле турскиот законик, кој сметал дека тој по секоја цена треба да биде преведен во исламот или погубен. Свети Георгиј пак, исполнет со Божја сила ликувал со своите одговори и прашања. Кадијата ветувал богатство, убав и развратен живот, но сето тоа Георгиј го осудил дека е од ѓаволот, а не од Бога, и дека се што е на земјата е од привремен карактер. “Знаете ли вие кога Мојсеј го примил Законот од Бога, дека Синајската Гора се тресела од грмотевици; сиот народ разбрал дека Мојсеј е Божји пратеник, кој предавал на народот не свои, туку Божји пораки и закони. Дали Мухамед има нешто слично на ова, ако е Божји пророк?”

Слушајќи го сето ова, мухамеданците постанале нервозни и барале Свети Георгиј веднаш да се затвори оти е многу опасен човек. “Убијте го безбожникот! Тој ја срамоти нашата вера” - извикувале мухамеданците.

Тогаш судијата наредил младичот да биде врзан и одведен во затвор. Свештеникот Петар понудил кауција на стражар за да го пуштат младиот исповедник. По долги молби и барања младиот маченик го пуштиле, а тој во сонот на свештеникот уште повеќе се збогатил во Христа Господа. Свештеникот го прегрнал и целивал и му рекол: “Георгиј, ти сега го прослави Господа како првомаченик Стефан. Биди цврст и во иднина. Мачениците се слават во вселената, а каква ли награда ги очекува на Последниот суд!” Исповедникот одговорил: - Се плашам, оче дали ќе издржам оган. - Помисли на вечниот пеколен оган кој е многу пострашен. - советувал свештеникот. Георгиј го замолил свештеникот, ако е можно, да го откупи, како би можел подолго време да го прославува Господа на земјата.

Утредента нови турски интелектуалци се обиделе да го разубедат младиот маченик да се одрекне од Христа, но сето тоа било попусто. Така повторно окован го вратиле во затворот. По недела дена, повторно бил изведен на суд. Судијата, покажувајќи на својот роден син, го молел Георгиј да се откаже од својата вера, да прими ислам и дека во ништо не ќе биде помал од неговиот роден син. „Ако така ме сакаш, тогаш остави ме да бидам христијанин, инаку на мене не ми се потребни ниту богатство, ниту, пак слава“, велел светителот - Не барам од тебе да се одрекнеш од Христа. И јас го ценам Христос како пророк, кој ќе им суди на луѓето; но ние уште го цениме и Мухамеда, бидејќи Бог му предал клучеви од рајот, му возвратил судијата.

- Да му благодариме на Бога, рекол Георгиј, бидејќи признаваш дека е Христос Божји пратеник, Кој треба да ѝ суди на вселената. Но, Мухамед со ништо не пророкувал не докажал дека тој е пратеник Божји. Пророците никогаш не пророкувале за него. Коранот е полн со басни. Зарем сетилниот рај, што го нуди коранот, е вистински рај?

Мухамеданците исполнети со злоба биле едногласни: “Запалете го, зашто тој го навреди Мухамед, султанот и сите правоверни”. Судијата, свртувајќи се кон Георгиј му рекол: “Правдај се! Слушаш ли што ти велат за тебе овие што те оптужуваат.“ Исповедникот одговорил дека тој не хули на Божји созданија, туку само ја кажал вистината за тоа што ги очекува луѓето кои се слични на незнабошците; и дека е готов да пострада за вистината. „Зарем е тоа хула?“ - ги прашал судијата и насобраните. Тие одговориле: „ние порано ги слушнавме неговите навреди: ако го пуштиш ќе се жалиме на султанот.“ Судијата, обрнувајќи се кон народот рекол: „Гревот нека биде на душите ваши: правете што сакате!“

Навредените се нафрлиле на исповедникот: едни го плукале, други удирале, некои се подсмевале. Некој, пак, повикувал: Правоверни, донесете дрва, за да се запали оној што го навредува нашиот закон! Маченикот Георгиј го повеле кон неговата голгота. Минувајќи покрај црквата Света Софија, свештеникот Петар се доближил и му рекол: - Не ќе биде за долго, Ѓорѓи, стрпи се уште малку! Ѓорѓи одговорил: Помоли се оче, Господ да ме закрепне во овие маки. Свештеникот ги замолил сите христијани да се молат за Христовиот исповедник за да издржи докрај и да го прослави Спасителот Христос.

Поворката пристигнала на градскиот плоштад, среде Софија, каде биле подготвени куп дрва за спалување. Се правеле последни разговори со маченикот, повторно ветувања, но Георгиј бил цврст и верен во својата прадедовска вера: “Јас еднаш изјавив дека никогаш нема да се откажам од својата вера”. Потоа го соблекле оставајќи му само кошула и ѕверски го фрлиле во пламените јазици. Повторно го извадиле од огнот и пак го прашале: - Како ти е Георгиј, дали чувствуваш горештини? - Тој им одговорил: “Ништо не чувствувам, верувајте ми, но за вас несреќници готов е вечниот оган!” Побеснети од ваквиот одговор, повторно го фрлиле во огнот. Неговото лице било свтрено кон исток, конците со кои биле врзани неговите раце прегореле, маченикот се прекрстил и тивко во молитва рекол: “Господи Исусе Христе, во Твоите раце го предавам својот дух!”

Еден од присутните со дрво го удрил по главата, и маченикот го испуштил својот дух. Веднаш потоа, иако времето било сончево, наеднаш се појавил облак и изобилел дожд. Христијаните го праславиле Бога и се помолиле да им се предаде телото на маченикот.

 - Не надевајте се, одговориле Турците, телото ќе го изгориме и во прашина ќе го разнесеме. И исполнети со злоба, покрај маченичкото тело, во оганот фрлиле и животински тела, како не би ги распознале коските на светителот. Моѓутоа, животните изгореле, а телото на страдалникот останало цело. Христијаните, за да ја осуетат намерата на мачителите, си заминале по своите домови, а вечерта тајно ги земале коските на маченикот, прво во еден дом, потоа ги пренеле во соборниот храм “Свети Георгиј”. Утредента, свештеникот Петар се појавил кај судијата за информација дека телото на свети Георгиј го нашол во храмот и побарал дозвола за да го погребат согласно со христијанските обичаи.

Судијата признал дека, сепак, Свети Георгиј Кратовски е светител. Тие штом го чувале неговото тело сведочеле дека, иако нафрлал дрва во огнот, неговото тело останало цело. Судијата дал дозвола телото да се погреба. Светиот маченик пострадал на 18 години во недела месопосна, 11 февруари 1515 година за време на царот Селим. Инаку, бил висок и теник по раст, високи густи веѓи, нос малку повиен надолу; долги и тенки прсти, по карактер смирен и срдечен; никогаш не се смеел напразно, и од неговите усти никогаш не ислегувале празни зборови; со ништо не се гордеел и на никого не му завидувал.

 

На прво место

News image

Мане Јаковлески: Мојот пат по стапките на месијата 2011 година (8)

Петта станица-десно кон улицата Францис, од каде патот нагло, остро се издига кон Голгота (Калварија...

Историја

News image

Границите на Македонија се таму, до каде што допира римскиот меч

Македонија станува римска провинција во 146 година п.н.е., откако римскиот војсководец Квинт Цецилие...

Иселеници

Култура и туризам

News image

ВО АНКАРА– ГРАДОТ НА АТАТУРК И ПРЕСТОЛНИНАНА ТУРЦИЈА(10)

ДЕЛ ОД ПОСЕТИТЕ НА ГРАДОВИ ВО СВЕТОТ ВО ПУБЛИКАЦИЈАТА „СВЕТОТ НА ДЛАНКА“ НА СЛАВЕ КАТИН 

Your are currently browsing this site with Internet Explorer 6 (IE6).

Your current web browser must be updated to version 7 of Internet Explorer (IE7) to take advantage of all of template's capabilities.

Why should I upgrade to Internet Explorer 7? Microsoft has redesigned Internet Explorer from the ground up, with better security, new capabilities, and a whole new interface. Many changes resulted from the feedback of millions of users who tested prerelease versions of the new browser. The most compelling reason to upgrade is the improved security. The Internet of today is not the Internet of five years ago. There are dangers that simply didn't exist back in 2001, when Internet Explorer 6 was released to the world. Internet Explorer 7 makes surfing the web fundamentally safer by offering greater protection against viruses, spyware, and other online risks.

Get free downloads for Internet Explorer 7, including recommended updates as they become available. To download Internet Explorer 7 in the language of your choice, please visit the Internet Explorer 7 worldwide page.