Радовишани можат со гордост да зборуваат и да се гордеат со новоизградената црква која се наоѓа во центарот на градот. Овој величествен Божји храм е посветен на денот кога се празнува Светата Троица кој што е празник на целиот град. Кога за првпат ќе ја видите црквата ќе бидете импресионирани од нејзината големина и нејзиното надворешно опкружување кое прави една целина која може само да се доживее на лице место. Камен-темелникот на соборниот храм посветен на Светата Троица беше поставен на 24-ти Април 1997 година, а црквата беше осветена на 12 октомври 2003 година од страна на Архиепископот Охридски и македонски г.г. Стефан со сите архиереи на МПЦ. Ктитор и комплетен финансиер на ова прекрасно и величествено здание е бизнисменот Ристо Гуштеров кој потекнува од Радовиш. Црквата е проектирана во консултација со најдобриот украински сликар, неколкумина архитекти од „Македонија проект“, а го изградиле градежните фирми „Маврово“ и „Пелагонија“. Црквата „Света Троица“ по нејзината архитектонска конструкција и концепција спаѓа во типот на еднокорабни цркви со развиен впишан крст во правоаголно пространство и сводна куполна партија која е покриена во византиски стил. На пресекот на краците на крстот се развива голема купола на десетостран тамбур и четири помали куполи на просторите помеѓу краците. Сетоа ова е направено со користени примери од македонското архитектонско културно наследство. Црквата е висока 21 метар, а додека камбанаријата е висока 23,5 метри. Храмот е распослан на површина од 550 квадратни метри, а поставен на локација од 4000 квадратни метри. Има партерно уреден простор околу самата црква, а во нејзин склоп се камбанаријата, фонтаната, чешмата, административната зграда и паркиралиштето. Главниот влез на црквата се наоѓа на западната страна има силно потенцирање со отворен трем со колонада од четири столбови на кои се носат три паралелни свода. Фасадата на црквата е класична ѕидарија по примерот на старата градителска традиција со видливо присуство на второстепена пластика во архитектурата. На покривот на објектот за прв пат во Македонија е применета постапката на патинација на бакарот со употреба на соодветен хемиски премачкувач. Исто така треба да се нагласи и збогатувањето на фасадната композиција со затворање на прозорите со витражно стакло во бронзени профили. Подниот мозаик е оформен од разни видови мермер и травертин. Камбанаријата се одликува со фасада која содржи богато компонирање во зони. Изработена е во богата архитектонска расчленетост на фасадните платна по вертикала и хоризонтала. Покрај витражните стакла во втората зона на камбанаријата впечатлива е мозаичката програма на четирите евангелисти: Св. Матеј, Св. Марко, Св. Јона и Св. Лука. Црквата не плени само од нејзината надворешност, туку комплетниот впечаток се добива кога ќе влезете во нејзината внатрешност. Токму за нејзината внатрешност која плени со нејзината убавина и раскош треба да се напомене дека има елементи од сите македонски православни цркви, но и од црквите од Украина, Грција и Русија. Сепак препознатливоста на стилот се состои во стилот на класичното и модерното црковно сликарство, а посебен впечаток се добива со иконописот. За внатрешноста на црквата биле задолжени украински и руски уметници, додека витражите биле на охридскиот мајстор Митко Поповски, иконостасите на Данчо Калачев, а канонските содржини биле реализирани под раководството на д-р Димитар Чорнаков. Иконите на иконостасот се на Калчев од Гевгелија, а фрескоживописот е дело на познатите украински мајстори: Димитри Нагурни, Владимир Недајборч, Виктор Блинов, Јура Левченко, Владимир Цах, Владимир Бовхун, Лариса Мишченко, Ѓеорги Журавски. Резбата е на тајфата на Владимир од Галич од Украина. Во црквата се застапени елементи од античка Македонија и така поставена е ѕвездата на Виргина, лаковите на Александар и Филип Македонски. Иконостасот и столбовите се изработени од 24 каратно злато. На фрескоживописот претставени се следниве композиции на централната купола кои започнуваат со Исус Христос Седржател опкружен со ангели. Потоа следуваат композициите на куполата каде што помеѓу секои два прозори е насликан по еден старозаветен светец. Во тамбурата на централната купола се сместени четири претстави на Исус Христос и програмата завршува со претставување на четирите евангелисти. Програмата на сводната партија е составена од следниве композиции на источниот свод, Вознесение Христово, на јужниот свод, Страшниот суд, на западниот свод, Слегување во пеколот и на северниот свод, Преображение Христово. Програмата на живописот од сводната партија продолжува на вертикалните ѕидни платна и тоа на источното ѕидно платно ја има следната програма. Патот на голготата, Исус Христос на престол, Симнување од крстот, Благовештение, Богородица со Христос на трон, а во апсидата е насликано Светото Тројство. Во апсидата на олтарот е насликана композицијата Причестување на апостолите и литургиска служба на Архиереите. Јужното ѕидно платно го сочинуваат композициите: Распетие Христово, Крштение Христово и Влегувањето во Ерусалим. На западниот ѕид во континуитет е претставена композицијата на Страшниот суд. На северното ѕидно платно е претставено Воскресение на Лазар, Раѓање Христово и Тајната вечера. Според програмата на живописот во првата и втората зона на северниот и јужниот ѕид се прикажани ликови на светители, светителки и свети воини. Над северниот портал се претставени Св. Кирил и Методиј, а над јужниот портал се Св. Климент и Наум Охридски. Иконостасот во храмот е работен во крупна резба во дрво со позлата на одредени фрагменти под водство на авторот Данчо Калчев. Исто така царските двери и владичкиот трон и поголемиот дел од декорот во храмот се позлатени. |