Значајна по својата историја но и по нејзината големина која на прв поглед плени во Скопје се наоѓа соборниот храм посветен на Рожденството на Пресвета Богородица. За изградбата на овој храм има две верзии: првата е дека бил изграден во 1204 година, а втората е дека бил изграден во 1008 година од цар Самоил. Исто така има две верзии за неговото рушење. Според едната храмот бил урнат во 1668 година за време на турската империја, а според другата во 1689 година од страна на австрискиот генерал Пиколомини поради наездата на чума во Скопје. Единствено што е останато од храмот од неговата првична изградба е чудотворната икона на Света Богородица Трирачица која е наречена Трорачица според Јован Дамаски Менсур кој својата отсечена десна дланка ја прицврстил на ликот на иконата. Иконата била изработена од сребро и откако Јован Менсур се замонашил ја однел во Ерусалим за да во 1230 година биде пренесена во храмот „Света Богородица“ во Скопје. Денес оваа икона се чува во манастирот Хилиндер на Света Гора. Историјата на храмот продолжува и во 1835 година се изградил и се осветил нов храм кој што пред да се изгради минал неколку премрежија. Проблеми се појавиле со турските власти кои не дозволувале да се градат христијански храмови, но откако султанот од Цариград ги разгледал сите аргументи поднесени од македонската делегација било дозволено да се обнови и освети Соборниот храм на Рожденството на Пресвета Богородица во Скопје. Храмот е граден од дебарските мајстори-неимари, резбари предводени од тајфата на познатиот Андреја Зографски и се знае дека иконостасот бил во резба која заедно со филиграните претставувал неповторлив уметнички дострел. Архитектонскиот изглед на објектот бил сличен на катедралните храмови кои се граделе во Цариград и Солун и располагал со два дела. Соборниот храм повторно е уништен во 1943 година од страна на бугарскиот окупатор кој на вандалски начин претходно ја ограбил и ги земал сите вредни и значајни црковни предмети од храмот. Иако билo создадено здружение на граѓани за обнова на храмот во 1997 година сепак денешниот храм е ктиторско дело на фамилијата Костовски кои се заслужни за реизградбата и кои инсистирале да се возобнови идентично. Сегашната црква е идентична копија на храмот кој што бил срушен во 1835 година од кршен и обработен камен од скопската околина. Храмот е во базилиелен тип со три брода и со проширување од западниот дел со трем. Средниот брод на кровот е над останатите два врз целата должина од кровот над женската црква над тремот до олтарот. Со повеќеводни широки кровови ѕидовите се малтерисани и црвено обоени, а ѕидовите на храмот се голи. Просторот меѓу столбовите е со стаклени прегради, а од надвор заштитен со железни шипки во вид на ограда. Столбовите се потпираат на ѕидно цокле над 1 метар, а од сите три страни се влегува во црквата во црковниот трем. Главниот влез е од западната страна и низ него се оди на главната врата на храмот. Плафонот е висок 4,5 метри изграден од камен и мермерни плочи со заградени отвори. Главната врата е од бел мермер висока 4,5 метри, а над вратата има нишки во три арки на чии краеви стојат крстови. Должината на храмот била 30, 90 метри, а широчината 17 метри. Во средниот дел била 11 метри, а бочните бродови се 7,50 метри, додека ѕидовите на храмот биле дебели 1 метар, а цоклето на сите три страни е полукружно и повисоко од 1 метар. На бродовите на храмот ставени се вкупно 40 столбови кои го делат храмот по 7 столбови паралелно поставени кои биле дрвени премачкани со гипс и обоени во мермер. Растојанието меѓу столбовите е 7 метри во должина и во ширина над 2 метри, а додека самите столбови се високи 6 метри. Црквата има бел мермерен под со помали и поголеми плочи. Иконостасот во овој храм е ретка творба на македонските-дебарски копаничари кој што има олтарски прегради од мермер и дрво и висок е 3,55 метри составен од 14 колони. Столбовите се шесто или осможлебни, два се тркалезни на краевите до бочните ѕидови. Дрворезниот иконостас се состои од царска врата која има пет полиња, изработена е од Диче Зограф Крстевиќ од Тресенче во 1860 година, а јужната врата има пет полиња во оваа е изработена од Петар Богдановиќ, Стојан Стефковиќ и Трајко Ѓорѓиев Бонда во 1874 година. На северната врата е насликан Св. Архангел Михаил. Иконостасот се состои од Архитрав, Атиката и Акротерија. Храмот има архиерејски стол кој е изработен во филигран и проповедница која е со четиристран труп. Иконостасот бил завршен од 1832 до 1842 година. Иконите во долниот мермерен појас на иконостасот се во должина од 17,4 метри, а широчина од 1,08 до 1,16 метри и се 10 на број. Во вториот ред на иконостасот изработени во китениот дрворез како и третиот ред имало 37 икони што е редок број во македонските цркви. Горниот појас на иконостасот има 15 икони од кои горните се еднофигурни, а на нишата на жртвеникот имало икони од 1838-1841 и 1842 година. Во возобновениот храм кој што од 2008 година е осветен редовно се извршуваат богослужби, венчавки, крштевки, помени и други молитвени потреби за верниците. |