Како што запишал историчарот на уметност д-р Димитар Ќорнаков, манастирската црква Вознесение Христово Свети Спас, за сега не е познато во кое време е подигната. На почетокот Првата Балканска војна, неколку пати била доградувана и обновувана, но според преданијата била изградена во 1842 година. Манастирскиот комплекс зафаќа голема површина со манастирска црква, камбанарија, новоизградени конаци и уреден двор со лозје. Зад манастирските ѕидини се старите и нови градски гробишта. Во минатото имало повеќе маслинови дрва, а околу манастирот бујна шума. На манастирскиот празник Свето Вознесение Христово – Спасовден се одржувал голем традиционален панаѓур, кој траел два дена. Тогаш доаѓале многу гости од околните села и поблиските градови, за чие сместување во минатото црковната управа во минатото изградила неколку анови. Во текот на 50 тите и 60 тите години на 19-иот век, гевгеличани отворено воделе антипатријаршиска и антифанариотска борба, што особено ја разгорувале и ширеле архимандритот Хаџи Павел Граматиков Бохигропски, полјанскиот, дојранско – кукушкиот епископ Партениј Зографски и кукушките преродбенски учители Кузман Шапкарев и Венјамин Мачуковски. Денешната манастирска црква е петокорабна со дрвени рамни таваници. На источната страна е полукружната олтарна апсида, најверојатно сочувана од постарите градби на црквата за време на турското ропство. Главниот влез во црквата е на западната страна, каде се наоѓа и отворениот трем, а на северната страна високо се издига камбанаријата. Првобитно манастирската црква била мала еднокорабна засведена, и по се` изгледа зачуваната до денес апсида. Најновите сознанија укажуваат дека манастирот егзистирал и во 18-иот век, а каква била нејзината архитектура сеуште не е познато. Во текот на 19-иот век, манастирската црква била проширена и имала облик на трокорабна градба со отворен трем на западната страна. Во поново време храмот е проширен на северната и на јужната страна и таа го има денешниот изглед. Старите фрески не се сочувани, а во поново време во 1983 година на западниот ѕид се насликани Вознесение Христово над влезната врата, јужно и северно од оваа композиција се Оплакувањето Христово, Симнувањето Христово од крстот, Богородица со 12-те апостоли, Рождество на Пресвета Богородица и Претставата на Свети Јован Крстител. Овие фрески се копии од нашите средновековни цркви и манастири. Во црквата се сочувани две стари икони од 1767 година и тоа Вознесение Христово и Исус Христос Содржител. Овие две икони најверојатно биле на иконостасот како престолни на црквата од 18-иот век. Икони од 19-иот век и понови се наоѓаат во наосот на црквата и олтарниот простор. Иконостасот во црквата е од понов датум со престолни и празнични икони. Во октомври и ноември 2002 година иконостасот е обновен со нови декорации и премази кои трајно го заштитуваат. Покрај овој зафат, на старешината на црквата Прота јереј Миле Штрбевски, негова значајна заслуга е што ги извади од депоата на црквата запуштените 59 икони од постарите векови и ги презентира во галерија на икони во наосот на манастирската црква. Денес внатрешноста на храмот има сосема друг изглед и секој посетител на храмот со восхит ги разгледува старите икони и обновениот иконостас. Западно од црквата е изграден конак на кат во 1992 година со средства на црквата, а конакот има трпезарија со кујна, парохиски канцеларии, библиотека, сала за состаноци, простории за дневен престој и слично. Во наредниот период се предвидува да се изврши целосна промена на ламперијата во манастирот и целосно глетување на храмот со што истиот ќе се подготви за цртање на фрескоживописот. Вредно е да се спомене дека сите реконструктивни зафати во манастирот се извршени со средства од манастирот и од верниците. Како алтернативен извор на средства е манастирското лозје кое веќе 2 години се обработува, а средствата од произведените ракија и вино исто така се користат како дополнителни средста за опстојување на манастирот. На старите гробишта е погребан Војводата Леонид Јанков, од село Мачуково, легендарен по песната Трба Трби Гевгелиско. За големината и значењето што го има овој манастир говори фактот дека истиот во минатото бил посетуван од голем број митрополити, архимандрити од Цариградската Патријаршија. Најголема посетеност манастирот има за празнувањето на Успение на Пресвета Богородица, на Преображение, на Свети Спас-Вознесение Христово. Посетата на манастирот е секојдневие на верниците од Гевгелија. |