|
||||
Великомаченичката Ирена: Првиот христијански маченик од Македонија |
Прогоните против христијаните од страна на римската власт, кои започнале во времето на императорот Нерон и со извесни прекини траеле се до Миланскиот Едикт во 313 г. кога христијанството било признато за рамноправна религија во Римската Империја, повеќе или помалку, ги засегнале христијанските црковни општини на целата територија на Римската Империја вклучувајќи ги оние во Македонија. За прв христијански маченик од Македонија се смета Великомаченичката Ирена (Ирина) која живеела кон крајот на I век. Како што соопшува анонимниот автор на нејзиното житие, Ирена пред да го прифати христијанството го носела името Пенелопа и потекнувала од благородничко семејство; Татко и Ликиниј бил управник на градот Мигдонија кој се наоѓал во Македонија. Според црковната традиција Ирена била покрстена лично од Тимотеј, ученикот на апостолот Павле и придружник за време на првото и третото патување на Апостолот во Македонија, а подоцна лично од Павле поставен за епископ на Ефес, на која функција останал се до неговата смрт. Покрстувањето на Ирена од страна на Тимотеј се датира за време на првото или третото патување на Павле во Македонија кога Тимотеј единствено имал можност лично да ја покрсти Ирена. Она што збунува во врска со сето ова е фактот, дека, иако се работи за голема и важна светица, сепак, во Новозаветните текстови, во делот каде што сведочат за ширењето на христијанството во Македонија, воопшто не се споменува нејзиното покрстувањето од страна на Тимотеј. Меѓутоа тоа не значи дека податокот во нејзиното Житие не е точен. Напротив, Ирена не е спомната во Делата на светите апостолите зашто во време кога ,,Делата” биле напишани од страна на евангелистот и апостол Лука, Ирена сеуште била млада и непозната за авторот – една од мноштвото христијански преобратеници во Македонија. Во прилог на оваа претпоставка оди фактот дека во Делата на светите апостолите поименично се спомнати само повидните членови на новоформираните христијанските општини во Македонија, додека пак останатите христијански преобратеници (конвертити), меѓу кои била во тоа време сеуште младата Ирена, поради нивната голема бројност не било можно сите поименично да бидат спомнати во текстот. Веднаш по примањето во христијанските редови Ирена започнала со нејзината проповедничка дејност најпрво меѓу мнозинското паганско население во градот Мигдонија и во неговата околина. Како што соопштува авторот на нејзиното житие благодарение на нејзината мисионерска дејност, а потпомогната од локалниот христијански свештеник Апелијан, во редовите на христијанската Црква биле примени нови 3.000 верници. Набрзо нивниот број се искачил на околу 10.000 христијани. Ова е уште еден податок кој оди во полза на претпоставката дека христијанството многу брзо и речиси незапирливо се раширило во сите делови на Македонија. Соочен со ваквиот голем подем на христијанското учење сред жителите на Мигдонија, римската власт, на чело со новиот градски управник Седекиј, превзела енергични мерки против повидните членови на локалната црковна заедница. Како резултат на ова властите успеале најпрво да го уапсат Апелијан, а потоа и Ирена. Останувајќи непоколеблива во христовата вера Ирена одбила да им жртвува на римските богови, што било причина да биде изложена на жестоко измачување. Според нејзиното житие, таа најпрво била фрлена во ископана јама полна со змии отровници, но откако останала неповредена Седекиј ја изложил на дополнителни измачувања. Издржувајќи ги храбро и достоинствено сите маки на кои била подложена, иако не се кажува како и под кое образложение, Ирена била ослободена од затворот, ја напуштила родната Мигдонија и заминала во градот Калиполис, каде продолжила да го проповеда христовото учење. Тоа била причината што Ирена повторно била уапсена од страна на тамошната римска власт на чело со Бабадонос кој ја извршувал функцијата управник на Калиполис. Тој ја подложил Ирена на нови измачувања, меѓутоа восхитен од нејзината храброст Бабадонос и самиот поверувал во христовото учење и според црковната традиција заедно со голем број на нови верници бил воведен во христијанството.По успехот во Калиполис, Ирена ја продолжила својата мисионерска дејност во другите приморски тракиски градови меѓу кои се спомнува Месембрија.Според преданието таа се упокоила во градот Ефес кон крајот на И или можеби почетокот на II век. Дејан Донев |