|
||||
Похвално слово на бестелесните Михаил и Гаврил сочинето од Климент епископ |
Празникољупци, настапи пресветлото тржество на бестелесните сили што го надминува сиот ум и разум и што го огрева светот со пресветли знаци. Тоа не е телесна природа, туку природа несетивна и та сјае со зраците на разумот од самото божество. И околу божјиот престол стојат трепетно и со крилјата трепетно ги сокриваат своите лица и со неспирен глас трисвети песни му испраќаат на Бога велејќи: Свет, Свет, Свет Господ Саваот, се исполни сета земја со негова слава! Зашто во радост почитани со божествена светост едни се наречуваат престоли врз кои лежи силата и власта на триж вечното божество, а други херувими и серафими, шестокрилни и четиризрачни и со многу очи, пријатели на силата и на власта, пријатели на господството и на првенството. Другите се ангели и архангели, безбројна војска, сите во својата редица што ја предводат и во чија работа имаат свој поредок. Тие секогаш ја предвестуваат славата Божја, а други се испраќаат на служба кај земните, едни за казна и одмазда на нечестивите, а други да ги упатуваат верните кон спасение и радост, како одамна што се покажа преку ангелите и боговидецот Мојсиј на Синајската Гора, ликот на пресветата Божја капина што горела во оган, а не догорувала. И пак на истиот тој Мојсиј му се покажала сенка во гората што сигурно ја направил ангел херувим засенувајќи ги обете поли на олтарот и му се јавил пак нему додека му се молел на Бога и зборувал: „Господе, ако најдам благодат пред тебе, тогаш јави ми се самиот јасно, за да те видам и да сфатам дека сум нашол благодат пред тебе“. А Господ му рекол: „Еве зборот што го кажа, ќе го исполнам, ти најде благодат пред мене“. А Мојсиј рекол: „Покажи ми ја Господе славата твоја и ќе видам дека сум нашол благодат пред тебе“. Господ му рекол: „Не можеш да го видиш мојот лик, оти човек не може да го види мојот лик и да биде жив, но еве, место до мене, ти застани до каменот, а јас ќе те покријам со својата рака, додека да поминам, па ќе си ја тргнам раката и тогаш ќе го видиш мојот грб, а моето лице нема да ти се покаже“. И тогаш кога Мојсиј ја виде заднината на Божјата слава, лицето му се просветли дури како сончева светлина но си го покри лицето со крпа, па така им зборуваше на луѓето; оти не можеа да му го гледаат лицето, поради светлината. И пак многугласниот пророк Исаија кажал: „Го видов Господа на висок престол издигнат и серафими стоеја околу него секој со по шест крилја и пееја трисвети песни зборувајќи Свет, Свет, Свет. Господ Саваот, да се исполни сета земја со славата негова. И пак истиот тој Исаија кажува: „Кога беше болен Езекија, царот еврејски, тргна против него царот асирски, за да му го преземе градот. А царот беше нажален поради војната што му дотежна на градот и му се помоли на Господа Бога со зборовите: „Спомни си, Господе, дека одев пред тебе со вистината и со срце смирено и направив угодни дела пред тебе“. Господ му рече: „Не бој се, нема да влезе во твојот град ниту пак ќе фрли на него стрела ни штит, оти јас ќе го заштитам градот и ќе го спасам, заради мене и заради Давида, слугата мој“. И слезе ангелот Господов и истепа 185 илјади од асирската војска и утрината, кога станаа, ги најдоа сите мртви. Ете таква е силата на тие бестелесни и божествени слуги. Сите тие го имаат за началник големиот архистратиг Михаил којшто е војвода на бестелесните сили. Од помеѓу нив еден ангел беше добил власт над создавањето и надзор над земното устројство, и не беше создаден ни лукав, ни зол од Бога, туку благ. И бидејќи проникнат со благост, од благост се преврте кон злоба и исполнет со лошотија, намисли да му се спротивстави на својот Творец и Бог. Неговата грубост и охолост не ги поднесе архистратигот Михаил и со сите бестелесни чинови го фрли на земја и отпадниците со него, наречени од него ангели. И на тие им стана началник, поради својата злоба лишувајќи се од Божјата светлина и откако стана подложен на клетва се претворија во зли духови од ангелски суштества и убавина, и станаа подложни на вечна мака. Злобата не се меша со божествена благост, како што кажува евангелистот Јован во своето пророштво: стана војна на небеси, во која архангелот Михаил и сите негови војници војуваа со змејот и го симнаа од неговиот чин. Така кажува и Јуда светиот апостол, брат му на Јакова. Тој вели дека големиот архангел Михаил, кога се расправал со нечистиот не смеел да искажува богохулен суд против него, но рекол: нека ти забрани Господ за тоа, гаду! Таква ревност кон Господа и својот творец треба да имаат сите оние што имаат чин и стојат во својата легија и се насладуваат од неискажаната светлост и божествена убавина, без да имаат во себе некое величие подолу од злобата, имајќи во себе само волја и желба со благост да ја држат својата легија во која секој од нив е нареден. На човечкиот род Бог му ги подарил сите чудеса и благодати, со тие големи архистратизи, со едни победа над противниците, со други блага вест за радост на земјата. Пофалбите кон нив не може ни јазик да ги искаже, ни ум ќе успее достојно да ги пофали, не наспроти на својата немоќ, колку што можевме да постигнеме, упатувајќи ги своите надежи кон нив, да ја изразиме нивната неискажана милост и застапништво против сите напасти. Бидејќи со овие архистратизи Господ го исполнил небескиот круг на чудесата и земјата чудесно ја украсил, тие ги одржуваат небеските војски трепетно застанати во своите редови, со нив четирите краја на земјата се дочувале неподвижни, со нив морската шир по Божја заповед го дочувала својот вид неразлеан и не ги пречекорила своите граници, со нив човечката природа останува незасегната од сите страсти, прогонетите од нив демонски полкови исчезнуваат, тие ја разружуваат од корен идолската измама, тие блескаво ја красат црквата упатувајќи му на Бога трисвето правоверно и едногласно пеење. Тие сета ерес ја истребија и се расцути вистинската вера венчавајќи православни исповедници. Тие секаква напаст и страдање разгонуваат и болести лекуваат. Ним едногласно и радосно им се поклонуваме, со пофалби им пееме зборувајќи: радувај се, архистратиже Михаиле, по старешинство ти си прв војвода на бестелесните сили; радувај се, архистратиже Гавриле, прв благовесник на сите радости; радувај се архистратиже Михаиле, прв скиптроносец на единосушната и неразделна Троица; радувај се, архистратиже Гавриле, вистински служителе на триж вечната светлина; радувај се, архистратиже Михаиле, осветлен со зраците на триж вечниот блесок и што го осветлуваш сиот свет; радувај се, радосна похвало, Гавриле, што ја красиш вселената со радост, и што ја овенча староста на Захарија со добрата вест за Јован Крстител и неплодната природа плодна ти ја направи; радувај се, архистратиже Михаиле, ти што си го победил господарот на темнината и достојно стоиш до престолот Божји; радувај се архистратиже Гавриле, на вечното слово на Татковата светлост, пресветол благовесниче, оти твојот глас ја огреа сета земја, а со твојата вест пречистата и непорочната Богородица се исполни со радост и без семе, само од Божјиот зрак, неискажано зачна. Радувајте се сложни и пламени застапници на сите што се засолниле под вашиот покров, оти победувајќи ги со верата смртните, вие ги испреваривте нив во пеколот, и гробните плочи ги урнавте известувајќи ги мироносниците за радоста на воскресението, откако ги победивте најнапред адските сили во гробот и извикавте: „Отворете ја вратата ваша, кнезови, за да влезе царот на славата“! А тие од страв се вџашија и паднати како мртви рекоа: „Кој е тој цар на славата“? Пак бестелесните архистратизи со бестелесна сила им одговорија: „Господ крепок и силен, Господ силен во борба, тој е царот на славата“. Секаде по службата на Бога се јавувате со брзина на молња, противниците ги победувате и верните ги развеселувате. А пак кога се покажавте покрај гробот, им направивте чест на учениците на својот Господ. Едниот седнат кај главата, а другиот кај нозете, каде што беше лежало телото на Господа Исуса и рековте: „Зошто барате жив кај мртвите, овдека го нема, тој стана како што е кажано“. И пак, кога Господ се вознесе на небо, застанати пред лицето на апостолите рековте: „Мажи Галилејци, што стоите и гледате на небо: Исус, којшто се вознел откај вас на небо, ќе се врати пак, така како што го видовте да оди на небо“! Така треба да му се прави чест на Господа Бога нашиот творец. Од нив сета вселена е огреана, од нив пророчки лик се исполнува со духовна благодат и го исполнува своето светло пророштво. Со нив патријарсите и сите праведници се венчани, со нивниот апостолски лик сложно трисвета песна на Бога му праќаат, овенчувајќи се, со нив многуте маченици со прекрасни венци се овенчани, со нив архиерејската пофалба се сподоби со бескрајни радости. Со нив жителите на пустините, со умртвени животни страсти и сладости, го завршиле својот живот, со нив и во последниот ден ќе се отворат гробовите, и умрените тела од нивниот пресвет глас оживеани ќе се кренат. Од нив и отпаднатиот ѓавол со своите нечисти сили ќе биде врзан и фрлен во вечна мака, од неа да не` избави со нивните молитви нашиот милостив Бог, негова да е славата, со неговиот вечен Татко и сесветиот и благ животворен негов Дух, сега и секогаш и во сите векови, амин. Од книгата „Климент Охридски (житија, слова, поуки), Скопје 1974. Марко Китевски |